Зошто Западен Балкан е црна дупка во Европа?

703

Два месеца по формирањето на владата на Тадеуш Мазовиецки, која во полскиот парламент беше изгласана на 12 септември 1989 година, во Варшава допатува 6-члена делегација од Белград предводена од претседателот на Градскиот комитет на белградските комунисти, Радош Смиљковиќ. При посетата на Амбасадата на СФРЈ, шефот на белградската делегација нагласи дека се дојдени да видат како полските комунисти наивно ја загубиле власта, за да не им се случи тоа и ним. Во разговорот со белградската делегација изнесов претпоставка дека доколку и во Југославија би се одржале слободни избори како во Полска, комунистите ќе претрпат пораз во сите југословенски републики. На мојата претпоставка, лидерот на белградските комунисти реплицира со следната изјава: „А не, ние власта не ја даваме! Ние власта ја освоивме со проливање крв и може да ја загубиме само со проливање крв!“ Подетално за ова може да се прочита во мојата неодамна објавена книга „Варшавски години“.

Лидерите на земјите од З. Балкан, кои настанаа по распаѓањето на СФРЈ, не ја разбраа пораката на времето дека социјализмот се покажа како неуспешен систем и дека треба да биде заменет со систем базиран на парламентарна демократија, пазарна економија, владеење на правото, слобода на изразувањето, права на човекот и на другите цивилизациски вредности. Политиката и науката во Југославија настапуваа со теза дека самоуправниот социјализам е најдобар и незаменлив систем, бидејќи е базиран на позитивните искуства на социјализмот и на капитализмот, така што нема потреба за какви било промени во него! Мислам дека за тоа беше снимен и филм со наслов „Нешто помеѓу“. Ни малку не беше случајно тоа што во Југославија на смената на власта во Полска се гледаше како на инцидентен случај, а не како на процес што ќе се прошири на сите социјалистички земји.

Балканот, а посебно З. Балкан е регион на кој се наталожени наследства и традиции од Византија, од Отоманската Империја и од комунизмот, кои се инкомпатибилни со вредностите на западната цивилизација! Додека Полска, Чехословачка, Унгарија и другите поранешни социјалистички земји со католичка или протестантска вероисповед, по неуспехот на социјализмот и по распаѓањето на Советскиот Сојуз, видоа шанса за враќање на милениумските традиции на западната цивилизација, балканските земји, посебно оние од З. Балкан видоа опасност од загрозување на нивните традиционални вредности.

Значајно би било да се истакне дека главен промотор за зачленување на посткомунистичките земји од Централна и од Источна Европа во НАТО и во ЕУ беше Полска. По иницијатива од полскиот претседател Александар Квашњевски овие земји се договорија да ги остават настрана сите меѓусебни спорови, со намера колку што е можно побрзо зачленување во НАТО и во ЕУ. Благодарејќи на ваквата стратегија Полска, Чешката Република и Унгарија беа примени во НАТО во 1999 година, а 5 години подоцна и во ЕУ. Словачка во почетокот на овој процес доцнеше поради авторитаризмот и популизмот на нејзиниот лидер В. Мечијар, но, по неговото заминување од политичката сцена и оваа земја ги исполни условите за прием во НАТО и во ЕУ.

Лидерите на некои поранешни републики на СФРЈ распаѓањето на биполарниот светски поредок, за жал, го разбраа како шанса за создавање големодржавни моноетнички творби („Сите Срби во една држава“), а не како предизвик за создавање модерни држави со парламентарна демократија, пазарна економија, владеење на правото, права на човекот, слобода на изразувањето, слобода на медиумите и слични вредности. Ваквите политики доведоа до ретроградни процеси, распад на Југославија и крвави војни на нејзините простори, кои сериозно ги загрозија шансите на новосоздадените држави за интегрирање во цивилизираниот свет! Ваквите ретроградни политики придонесоа регионот да назадува и во економијата. Поради несредените состојби во регионот, странските инвеститори се воздржуваа од инвестирање во државите од З. Балкан.

По демократските промени што се случија во посткомунистичките земји од Централна и од Источна Европа дојде до силен наплив на странски инвестиции во овие земји. Во почетокот инвестициите доаѓаа од развиените западноевропски земји, а подоцна и од т.н. азиски тигри, кои инвестираа првенствено во автомобилската индустрија и во белата техника, за да има пласман на производите од овие индустрии на богатиот пазар на ЕУ. Доколку земјите од З. Балкан тргнеа по патот на демократијата и реформите, инвестициите од азиските тигри, првенствено поради геоекономски причини ќе беа насочени во балканските земји, а не во земјите од Централна и од Источна Европа. Најдобра потврда за тоа е определбата на Кина за обнова на „Патот на свилата!“ Кина го купи пристаништето во Пиреја (Грција), а подготвена е да учествува во модернизацијата на железниците до Будимпешта. На средбите со лидерите на 18 земји од Централана, Источна и од Југоисточна Европа, Кина изразува подготвеност во овие земји да инвестира 13 милијарди американски долари! Значајно би било да се истакне дека Кина е заинтересирана првенствено за изградба на автопати, модернизација на железниците и за инвестирање во т.н. валкани индустрии, поточно во металургијата (железарницата „Смедерево“, РТБ Бор), за да го реши сопствениот проблем со огромното загадување на околината!
Коста Стоименовски