Да не се заборави!

384

На први септември 1960 година, во Радио Скопје, на Марксова 17, почна со работа првата професионална редакција на телевизијата, од пет членa новинари и сниматели, кои истиот ден подготвија два прилога што се емитуваа како продукција на ТВ Скопје, на заедничката програма на ЈРТ на ТВ Белград. Со тоа де факто се роди Македонската телевизија, меѓу првите на Балканот. Тој ден ќе остане запаметен и во ТВ-историјата на Македонија. ТВ-екипата беше во состав Димче Божиновски, уредник-раководител, Димче Марковски и Драги Аргировски, новинари, Благоја Прличков и Димче Гечевски, сниматели. На состанокот, откако ни беа врачени решенија за професионално ангажирање, за значењето на новиот медиум говореа директорката Веселинка Малинска и претседателот на Општествениот совет на Радио Скопје, Трајче Груевски. Истиот ден со филмски камери беа снимени двата први ТВ-прилога, за почетокот на учебната година во Скопје и за временската состојба во првиот ден на месецот, со кадри на луѓе како шетаат на плоштадот и на железничката станица.
Од тој ден почнаа секојдневно да се снимаат и емитуваат сите значајни настани во Република Македонија. Во нашата Република сѐ повеќе се гледаа италијанската телевизија РАИ и експерименталната програма на југословенските ТВ-центри Белград, Загреб и Љубљана. Како прва на Балканот, Телевизија Загреб започна со работа при крајот на 1957-та, додека ТВ Белград и ТВ Љубљана во 1958 година.

Следните две години кај нас се работеше единствено на поставување ТВ-репетитори на Пелистер, Солунска Глава и на Водно, со што се овозможи подобро гледање на ТВ-програмата во Битола, Прилеп, Скопје, Велес, Куманово и во некои други градови. Во 1960 година веќе имаше околу 900 ТВ-претплатници. Интересно е што позначајните емисии се гледаа во салите на рестораните. За да бидеме подобро подготвени за поставената задача, јас и снимателот Благоја Прличков, во ноември цел месец бевме на телевизиска специјализација во ТВ Белград. Во почетокот на 1961 година, во Телевизија Скопје бројот на вработени се зголеми на дваесетина, меѓу кои новинарите Евгенија Кацаволу и Драги Новаковиќ, режисерот Ацо Алексов, ТВ-миксерката Елза Џувалековска, снимателите Добре Јаневски и Васе Василевски и други.
Имав чест и големо задоволство на 31 март 1961 година да го подготвам и првиот ТВ-прилог на македонски јазик. Иако бев млад новинар, успешно настапив директно, во живо, во студиото на ЈРТ во ТВ Белград. Говорев за активноста на младите во Македонија, а прилогот беше со убаво монтираната филмска илустрација од Кумановска Бања, каде што беше Главниот штаб на Сојузната младинска работна акција „Братство – единство“ за изградба на автопатот Куманово – Миладиновце. Во ТВ-дневникот прилогот го најави познатиот спикер Миќа Орловиќ, со нагласка дека гостува новинар од Телевизија Скопје, кој е автор на првиот телевизиски прилог на македонски јазик. За успешниот настап радоста беше споделена со сите присутни, меѓу кои беа уредниците Бранко Николиќ и Скале Митиќ, а импресивно обраќање имаше Миќа Орловиќ. Во тие среќни мигови се чувствував прекрасно.

Преку воспоставената телефонска линија на ЈРТ, посебни пофалби добив и од раководните луѓе на РТС, како и од колегите.
Со најава на македонски јазик и телоп „Овде ТВ Скопје. Почнуваме“. На 13 мај 1961 година, преку белградското студио се емитуваше и полчасовна емисија „Балетски концерт“, со македонската примадона Елпида Паковска и Јован Пашти. Најавувачка беше Веска Тасевска, а водител Драги Новаковиќ. Емисијата беспрекорно ја реализира нашата екипа, во режија на Ацо Алексов. На пригодната свеченост за почетоци на ТВ Скопје говореа раководни луѓе од ЈРТ и директорката Веселинка Малинска.
Бројот на вработените во 1962 година се зголеми на околу 40. Се снимаа, покрај дневни настани, и документарни емисии. Благодарение на сето тоа, на осми септември 1962 година, извршниот совет на Македонија донесе одлука авизото на Радио Скопје да се преименува во Радио-телевизија Скопје. Телевизијата сѐ повеќе станува неразделен дел од животот на населението во Македонија.

