За големото „да“ и големото „не“, Македонија не го менува името

2090

На 30 септември ќе имаме референдум и гласачкo-избирачка битка. Според планот увезен од странство, бој ќе бијат космополитите, кои се веќе дел од ЕУ и од НАТО, против конзервативните Македонци, кои не сакаат да си го променат името и веднаш да ги вкусат белосветските благодати.

Космополитите веќе почнаа да се постројуваат во ешалони. Во првиот ешалон поранешни комунисти, во вториот северномакедонци, во третиот по род немакедонци. Голем дел од гласачите доброволно се престројуваат по моделот зад нив нивните, зад нас нашите, ама и самите не знаат дали се наши или нивни. Космополитите во предизборието се во предност затоа што имаат водач. Не е важно каков е, господ да нѐ чува од него. Важно ќе се постројат зад него и пред референдумот и на референдумот ќе викаат гласно и јасно „да“.

Конзервативците немаат ешалони. Распрскани се секаде и никаде и главно се Македонци чии родители им дале лошо воспитание, да си ја сакаат татковината. Исто така немаат странски план, а знаат дека домашните планови се обично компромитирани. Треба да внимаваат што зборуваат, зашто ако зборуваат небожно и наопаку ќе бидат апсени за говор на омраза.

Немаат водач. Тој што го одбраа не смее да биде против промена на името затоа што и тој нема да ги вкуси благодатите на ветената земја. Блазе му на умот и на благодатите што ќе ги вкуси само ако дозволи скапо платениот план за промена на името да се реализира со пристојно мнозинство гласови.

Ај што немаат водач, конзервативните Македонци уште се чудат како може сериозна држава и сериозен народ, сами да си работат во полза на сопствената штета. Да наседнат на лукавоста на незнабошците, да си го сменат името и да известат 130 и кусур држави, дека биле во заблуда кога нѐ признале под уставното име како Македонија и Македонци. Ова секако не важи за Америка. Таа нѐ призна под уставно име, со тројанска итрина во предизборниот молк на референдумот за територијална организација на Македонија.

Македонските конзервативци вчудовидени се прашуваат. Па нели сме библиски народ, еден од ретките што на неколку места е спомнат во Новиот завет, па нели повеќе од седумдесет години бевме народ со име и со сопствена држава, нели мавтавме со пресуда на меѓународен суд дека спогодбата со која се нарековме ПЈРМ е прекршена од страна на Грција, нели промената на името требаше да биде направена со разумен компромис, кој подразбира само замена на непристојната референцата ПЈРМ со пристојна што ќе ја користат само Грците и оние што до денес не нѐ признале под уставното име?

Како и да е, конзервативците, поточно кажано македонскиот народ со водач или без него, на претстојниот референдум немаат голем избор. Македонецот сигурно не може да застане зад големото „да“, никако не смее зад големото „не“. Не може да им верува на лукавите што во предизборието се колнеа дека нема да има промена на името, нема федерализација, ќе има само конфискација. Исто така не смее да им верува ни на „наивните“, кои сакаат прашањето со името на Македонија вака или онака да се реши пред блудницата вавилонска и светскиот полицаец да им ја вратат неправедно одземената власт.

Да бидам јасен, имам чувство дека не сме доволно свесни пред колку света задача се наоѓаме. Македонецот на овој референдум ќе остане без вистински водач. Парламентарната опозиција нема да повика на бојкот на референдумот, иако тоа е единствената опција за зачувување на државата и на македонското достоинство. Македонецот мора сам да се организира и сериозно да им укаже и на лошите и на добрите дека ја препозна нивната лукративност. Македонецот мора да престане да работи во полза на сопствената штета, референдумот треба да се бојкотира, затоа што со големото „да“ и со големото „не“ ќе престане да постои државата за која со гордост велевме дека е постара од сонцето. Исто така Македонецот по референдумот (кој очекувам да не е успешен), не смее да заборави што можеше да му се случи, кога со својот глас во ветар одобри со државата да раководи лукративна позиција, а нејзе да ѝ опонира неодговорна опозиција.

Македонија бојкотира, бојкотираме сите за да си се заштитиме себеси како Македонци, да го заштитиме нашето поколение, а да се оправдаме пред нашите предци.

(Жарко Петрески, Австралија)