Дефектите на македонското образование

241

Од извршените анализи и студии кај нас и пошироко, високостручните и научни кадри од нашата земја ја напуштаат својата татковина и се вработуваат на пазарот на трудот во други балкански и европски земји, како готов кадар, и својот научен и стручен потенцијал мотивирачки го истакнуваат во други земји.
Од наведените анализи, констатации по разните меѓународни ранг-листи високообразовните институции се наоѓаат на дното од листите и ги нема во првите петстотини на ранг-листата. Од тие причини, неминовна е потребата од сериозен приод и вклученост на сите чинители во државата за преиспитување и санирање на нашето „болно“ високо образование.

Системот на образование, почнувајќи од предучилишното, основното, средното и високото образование, дејствуваат поврзано заемно по принципот на сврзани садови. Без стандардизирано и квалитетно предучилишно, основно и средно образование, не може да се очекува да се реализира и квалитетно високо образование. Оттука, неопходна е целосна реформа во сите степени на образованието (предучилишно, основно, средно и високо образование, вклучувајќи ги тука постдипломските и докторските студии). Каков е квалитетот на основното и на средното образование покажуваат резултатите од тестирањето на учениците од републиката на меѓународни натпревари. Сериозна загриженост се резултатите од тестирањето на ПИСА-2016 (иста е состојбата и 2017 година) на која ученици од Република Македонија (15-годишници) го зазедоа претпоследното место во Европа.
Во делот на реформите во основното образование треба да тргнат од реафирмација на наставникот, кои се неговото место, улога, значење и интегритет на наставникот, како клучен фактор во образовниот систем, преку модернизирање на наставните програми и нивно приспособување со потребите на новото време и усогласување со возраста на учениците и способноста за апсорпција на знаењата, напуштање на практиката на некритично преземање на наставните програми од други земји, развој на креативно размислување и учење на децата од најмала возраст.

Многубројни се проблемите во средното образование. Еден од најургентните проблеми во средното образование е отсуство, односно лоша конципираност на системот на дуално образование, што детерминира негова неусогласеност со пазарот на трудот. Колку е значаен овој проблем (дуално образование) потврдува фактот што во 2016 година нашиот (македонски) пазар на труд побарувал и планирал нови 12.580 вработувања, од кои дури 63,5 отсто се работни места за кои е потребна средна стручна подготовка (иста или слична е состојбата и во 2017 година).
Соодветен квалификуван кадар со средно образование, со знаења, умеења и вештини, тешко се наоѓа – тоа е проблем што постојано го истакнуваат менаџерите на странските компании во земјата. За ова тие предлагаат и преземање соодветни мерки за развој на дуални програми во системот на средното образование и посебно во системот на средното стручно образование, односно практична настава што ќе се реализира во самите компании. Компаниите треба јасно да ги изразат и да ги планираат своите потреби за струките и занимањата неопходни за нивно успешно работење и во соработка со средните стручни училишта да изработат флексибилни наставни програми за реализирање на ваквата цел.

Нашата држава се наоѓа во длабока криза долг временски период, не се извршени битни промени на оваа сфера со издвојување за образование, наука, истражување и развој, кои треба да се третираат како инвестиција во иднината на земјата, а не како трошок. Со други зборови кажано, да се имаат предвид иновирањето, трансформирањето и реформирањето на образованието.
Примената на болоњскиот процес не ги дава очекуваните ефекти, поради запоставувањето на некои од неговите суштински компоненти, кои особено се однесуваат на подобрување на квалитетот на високообразовната и научноистражувачката дејност на универзитетите и отсуство на суштински промени во системот на нивното финансирање, организирање и управување. Високото образование и нивните промени главно се сведени на проширување на опфатот на студенти, преку разграничување и хипертрофија на универзитетската мрежа – 24 универзитети со над 130 факултети и 600 студиски програми и формирање голем број дисперзирани центри, без добро подготвена аналитичко-предвидувачка основа и расправи, посебно од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Формирање високообразовни институции детерминирани (проекти) од интересите на политичките партии.
Јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската Унија тие изнесуваат околу 5 отсто од БДП, а во земјите од регионот околу 4 отсто, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научноистражувачка интензивност – учеството за вложувањата за истражување и развој во БДП изнесува само 0,22 отсто.
Наведените состојби и проблеми условуваат вонредно ниска ефикасност на високообразовниот систем и на пазарот на трудот во земјите на Западен Балкан. Ефикасноста изнесува само 13 отсто, што значи дека од 100 дипломирани студенти само 13 без посебни проблеми можат да најдат добро вработување, соодветно на нивните квалификации, и да се вклучат на пазарот на трудот.

Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор