Гасоводот – тажна приказна од Водно

540

Чест посетител сум на планината Водно, белите дробови на Скопје. Мора да се забележи дека по почнувањето на изградбата на трасата на гасоводот кон Тетово и Гостивар, по сртот на Водно, планината не е иста. Сликата е повеќе од трагична, насекаде се гледа злосторството што е направено врз природата.
pens in a new tab)
Изведувачите на работите, некоја кумановска фирма, душмански се однесуваат кон шумата, кон пешачките патеки. Уништен е поголемиот дел од шумската патека кон Матка, движењето по тој дел личи како пешачење по пустински песок и прашина. Затворени се и сите околни приоди до резервните шумски патеки, така што во последниов месец-два во насока на Матка или, обратно, од Матка кон врвот (крстот) речиси ги нема редовните викендашки групи пешаци. Нема ниту поединци. Да не зборуваме за во обичните денови, кога таму не може да се сретне ни жив човек.

Она што изненадува е бавното, крајно неодговорно одолжување на изградбата на гасоводот, односно копањето на каналите, поставувањето на цевките и запретувањето на отворите со земја. Таму има огромни дупки, во кои ако падне човек, никако не ќе може да излезе. На терен работат не повеќе од десет работници, само со два земјокопачи и булдожери, човек има чувство како изградбата да стои со месеци, како намерно да се оставаат длабоките рани што и се нанесени на планината.

Пред некој ден еден искусен агроном, исто така љубител на Водно, ми објаснуваше дека со ископите, со движењето на машините и на камионите, со покривањето со прашина на километар во ширина на сиот растителен свет, на Водно е направена до 50 отсто повеќе штета од планираната. На тој дел од Водно се направени такви рани за чие залечување се потребни меѓу шест и десет наредни години, под услов гасоводот да биде завршен годинава.

Не сакам да правам споредби со некоја развиена европска земја или со Русија, но можам да речам дека ако тие земји гасоводите ги градат со вакво темпо како македонското, би им требале десет-дваесет години за да направат гасовод од Русија до Германија. Ќе останат без гас. Македонскиот градежен срам, македонската неодговорност на Водно е присутна и многу видлива. Во ваква ситуација останува дилемата, отвореното прашање: дали бавната изградба и одолжувањето некому му одговараат за финансиски да профитира. Не општествено, туку лично.

За да не се стекне впечаток дека изнесувам неточни работи, апелирам одговорните за изградбата на гасоводот и од Министерството за екологија да го посетат теренот и да ја видат состојбата на самото место. Нивниот изговор дека сѐ се одвива според предвидена динамика на познавачите на состојбата навистина ќе им биде смешен.
Стојан Велковски, пензионер