Зазеленување на нашите градови

149

Сè повеќе градови сфаќаат дека од климатските политики веднаш се гледаат придобивките во однос на квалитетот на живот и економскиот развој. Зелените инвестиции имаат економска смисла, затоа што резултираат со подобри општински услуги, почист воздух и побезбедна вода за пиење

На собирот на светските лидери во Њујорк за самитот за климатски активности на ООН беше важно да се запамети дека градовите не се само погодно место за соживот и дијалог туку се и главни извори на емисии на стакленички гасови.

Како центри за вработување, трговија и иновација, градовите се главни мотори на нашиот економски развој и сочинуваат над 80 отсто од светското БДП. До средината на овој век се проценува дека над шест милијарди луѓе, што е речиси 70 отсто од вкупното светско население, ќе живеат во урбаните области за разлика од четирите милиони што живеат денес. Од друга страна, градовите веќе користат над две третини од светските ресурси и енергија, што сочинува 70 отсто од емисиите на јаглерод диоксид. Како што ќе продолжат да растат градовите, така ќе растат и овие бројки. Меѓу 2011 и 2013 година, Кина употребила повеќе цемент за развој на градовите од САД во текот на целиот 20 век.

Иднината на нашата планета зависи од тоа како ќе се одвива урбаниот развој. Покрај тоа што имаат најголем удел во климатските промени, градовите истовремено најмногу се изложени на ризик и затоа ќе имаат најголеми придобивки од зеленилото. Со тоа што 90 отсто од урбаните области во светот се наоѓаат на крајбрежјата и се изложени на ризикот од зголемувањето на нивото на морињата, треба да се направи многу за да се заштити најголемиот дел од светското население од ваквите и други климатски поврзани закани. Трошоците за климатски активности најмногу ќе се одразат токму во градовите. Со тоа што градовите би се направиле покомпактни, поповрзани и координирани околу еколошките политики, би се заштедиле дури до 17 илјади милијарди долари до 2050 година.

За почеток мораме да сториме многу повеќе за да ги намалиме енергетската потрошувачка, штетните емисии и аерозагадувањето, особено со подобрување на енергетската ефикасност во урбаните области. Со оглед на тоа што е тешко брзо да се промени (и трае многу време) урбаната инфраструктура, време е да се отвори нова дебата за урбанизацијата. Градовите мора да развијат планови за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, да изградат отпорност кон временските неприлики и да ги вклучат сите важни сектори на економијата во промената кон чиста енергија. Политичарите треба да планираат адаптација на постојната инфраструктура и новите долгорочни инвестиции.

Многу градови во светот веќе ги вклучуваат своите климатски цели во плановите за урбан развој. Копенхаген го истакна зголемувањето на енергетската ефикасност на зградите. Бангалор инвестира во одржлив превоз. Меѓу другите примери е Мексико Сити, кој се насочи на зајакнување на отпорноста на екстремни временски неприлики кај најранливите категории граѓани.

Сè повеќе градови сфаќаат дека од климатските политики веднаш се гледаат придобивките во однос на квалитетот на живот и економскиот развој. Зелените инвестиции имаат економска смисла, затоа што резултираат со подобри општински услуги, почист воздух и побезбедна вода за пиење. Соларната енергија е многу поевтина од фосилните горива, а рециклирањето на пластиката е клучот за чистење на нашите океани и извор на постојани работни места.

Градовите исто така ќе треба да ги прифатат придобивките од циркуларната економија, која го минимизира отпадот. Водичот на Европската инвестициска банка „15 циркуларни чекори за градовите“ покажува дека градовите и нивните жители можат многу да добијат од намалената потрошувачка и повторна употреба на ресурсите, вклучувајќи ја и пониската емисија на јаглерод. Низ светот, меѓународните развојни банки им нудат на градовите финансиска и техничка помош за климатските проекти. За Европската инвестициска банка, приоритети се енергетската ефикасност, обновливата енергија и одржливиот превоз.

Истовремено владите треба да воведат нови регулативи, да понудат поголеми иницијативи за започнување нови проекти и да ја поттикнуваат иновацијата меѓу бизнисите. За таа цел, потребно е сите засегнати страни да се поврзани и да има меѓусебна согласност. Градските мрежи, како Групата за климатско лидерство на градови (Ц 40), локалните инвестиции за одржливост (ИКЛЕИ) и Светскиот пакт на градоначалници за клима и енергија, нудат добри почетни можности. Овие групи имаат моќ и влијание да ги седнат вистинските луѓе на преговарачката маса за да се разговара за конкретни политики.

Од своја страна, Европската инвестициска банка и Светскиот пакт на градоначалници за клима и енергија ги здружија силите за да им помогнат на градовите да ги финансираат климатските активности и да изградат поеколошки градови за идните генерации. Со ваквото ново партнерство, ние пред една година ја спроведовме иницијативата за справување со климатските промени во светските градови со која се обезбедува техничка помош што помага во подготовките и брзото финансирање на проектите за урбани климатски активности. Откако беа добиени 145 идеи за климатски политики од над 100 града во светот, беа избрани 20 предлози што вклучуваат вкупна инвестициска можност од 1,4 милијарда евра. Со проширување на техничката помош и финансирањето на климатските проекти во градовите во Африка, Азија, Латинска Америка и ЕУ, со оваа програма ќе се отворат нови работни места, ќе се намалат енергетските трошоци, ќе се подобри квалитетот на воздухот , ќе се зајакне управувањето со отпадот и отпадните води и ќе се гради отпорност на временските неприлики.

За да се реши недостигот од грантови неопходни за унапредување проекти до фазите за спроведување и инвестирање, за време на самитот за климатски активности на ООН беше отворен фондот за финансиска помош на градовите. Тој има цел да собере над 100 милиони евра во грантови за да се отклучат најмалку четири милијарди евра во проекти.

Владините и финансиските лидери што беа собрани во Њујорк треба да знаат дека не се сами. Тие ја имаат поддршката на проширената светска заедница на градоначалници, локални претставници и лидери во приватниот сектор, кои се решени да воведат позелени градови за сите граѓани. Нашата задача е да се погрижиме овие гласови да бидат слушнати.

Ема Наваро и Нанда Џичкар
– „Проџект синдикејт“

(Наваро е потпретседателка на Европската инвестициска банка, а Џичкар е градоначалничка на Нагпур во Индија и членка на одборот на Светскиот пакт на градоначалници за клима и енергија.)