Издвоено мислење на двајца членови на комисијата за заштита од дискриминација

273

Мнозинството на Комисијата за заштита од дискриминација донесе мислење по претставката бр. 8/79-1 од ден 14.3.2018 година, поднесена против телевизијата Алфа, а за емисијата на Миленко Неделковски, во која, според подносителот на претставката, постои дискриминација по основа на етничка припадност.

Со мислењето, мнозинството од комисијата не поведува постапка за дискриминација против телевизијата Алфа, поради тоа што наводно истата претставка се однесува „на погрешно лице“. Имено, мнозинството од комисијата смета дека претставката не може да се однесува на телевизијата Алфа затоа што емисијата на Миленко Неделковски била надворешен проект, па телевизијата Алфа не може да сноси одговорност за тоа што се емитува како надворешен проект. Исто така, мнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација смета дека треба да ѝ се даде важност на слободата на изразување како вредност на секое демократско општество.

Со ваквото мислење не се согласуваат членовите на комисијата, д-р Беким Кадриу и д-р Ирфан Дехари, кои во согласност со Деловникот на комисијата го поднесуваат и образложуваат следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
1. Мнозинството од Комисијата за заштита од дискриминација греши кога не поведува постапка поради тоа што претставката се однесува на „погрешно лице“ односно на телевизијата Алфа. Прво, комисијата мора да постапува по претставката и по допрен глас, без разлика на кого се однесува претставката. Не може комисијата да се скрие и да не поведе постапка поради наводни процедурални пречки само за да штити определено лице што прави дискриминација. Спротивно, комисијата треба да реагира секогаш кога според содржината препознава дискриминација.

Второ, токму телевизијата Алфа е должна да внимава на емисиите што ги објавува. Телевизијата Алфа и секоја друга телевизија и медиум се одговорни за секоја емисија што се емитува во етерот. Ако некој купил одреден простор во медиум или некоја емисија е надворешен проект, тоа не ја амнестира телевизијата од содржината што одлучила да ја емитува. Особено кога емисијата е претходно снимена. Не може некој да шири говор на омраза, да поттикнува дискриминација, да прави вознемирување преку телевизија, а телевизијата да не сноси одговорност со аргументот дека „емисијата е надворешен проект“. Медиумите се должни да го почитуваат Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (член 48), како и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Двата закона ги обврзуваат медиумите да внимаваат на содржината што ја емитуваат да не дискриминира, да не поттикнува дискриминација или вознемирува.

Трето, Комисијата за заштита од дискриминација веќе има одлучено за постоење дискриминација во случај за емисија на Миленко Неделковски, и тоа против телевизијата Канал 5 (Мислење по претставка бр. 19-01 од седница од ден 31.5 2018 година). Значи комисијата има заземено став дека телевизиите мора да сносат одговорност за тоа што го емитуваат. Поради тоа, не е јасно зошто во конкретниот случај мнозинството од комисијата не поведува постапка и доаѓа во конфликт со сопствената воспоставена практика.

2.
Од мислењето на мнозинството од комисијата се гледа дека се става тежина на слободата на изразување. И овој аргумент на мнозинството не држи. Не треба да се биде научник да се знае дека слободата на изразување е ограничена слобода. Тоа го бара и Европската конвенција за човекови права и практиката на Европскиот суд. Не смее слободата на изразување да се злоупотребува и да се користи за говор на омраза, дискриминација и вознемирување. Во конкретниот случај јасно се гледа дека постои поттикнување дискриминација и вознемирување по етничка основа. Комисијата за заштита од дискриминација треба да биде токму тоа тело што ќе ги препознае формите на изразување, кои претставуваат дискриминација. За жал, мнозинството од комисијата не го прави тоа. Спротивно, мнозинството од комисијата наместо да штити од дискриминација, го штити тој што дискриминира.

3. Ако мериторно се навлезе во содржината на емисијата, јасно се гледа поттикнувањето на дискриминацијата и вознемирувањето што се права од страна на авторот и соговорникот во емисијата. Именувањето на припадниците на определена заедница со погрдни зборови како „скитач, чергар, бездомник“, тезите дека истите тие „не можат да се спитомат“, дека се „племе, кое не може да изгради ни соработка ни соживот“, најмалку предизвикуваат вознемирување (член 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација), преку повреда на достоинството и создавање навредлива, непријателска и понижувачка средина кон припадниците на таа заедница. Ваквата содржина и поттикнува дискриминација, забранета со членот 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Поради горенаведеното, членовите на комисијата д-р Ирфан Дехари и д-р Беким Кадриу, сметаат дека

1. комисијата треба да поведе постапка за овој случај, поради дискриминаторската содржина на емисијата, а не да се крие зад тоа против кого е поднесена претставата;
2. по поведувањето на постапката, комисијата треба да одлучи дека постои (а) вознемирување и (б) поттикнување на дискриминацијата сторена од телевизијата Алфа, врз основа на етничка припадност;
3. комисијата треба да препорача да се отстрани повредата, како и да не се повтори во иднина, на начин што медиумот мора да ги почитува законските одредби за забрана на дискриминација и да сноси одговорност за тоа што го емитува.

проф. д-р Беким Кадриу
д-р Ирфан Дехари
Членови на Комисијата за заштита од дискриминација