Грешки во архитектурата и урбанизмот

167

Никогаш досега човештвото не било соочено со комплексни проблеми како што се растот и развојот на градовите. Денес во светот кај развиените земји постојат урбани агломерации и градови што се соочуваат со проблеми што ги носи високиот стандард на животот. Најкарактеристични се: сообраќајниот метеж и задушувањето, загадувањето и деградацијата на околината, слабото осончување, осветлување, проветрување, како и постепената ерозија на историските и централните јадра во градовите. Од друга страна, градовите на земјите во развој не може да ги решат ни најосновните егзистенцијални проблеми на своите жители.
При решавањето на сите гореспоменати проблеми ние архитектите правиме големи грешки или, како што вели големиот грчки архитект и основач на екистиката Константинос Доксијадис, мораме да го признаеме следното:

1. Ние правиме тешки грешки (злосторства) во архитектурата;
2. Не правиме напор да престанеме со тие грешки. Не пробуваме ниту да ги признаеме тие злосторства;
3. Не ги пронаоѓаме причините за овие грешки;
4. Не се спротивставуваме на алармантниот нивен раст.
Затоа, обврска е да ги дефинираме своите грешки, да ги истражуваме причините за тие грешки, да научиме како да се спротивставиме на проблемите и да се тргне во правец на запирање на сегашното криминално дејствување.
Таков е примерот и со изградбата и растот на нашите градови, а особено градот Скопје (планираните високи објекти кај хотелот „Холидеј ин“). Најтешките грешки (злосторства) се следните: изградбата на високите објекти, узурпирањето и градењето на кејовите и на бреговите на водните текови, меѓусебното дисперзно лоцирање на објектите, меѓусебно просторно и физички неповрзани објекти, монументалните згради, губењето на човечките размери и нечовечкиот град. Изградбата на високите објекти е против природата и ги нарушува размерите на околината. Најуспешните градови во минатото се оние во кои човекот и градителските дела биле во одредена рамнотежа со природата (Стара Атина, Фиреница и др). Доксијадис истакнува дека високите објекти дејствуваат против самиот човек, а особено против децата, кои ја губат непосредната врска со природата. Овие високи згради дејствуваат против општеството, бидејќи не придонесуваат за природното функционирање на социјалните значајни единици – семејствата, подалечните семејства, соседствата итн.

Пред изградбата на високите објекти, сите единици функционирале нормално и природно. Висококатниците, исто така, дејствуваат против „мрежите“ – системите за инфраструктура зашто се зголемува нивната густина. Со високите објекти се преоптоваруваат патиштата, улиците, се зголемува потребата за паркинг-простор, се отежнува снабдувањето со вода, а и го прават поскапо, и што е најважно создаваат „вертикални мрежи“.
Може слободно да се констатира дека повеќекатниците се спротивни на преостанатите елементи на населбите. Кога се гледа од економски аспект, градовите се преоптоварени со луѓе и трошоци, а од општествен и политички аспект мал број поединци т.е. сопствениците на земјиштето стекнуваат голема корист, спротивно на интересите на поголемиот број жители.
Градовите со високите објекти доживуваат брзо ширење, стануваат огромни, со голем број жители, но и со многу нови барања и проблеми, како на пример од технолошки и културно-естетски аспект. Особено се создаваат проблеми при одржувањето, како и во услови на природни катастрофи, пожари, епидемии, екологија, урбано зеленило и сл.
Постојат многу причини за заемната поврзаност помеѓу зголемувањето на вредноста на земјиштето каде што се градат високите објекти и зголемувањето на висината за градење. Ова е резултат од желбата за економска корист и постигнување повисок статус во општеството. Овој феномен започнува да се јавува при крајот на 19 век и почетокот на 20 век.

Мораме да констатираме дека и големи светски архитекти имаат проектирано високи објекти со голем број катови, како решенија на разни урбани проблеми. За жал, и тие објекти не понудиле посебни ефекти, напротив се зголемуваат проблемите, од самиот почеток на нивната изградба и експлоатација.
Особено треба да се нагласи дека монументалните и високите објекти ги узурпираат најубавите локации во градовите, а истовремено и на некој начин се самоизолираат од природната и човековата околина.
Впрочем, како настануваат овие грешки и злосторства? Зошто попуштаат градските (локалните) и државните власти под разните притисоци, кои се видливи и се чувствуваат на секој чекор. Разни власти ги прифаќаат погрешните решенија и иницијативи на архитектите и урбанистите зошто не се свесни или се потпираат на изјави на политичари и таканаречени експерти, кои тврдат дека понудените решенија се корисни за градовите. Во многу случаи сигурно станува и збор за индиректни и скриени финансиски интереси, кои доведуваат до експлоатација на урбаниот простор во стилот на мафијата. Факт е дека овој феномен и понатаму се шири, без разлика на знаењето, образованието и чесноста на градските татковци.
За избегнување нови грешки или исправање на направените треба да се служиме со стручната образованост, разумот, со развивање научни пристапи, примена на адекватни решенија, но пред сѐ треба да се служиме со интелектуална и морална храброст.
Потребни ни се нови систематични решенија за комплицираниот проблем на меѓусебниот однос помеѓу градот, човекот и неговото опкружување. Потребни ни се нови видици за да пронајдеме нови урбани системи што ќе овозможат слободен развој на човекот – граѓанинот со сите негови потенцијали.

Косто Граоркоски дипл. инж. арх.