На први јуни 1963 година бројот на вработени во МРТ се зголеми на околу 120, бидејќи ѝ се припои филмската продукција „Техно-филм“. Таа година Македонската телевизија одигра многу значајна улога во информирањето за скопскиот земјотрес, работејќи во многу тешки услови, под шатори, кај радиопредавателот во Маџари. Тогаш од РАИ и од Би-би-си, како подарок, беа добиени две репортажни коли со целосна опрема. Тоа беше и услов во новата локација во Долно Нерези да се уреди импровизирано телевизиско студио.
Нова битка во развојот е добиена на петти јуни 1964 година, со директен пренос од свеченото пуштање во употреба на предавателот на Црн Врв. Репортери беа Љубен Апостолски и Илија Бадев, а успешна водителка Бранка Станковска. Настапи Камерниот квартет на Македонската филхармонија, а беше изведен и рециталот „Игралито срце јунково“. Директниот пренос го реализираа Ацо Алексов и Божидар Тодоровски-Бодле, со камерманите Љубомир Вагленаров, Добри Јаневски и Перо Стојановски, тон-миксер Благоја Пекевски и видеомиксер Предраг Михајловски. Техничкото водство беше на Ефтим Митевски. Во текот на летото директни преноси се вршеа и од спортски, фолклорни и забавно-музички програми на „Средбите на солидарноста“ во Скопје.

Во историјата на Македонската телевизија многу значаен ден е 14 декември 1964 година, кога беше емитуван првиот ТВ-весник на Телевизија Скопје, во траење од 20 минути. Уредник беше Димче Божиновски, а спикери Бранка Станковска и Александар Ацев, реализација на Ацо Алексов. ТВ-весникот се емитуваше пет дена во неделата од 18.15 часот, а во другиот дел на програмата имаше цртани филмови, детски и образовни емисии. Програмата ја најавуваше Снежана Липковска. Во 20 часот продолжуваше заедничката програма на ЈРТ. На петти март 1965 година, Македонската телевизија го оствари и првиот директен пренос од сала. Македонските ТВ-кадри успешно ја пренесуваа за гледачите на телевизијата работата на Четвртиот конгрес на СКМ што се одржа во Скопје. Истата година во октомври директно беше пренесуван фудбалскиот натпревар Вардар – Црвена звезда, со коментар на Атанас Костовски и реализација на Вељо Личеновски. Развојот е сѐ поевидентен.
На први јануари 1971 година, ТВ-весникот почна да се емитува од 20 часот. На втори август 1975 година, МТВ го реализира и првиот директен пренос во боја од Светското првенство на кајак на диви води. Набргу потоа и ТВ-дневникот почна да се емитува во боја.

Битно е да се истакне и фактот дека сѐ, целата техника во Новиот дом од студијата, монтажите, како и во репортажните коли, ја монтираа кадри на МТВ! Своевиден успех беше кога на 27 септември 1986 година, без прекин, програмата почна да се емитува од новиот ТВ-дом во центарот на Скопје, за што беа добиени честитки од сите ТВ-центри во тогашната ЈРТ. На префрлувањето во Центарот на предаватели и врски беа инженерите Миле Илиевски и Димитар Илиоски, а во мастерот (техничкиот центар) на МТВ префрлувањето го изврши дипл. инженерка Калина Сливовска. Таа година МРТ стана членка и на „Евровизија“ и единствен претставник на Република Македонија од технички аспект, за што од оваа значајна европска асоцијација беше добиена сателитска антена и нашиот сигнал беше кренат директно на сателит!
Со осамостојувањето на Република Македонија се формираа и неколку приватни телевизии, а МТВ стана јавен сервис и ризница на кадри од секаков вид. Историјата на Македонската телевизија навистина е многу богата и тоа секогаш треба да се цени.

Драги Аргировски, новинар, публицист и еден од основоположниците на МТВ