Господа академици разбудете се!

717

Своевремено пред дваесетина години во дневниот печат беше промовирана една карикатура на која беше картата на Македонија (тогаш сѐ уште беше Македонија) и беше опкружена со четири волци како синоним на состојбата во која се наоѓаме и аспирациите на нашите соседи. Ни беше интересно и по малку се шегувавме со таа карикатура, сметајќи дека нашето опкружување со соседите е сосема безбедно со оглед на мирољубивата политика, која во име на нашата држава ја водеше покојниот претседател К. Глигоров, што ја идентификуваше нашата држава со „оаза на мирот“, но…

Поминаа повеќе од дваесет години и ѓаволот си дојде по своето.
За ова мое писание ме испровоцира емисијата на РТ Србија, која ја гледав утрото на 5.11.2019 год. Кога како гром од ведро небо ме погоди информацијата дека Мијаците биле старо српско племе, кое се населило во Македонија пред 800 години по долината на реката Радика, дека некои од нив се свесни за своето потекло, па и ден-денес презимињата им завршуваат на „-иќ“, дека тоа племе го изградило „српскиот манастир во Хилендар на Света Гора“ и дека…

Првите три волци си ги открија аспирациите врз нас последниве 2-3 години:
– Западниот сосед се нафрли со употребата на нивниот јазик на територијата на цела држава и успеа цената што ја плативме сите;
– Јужниот сосед се нафрли врз најсветото нешто што го имавме – името, и успеа, цената што ја плативме сите ја знаеме;
– Источниот сосед се нафрли врз нашиот јазик и историја и успеа. Цената што ќе ја платиме уште не ја знаеме. Со заканувањата за стопирањето на нашите преговори уште не ја знаеме. Со заканувањата за стопирањето на нашите преговори за влез во НАТО и ЕУ итн.
– Северниот сосед одамна ги кажа своите ставови во поглед на автокефалноста на нашата црква и доследно си стои до нив и покрај сите егзибиции што ги изведува во тој поглед. А сега се појави со своите претензии за „нивното население“. На крајно безобразен начин авторот нѐ убедува дека дел од населението останало на своите презимиња, кои завршуваат на „-иќ“ без да објасни дека од 1919 до 1941 год. Србија овој дел на Македонија го нарекувала „Јужна Србија“ и нормално беше да ги србизираат сите имиња на населението.

Покусо не остана ниту јужниот сосед, кој отиде уште подалеку во целосна промена и на имињата и на топонимите и на сѐ што имаше македонски корени од 1926 година до денес и засекогаш.
Истото тоа го направи и источниот сосед во два наврати од 1914 до 1918 год. и од 1941 до 1943 год.
А ние што направивме, освен што аминуваме на сето гореизнесено, НИШТО.
Сега навистина се чудам што им требаше во 1967 година на група ентузијасти од сите области да основаат Македонска академија на науки и уметности, која беше прифатена со воодушевување од целата нација. Денес немаме ни јазик (истиот тој се нарекува мајчин), ни име (истото тоа е преименувано во Северна Македонија), ни историја, која ни е искасапена и жалосно е што ќе им предаваме на идните генерации. Сега соседите се јавуваат со аспирации за присвојување на населението, воведување друг паралелен јазик и што уште не.
Ви се обраќам и вам господа со седиште во зградата на бул. Крсте Мисирков број 1, ќе смогнете ли конечно сила да излезете од дупките во кои се криете за сѐ што се случува во оваа наша напатена земја или и понатаму ќе молчите. Погледите на сите им се свртени кон вас да ги чујат вашата реч и вашето мислење за сите овие настани. Ја препуштивте судбината на земјата во раце на невешти политичари и само гледате сеир до каде ќе ја дотераат.

Фоти Босилков, пензионер