Време е да се спаси Водно

688

Се јавувам поттикнат од повеќе текстови поврзани со опасностите од изградбата на згради во подножјето на Водно и на самата планина. Целта на моето јавување никако не е критика, туку само дополнение во врска со моите долгогодишни опсервации во врска со Водно.
Јас живеев и работев во САД како инженер, кога од 2001 година почнав почесто да доаѓам во Скопје во врска со следниве дејности: ГИМ, санацијата на Косово по судирите, изградбата на спортската сала „Борис Трајковски“, изградбата на американската амбасада, како и за други проекти. Како еден од најстарите инженери со 60-годишно искуство во СФРЈ и во САД добро се запознав и вмешав во проблематиката на Водно. Лично изработив варијанта за изградба на тунелот под Водно и при тој проект се запознав со главните инженерско-геолошки карактеристики на планината. Подоцна се вклучив во решавање голем број проблеми произлезени од геологијата на подножјето на Водно. Учествував во случајот на градбата под „Панорама“, проектирав потпорен sид, кој не е изведен, додека изведениот од друг проект се сруши, на што реагирав, безуспешно.

Подвлекувам дека проблемот на „Панорама“ и зградите што се изградени под патот, кои лежат сите заедно на потенцијално подножно свлечиште, во случај на земјотрес можат целото подрачје да го повлечат. Учествував во отворениот ископ зад Тасино чешмиче, а кога предложив како да се реши не добив одобрение. Пред една недела слушнав дека откопот е отворен, што значи десет години оттогаш десетици куќи лежат над потенцијален понор. Исто така, решавав неколку случаи на свлечишта во Нерези, го запознав проблемот со големото еколошко свлечиште на патот за Сончев Град.

Сите овие појави на свлечишта, проблемите со подземни води, со потпорните sидови, се истовидни и во општините Кисела Вода, Центар и Карпош. Со други зборови, тие се заеднички проблеми на подножјето од планината Водно и затоа тие треба да бидат решени заеднички за сите општини, за што градот Скопје треба да изработи стратегија на рамничарскиот, алувиалниот дел на градот и стратегија за подножјето на падините на Водно. Овде нема да го третираме проблемот на рамничарскиот дел на градот Скопје, но само проблемите на Водно.

Проблемите на подножјето на Водно се многу покомплексни и на тоа мора да се гледа историски. Пред 50 години таму се живеело со мирен вековен сон, што значи никој не ги гибал стрмните косини на подножјето и подземните води што истекувале преку повеќе од десет мали потоци. Одеднаш доаѓаат узурпаторите на вековниот мир на Водно и немилосрдно ја напаѓаат состојбата што со векови мируваше. Почнуваат грешките: нестабилно копање, проблемите со подземната ридска вода, притисоци од земјата, појава на локални поместувања и на големи глобални свлечишта и еве ги проблемите на трите општини.
Проблемите мора да се решаваат, за што изработив мое видување потребно за наведените општини.

(м-р инж. Божидар Миљовски, „МЕГ-консалтинг“)