Грција треба да го признае македонското малцинство во Грција

238

Ставови на „Македонија 2025“ за спогодбата од Мала Преспа

Ние не ја гледаме потребата од постоењето на заедничка комисија што ќе ги разгледува историјата, археологијата и образованието, вклучувајќи ги и учебниците и мапите, унилатерално насочена кон Македонија. Ова е непотребно мешање во културните и образовните аспекти на странски ентитет во домашните работи на соседна земја и сметаме дека тоа создава многу негативен историски преседан на светско ниво. Потребно е формално извинување од страна на Грција за начинот на однесување кон македонското малцинство во минатото, без да се очекуваат финансиски надоместоци од земјата

Како неполитичка и независна организација, од многу страни беше побарано од нас да го искажеме нашето мислење за спогодбата од Мала Преспа, потпишана на 12 јуни меѓу премиерите на Македонија и на Грција. Затоа, би сакале отворено да ги изнесеме нашите ставови по ова прашање.

Без сомнение, ние се согласуваме дека треба да постои некаков договор, кој понатаму ќе ги нормализира политичките и економските односи меѓу двете земји. Во однос на конкретната спогодба, сметаме дека таа може да ја поттикне соработката во областите на економијата, инвестициите и развојот на стратегиска соработка. Исто така, може да ги забрза перспективите на Македонија за приклучување кон меѓународните сојузи, што е важно за заштита на границите на државата. Иако спогодбата е показател за соработка и напредок меѓу двете земји, ние би сакале да истакнеме неколку важни елементи и да ги охрабриме двете страни да дискутираат за нив и да се осврнат на нив сега, во идните дискусии и преку понатамошни дополнувања.

Според спогодбата, од Македонија се бара да ги усвои сите промени и само тогаш Грција ќе одлучи дали ќе го ратификува договорот или не. Ние веруваме дека ова може да создаде негативни последици. Македонците треба да имаат јасна претстава за тоа што ќе се случи ако договорот не биде одобрен од Грција и која е алтернативата во тој случај, особено ако нема напредок кон целосна интеграција во ЕУ. Засега, ЕУ ја одложи одлуката до 2019 година, многу подоцна од планираниот датум за референдум. Од друга страна, пак, како позитивен развој на целата ситуација е неодамнешната покана на НАТО за членство во Алијансата, но крајното членство на Македонија е јасно условено од тоа прво да се исполнат сите услови од договорот.

Секој граѓанин има право на самоопределување на сопствениот идентитет, кој се базира на неговите лични чувства и/или на историска или национална приврзаност и никој не може да му го одземе тоа право. Македонците што постојат во регионот, вклучувајќи ги тие во Република Македонија, Грција, Бугарија и во Албанија, имаат исто потекло.

Имајќи го тоа на ум и земајќи ги предвид овие најнови позитивни случувања меѓу Македонија и Грција, сега е време да се сврти нова страница и да се надмине минатото. За да се постигне тоа, Грција треба да го признае македонското малцинство во Грција како во историјата така и во сегашноста. Потребно е формално извинување од страна на Грција за начинот на однесување кон ова малцинство во минатото, без да се очекуваат финансиски надоместоци од земјата. Покрај тоа, треба да биде побарано од Грција да дозволи враќање на децата-бегалци, деца што биле протерани од регионот пред повеќе од 50 години. Многу етнички Македонци имаат имот или актива во Егејска Македонија. Поради тоа, многу е важно на Македонците да им се дозволи да имаат слободен пристап до својот имот и тој да биде во нивна сопственост, бидејќи на тој начин се почитува меѓународниот закон за заштита на правата, земјиштето и бизнисот. Исто така, треба да биде дозволено основање македонски училишта и цркви во Грција. Сите овие дела треба да помогнат во процесот на лекување на минатото, како и општото помирување меѓу земјите.

Веруваме дека за промена на логоа, имиња на брендови итн. треба да одлучуваат само луѓето што ги поседуваат и во спогодбата не треба да се бара нивно менување. Во принцип, ние не ја гледаме потребата од постоењето на заедничка комисија што ќе ги разгледува историјата, археологијата и образованието, вклучувајќи ги и учебниците и мапите, унилатерално насочена кон Македонија. Ова е непотребно мешање во културните и образовните аспекти на странски ентитет во домашните работи на соседна земја и сметаме дека тоа создава многу негативен историски преседан на светско ниво.
Нашата мисија како организација е да ги промовираме демократијата, владеењето на правото и транспарентноста во насока на економскиот просперитет на Македонија. Сметаме дека граѓаните треба да имаат сеопфатно разбирање во однос на тоа што содржи спогодбата за да може да донесат правилна одлука. Очекуваме референдумот да биде јасен и транспарентен, а ние ќе стоиме зад одлуката на народот без оглед на исходот. Исто така, ги повикуваме медиумите да бидат неутрални, објективни, да се почитува слободата на говор на засегнатите страни и да нема притисок или влијание врз медиумите од страна на Владата. Се надеваме дека овој референдум ќе доведе до национално единство преку голем одзив на македонските граѓани.

Иако ја поддржуваме интеграцијата на земјата во ЕУ и во НАТО, во исто време гледаме можности за Македонија да биде успешна и без да се случи тоа. Пристапувањето кон ЕУ може да биде корисно, но ние мора да имаме план и во случај да не се оствари интеграцијата. Затоа, мора да се фокусираме на она што го движи економскиот просперитет. Земјата треба да развива долгорочна стратегија за пораст. Македонија континуирано беше еден од врвните реформатори според извештаите на Светската банка. Затоа, без оглед на исходот, ги охрабруваме Македонија, нејзината влада (сегашна и идна) и нејзиното граѓанско општество да продолжат да бидат ангажирани во брзи реформи што ги зајакнуваат демократските институции и владеењето на правото во земјата.

Како завршна мисла, со оглед на важноста на договорот по ова прашање и сериозните последици што произлегуваат од него, сметаме дека е потребен национален консензус и единство меѓу партиите, претседателот и луѓето што живеат во Македонија и се нарекуваат Македонци. Сите страни треба бидат единствени, бидејќи само таков заеднички пристап ќе води кон национален просперитет. „Македонија 2025“ е секогаш подготвена да помогне на кој било можен начин за да се зајакне македонската нација.

Со почит
„Македонија 2025“