Илинден, Власите, Крушево денес

623

Помина 2 Август, денот што беше прославен под мотото „Сите сме деца на Илинден“ – слоган на чествувањата. Па, редно е уште еднаш да си честитаме: За многу години Илинден, националниот ден на Република Северна Македонија, со многу здравје и бериќет! Но и во оваа пригода треба да се кажат некои работи, кои, според мое мислење, се премолчуваат и не им се дава никакво значење. Тоа е прашањето за местото, улогата и учеството на Власите во историјата на Македонија, како во далечното минато така за Илинденското востание во 1903 година, а особено за состојбата на влашкото малцинство во нашата држава денес.

Пред десетина дена еден пријател, кој целиот свој работен век го помина како историчар, по кратки воведни констатации, со видно растреперен глас ми рече: „Целиот живот читам историја од наши историчари, ама никаде и никогаш не прочитав дека некој Македонец им изразил благодарност на Власите за сѐ што направија тие за Македонците во минатото. Има во минатото многу историски настани и процеси што се иницирани од Власи по националност, меѓу кои може да се вбројат преродбеници, револуционери, политичари, научници, уметници, поети и лица од други професии.

Во Крушевската Република, на пример, беа востановени три најврвни функции – претседател на Републиката, претседател на Владата и главен војвода. Две од овие три функции ги имаа Власите – Дину Ванѓели, како премиер, и Питу Гули, воен предводник на востанието. Познато е како и што се случи потоа. Питу Гули замина право во смртта! И секоја чест, славен е и му е изречена/искажана благодарност. Но на Дину Ванѓели никаде не му се споменува името, а нема ниту споменик. Да, за волја на вистината, неколкумина Власи станаа носители на признанијата „илинденци“ и добиваа паричен надомест, но тоа не ја покрива запоставеноста на Власите за востанието.

Некаде во 1982/1983 година, во својство на раководител на Службата за план и анализа во РЗЗС во РО „Стакларница“ – Скопје, службено бев во „Кристалограверница Крушево“ во Крушево. Таму, од една службеничка, откако кажав дека сум Влав, слушнав една ваква работа: „Е хеј, пред десетина години во Крушево сите зборуваа влашки“. Така можеби беше тогаш. Денес, сигурен сум и тврдам дека младите Власи во Крушево и во Северна Македонија, 99 отсто, не го зборуваат својот мајчин јазик. Сигурен сум дека во Крушево нема семејство што навечер седнува на софра/маса да вечера и да си разговара на влашки јазик. Сигурен сум дека во Крушево, на улица, не може да се видат деца на шест-седумгодишна возраст што си играат и си зборуваат, се караат, се пцујат на својот сочен влашки јазик.

Ете, таква е состојбата со Власите во Северна Македонија денес. Дали тоа е само нивна вина или одговорите треба да се бараат на друго место, останува без јасен одговор.

Димо Н. Димчев