Иселеници од Австралија и од Америка со писмо до претседателот Иванов

1052

Во имe на „Македонскиот манифест“ од Австралија и од Америка и од долупотпишаните Mакедонци од Мелбурн, Австралија (собирањето потписи продолжува), како и од поддржувачите на социјалните мрежи (17 илјади поддржувачи), ве замолуваме, односно бараме итно, без одложување, да го поставите прашањето за името на нашата држава Република Македонија во Обединетите нации, бидејќи ова е последна можност да го спасиме нашето македонско име.
Со повелбата на Обединетите нации ни е дадена можност да се нарекуваме така како што ние сме одбрале (Македонци во држава Македонија) и да го браниме тоа ако биде загрозено. Нашето име е загрозено од домашните предавници на чело со Зоран Заев и поединци предавници од ВМРО-ДПМНЕ.

Господине претседател, сакам лично да ве потсетам на средбата што ја имавме пред некое време во вашиот кабинет со членовите на „Македонскиот манифест“ од Македонија каде што бев присутен и јас лично – Илија Андонов, архитект од Мелбурн, Австралија. На таа средба, господине претседател, ветивте дека прашањето ќе го поднесете во Обединетите нации итно, штом ние собереме одреден број поддржувачи Македонци со име, презиме и потпис. Еве господине претседател ние го правиме тоа и затоа сега вие треба да го исполните вашето ветување итно, без колебање и двоумење, бидејќи времето неповратно ни бега.

На крајот на краиштата, господине претседател, постапете во согласност со заклетвата што ја имавте дадено кога ја презедовте функцијата претседател на Република Македонија, дека ќе ги чувате редот и поредокот и Уставот на државата, нешто што и самите го спомнавте на вашето годишно обраќање во парламентот на Република Македонија. Заклетвите се обврзувачки господине претседател, а не декларативни и како убава декларација на јавните настапи.

Вие сте татко на нацијата и бараме итно неодложно така да дејствувате. Се надевам дека кога ја презедовте функцијата претседател не сметавте само на благодатите што ги носи истата таа. Сакам да ве потсетам дека оваа функција носи одговорност и ризик.

Илија Андонов, Мелбурн, Австралија
Ристе Илиевски, Мелбурн, Австралија
Нестор Огинар, Њујорк, Америка