За подобро треба време

259

Познато е од пред неколку години или деценија и повеќе дека демографската состојба во земјава се менува. Впрочем, се намалува наталитетот или бројот на живородени деца, а се зголемува морталитетот или бројот на умрените лица. Како резултат на тоа се намалува и природниот прираст на населението. За ваквата демографска состојба е доста анализирано, пишувано, укажувано, насочувано, давано предлози, сугестии, мерки и активности, но од сето тоа во тој изминат период не се или многу малку се прифатени тие предложени активности. Истовремено беа направени и две стратегии, беа донесени некои заклучоци, беше давана некоја стимулативна помош од разни видови (финансиски, материјални и слично), меѓутоа секоја година по извршените анализи, заклучоците беа дека не се постигнати саканите ефекти, а тоа значи дека преземените активности не дале подобрување на состојбите или не се добиени очекуваните резултати.

За да го констатираме сето тоа, односно во каков правец се движат овие демографски параметри добро е преку свежи или најнови податоци со направени студиозни анализи да се прикаже со загрижување состојбата. Од тие причини, бидејќи состојбите за 2018 година делумно се познати, а имаме најсвежи податоци со состојбите од првиот квартал за 2019 година или за периодот: јануари, февруари и март 2019 година, добро е веднаш да се искоментираат преку анализи за да може во согласност со истите тие да се преземат итно мерки и активности. Зошто така? Затоа што иако се знаат негативните појави во оваа сфера, сериозно не се преземаат конкретни мерки како што се прави за други области (стратегии, реформи, акциски планови, донесување решенија и слично).

И навистина за сево ова да нѐ загрижи сите, преку анализите направени ќе ги искоментирам состојбите што се далеку позагрижувачки од 2018 година. Во истиот период од 2019 година во однос со 2018 година помалку се живородени 700 деца, умрени се повеќе 199 лица и како резултат на тоа природниот прираст на населението е негативен и поголем за 899 во однос на 2018 година. Што значи ова за 2019 година? Дека природниот прираст на населението за овие три месеци од 2019 година е во негатива за 1.076, а во 2018-та бил 177. Навистина оваа разлика е голема и заслужува внимание бидејќи многу повеќе од лани е намалено населението. Доколку, пак, ова природно негативно движење на населението го анализираме во осумте региони може да се констатира дека во шест региони (североисточниот, источниот, вардарскиот, југоисточниот, пелагонискиот и југозападниот) имаат негативно салдо, а само во два региони (скопскиот и полошкиот) имаат позитивно салдо. Меѓутоа состојбата не само од регионален аспект, туку и на ниво на општини е загрижувачка ако се има предвид бројот на општините што се зафатени со овие негативни појави. Нивниот број е 60 од 80 општини во земјава или тоа е 75 отсто од општините. Ако на тоа се додаде дека неколку општини имаат прираст за еден или два, тоа значи дека 80 отсто од општините во земјава се со негативен природен прираст на населението или во нив се намалува бројот на населението. Посебно за одбележување е што овие негативности се појавуваат веќе со години кај педесетина големи и урбани општини како што се: Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Кичево, Кочани, Велес, Берово, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Богданци, Демир Капија, Кавадарци, Неготино, Кратово, Крива Паланка, Македонски Брод, Валандово, Гевгелија и други. Но, уште полоша е состојбата во руралните општини како што се: Дебрца, Маврово Ростуша, Могила, Новаци, Конче, Кривогаштани, Старо Нагоричане, Зрновци, Чешиново-Облешево, Васелево, Вевчани, Лозово, Ранковце, Ново Село и други.

Повеќето од наведените општини веќе со години имаат негативен природен прираст и со години им се намалува бројот на населението. Посебен проблем во сето намалување на населението има тоа што немаме податоци за иселувањето на населението од земјава, бидејќи во поголем дел од овие наведени општини се претпоставува дека населението е иселено или во други општини во државава или во друга земја надвор од нашата.
Секако дека можност за подлабински анализи постои, но и наведените се доволни. Сево ова треба да се има предвид за бројот на населението што го имаме во државава, регионите, општините и населените места од причина што се донесуваат многу стратегии, се донесуваат решенија за развој на руралните општини за изградба на патишта, комунално уредување, градинки, училишта, се донесоа многу промени во социјалната заштита и други акциски планови за подобрување на состојбата севкупно. Меѓутоа треба да ни е јасно дека и во популациската политика треба поголема влијание со конкретни мерки и активности, кои треба да ја подобрат состојбата. Но, за тоа е јасно дека треба време бидејќи ништо не бидува преку ноќ. А тоа значи дека и за сите програми, планови и донесени документи е потребно време за да се стабилизира состојбата, па да се создадат услови за натамошен развој.

М-р Дончо Герасимовски, демографски аналитичар