Достоинството е најскапоцено нешто

362

Македонскиот манифест со јавно обраќање до македонскиот народ се осврнува на, според нив, понижувачкиот референдум на 30 септември, со цел, како што се вели, уште повеќе да бидат понижени родољубивите и чесни Македонци. Пример за тоа е референдумското прашање, кое е лукаво и крајно перфидно компонирано од три во едно прашање и кое, како што знаеме, гласи: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на спогодбата со Грција?

Во вака поставеното прашање премиерот и Владата сакаат со еден потег да решат сѐ: ЕУ, НАТО и геноцидниот договор/спогодба по однос на македонскиот идентитет со нашиот јужен сосед, кој сака конечно засекогаш да го финализира својот историски план за апсолутен геноцид врз Македонците. Сега со нивно идентитетско усмртување, во што имаат штедра помош и од Брисел и Вашингтон, но пред сѐ од нашата квислиншка влада и нејзиниот премиер. Во перфидно лукаво формираното референдумско прашање всушност (можеби потшепнато од Грците, но можеби и од нашите домашни ,,Грци“ во Владата и парламентот) има тројански коњ, малку суптилно, малку глупаво вкомпонирано во него, одејќи на претпоставката дека и народот е малоумен и глуп.

Имено, иако имплицитно поставена, фигурата на тројански коњ, што се должи на инвенцијата на лукавиот Грк Одисеј, е многу јасно видлива за да не ја забележи проникливиот ум на Македонецот. Таа е лоцирана маскирано, во она што е на изглед отсутно во перфидното референдумско прашање, но е всушност толку присутно во неговата интенција, имено за да биде одбегнато. Тоа е лукавиот парадокс што им го шепнал некој на нашите властодршци можеби и од Атина, или и од Брисел и Вашингтон, за, како што вели нашиот народ, да не се сетат Власите, а сѐ да помине мазно. Тоа е, браќа и сестри, Името, главата на нашата историска и културно-цивилизациска меморија, која треба да ни летне засекогаш од рамената и да нѐ снема како автентичен идентитет со своја неколкумилениумска генеза меѓу народите.

Имено, лукавите одисеи од актуелната македонска влада, на чело со нејзиниот сега архиодисејски лукав премиер, намерно не го вметнале во прашањето Името, сакајќи по заобиколен пат со ова навистина перфидно прашање да го ликвидираат него, за да ја добијат славата на внесувачи на македонскиот народ во ЕУ и во НАТО. Навистина лукаво, погрчки и од Грците, поодисејски и од Одисеј, архетипот на лукавоста и подлоста на нашиот јужен сосед, која е добро залегната во нашата поодамнешна и понова историја.

Значи, браќа и сестри, вака лукаво и подло формулирано референдумско прашање нѐ потценува нас Македонците и Македонките, небаре сме ретардирани, кои немаат умна способност за јасно видливите нешта. Во прашањето е ЕУ. Дали сме за Европа, вавилонската ороспија како што не случајно ја именуваше неа Марко Цепенков. Да, сме, но не по цена на лишување од својот идентитет, Името, кое е наша историска легитимација, генеза, извор од кој пиеме со столетија живототворна вода, а сега наеднаш некој од странство и од дома, странски и домашни сатрапи „мајстори на смртта“ (П. Целан), сака да ни го секне и нас да нѐ одведе кај вавилонската дама во Брисел како живи безидентитетски мртовци. Не, браќа и сестри, честољубиви и родољубиви Македонци, ние не сме подготвени да платиме таква цена за една мастодонтска институција на бриселските политбирократи и на вашингтонските планетарни сатрапи на уривање цели народи и култури со помош на НАТО, военопрофитерска институција која кај што ќе помине не расте трева. Институција што е формирана да ги брани банките и капиталот на западните корпорации и тајкуни што ја цицаат крвта на светската сиромаштија, а не да нѐ брани и заштитува нас. Ние мораме да го зачуваме нашето достоинство, оти тоа е најскапоценото нешто што може да го поседува како имот колективното битие на еден народ.

Бидете храбри, оти борбата за Името и идентитетот почнува од денеска. Од овој миг. Таа можеби ќе трае и цело едно столетие. Можеби и повеќе. Но ние ќе ја добиеме неа.
Да живее Македонија и нејзиното бесмртно Име.

Македонски манифест