Деци(а)мали

208

Пред повеќе децении кога во Македонија се востановуваа сите потребни институции за да се означи една државност, а тоа беше по ослободувањето од окупаторите во Македонија, меѓу другото, една од најважните акции беше описменувањето на народот, преку аналфабетските курсеви. Во оваа акција беа вклучени „ученици“ од сите возрасти, без исклучок. Мојот татко инж. Михаило Александар Михаилов беше задолжен како шумарски инженер, меѓу ретките од тоа време што студираа во Белград (во тогашното Кралство Југославија), а потекнуваа од Македонија, и требаше да ја согледа состојбата на шумите во слободна Македонија. Тој постојано беше на терен со еден руски џип и некои други соработници.
Во тие патувања низ Македонија, шумите, селата и населените места се стекна со многу познанства, кои се претворија во искрени пријателства, посети и врски што траеја до крајот на неговиот живот, какви што беа и неговите контакти со Македонците со кои студираше во Белград. Сите тие беа ангажирани спрема нивната стручност, во новосоздадените македонски министерства, институти, факултети итн. Сакам да кажам дека партизаните, кои беа борци и некои од нив гинеа, кој во борбите со бугарскиот окупатор, кој во борбите со помагачите на италијанскиот окупатор, сите тие стручни личности беа носители на подготовка и реализирање на плановите за воздигнување на македонската република, како членка на Федеративна Југославија.

Значи тоа беше време на еден полет и подем на македонскиот народ, тоа беше време кога тие стручни лица беа повеќе во исполнување на зададените задачи, отколку што беа дома. Кога татко ми се враќаше од повеќедневниот терен, го внесуваше мирисот на шумите, на реките, на луѓето и секако мирисот на бензинот од рускиот џип. Раницата беше празна, храната беше изедена, ама беше полна со алишта што треба да се перат. Јас веќе го имав поминато нашиот прв македонски буквар, со поучителните текстови, „Чиста Дана“, „Шана шие на машина“ и др. Ја читав поезијата на Ванчо Николески, а татко ми ме подучуваше како да ги исцртувам на отпечатените карти, со регионите на Македонија, каде што треба да се пошумува, каде да се трасираат нови патишта, каде да се врши организирана сеча и така овие исцртувања станаа мојата географија.
Кога ми ги даваше новите карти што треба да ги пополнувам, биди вредна, ми велеше, ќе те наградам со летните патувања низ Македонијава. Низ шумите, тој ми ги откриваше латинските имиња на дрвјата, што потоа му ги кажував на професорот по латински. Дендрологијата му беше голема опсесија на татко ми. Зошто го правам овој сентиментален увод, а го поврзувам со патувањата на татко ми и аналфабетските курсеви. Ова е поради една негова средба со двајца селани, кои одеа од едно село, во нивното село, па татко ми се понудил да ги превезе со џипот. Во разговорот тие му се пофалиле дека го посетуваат аналфабетскиот курс, а дали учите за „децимали“, ги прашал татко ми. Не, кај нас нема „децимали“ сите ние таму сме големи. Ова беше еден од настаните што ги споменуваше татко ми. Но како што тргнале работиве денес, во дваесет и првиов век, по неколку години најверојатно ќе дојде до обновување на овие курсеви.

Понесени од забрзаните технологии, денешниве власти во Македонија, брзо, брзо сакаат да се фатат за таа опашка, што цело време удира по нашите деца, внуци, правнуци, исплашени, затворени пред блескавиот компјутер, заслепени, а некои воопшто и го немаат, родители избезумени пред брзозборните убедувања на надлежните, кои се преселуваат од едно во друго министерство, а знаат сè каде и да се, ја сервираат среќата што го чека нашето потомство во светлата иднина на компјутеристиката. Ги внесуваат компјутерските учебници, кои одвреме-навреме ќе се менуваат, по потреба и барање на добрососедите, зашто тоа е поевтино од печатењето на учебниците. Она што комисиите за историја не го сторија, ќе го сторат брзозборните аматер(к)и. Од кои факултети се тие?

Имаат ли тие деца, да, секако дека некои од нив и ги имаат и тие одат во престижните странски училишта, а потоа најверојатно нивните родители, кои секако имаат и струја и интернет и компјутери, ќе ги дошколуваат во некои германии, италии, австрии, америки и со нивните глобалистички уки ќе останат таму каде што отишле, зашто овде, во Македонија ќе настапи ерата на аналфабетските курсеви. Македонија нема да им е место за живеење, нивниот естаблишмент бара отворени простори, каде што нема да кажуваат од каде се, а и нема да знаат и нема тоа да ги загрижува. Глобално среќно ќе се тркалаат нивните животи, тоа им го нуди неприкосновената брзозборка, а и тие што го поддржуваат овој „подем“. Има еден израз во архитектурата „genius loci“, кој треба да го знаат оние што „менуваат“. Во случајов, тоа би требало да биде по мера на човековото битие и уште поважно, местото каде што живеат.

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка