Во шепите на криминалот и на судскиот систем

310

(Додека седиме дома со благодарност чекајќи ги напатствијата како да бидеме поштедени од коронавирусот)

Старите, кога ќе се случи некоја несреќа, срам, грабеж и слично, малку зборуваат и одмерено велат „злото никогаш не доаѓа само“. Тамам не ќе можеме да ги свариме во главата некои афери и криминали, а изнедрени од кујните на политичари, ете ти нови. Се јави некој „меѓународен сојуз“, кој ќе градел станови за стари и сиромашни. А тој „градител“ во животот не кренал ништо повеќе од лажица и виљушка. Со мафијашки методи и уцени да ти збирал пари, и тоа големи суми, а каде што го чинел тоа им покажувал со зборови и слики како е во врска со политичари, обвинители и тој ќе ги спаси да не одат во апс. Па, на него се надоврза обвинителката, која 80 отсто од работата ја свела на делење пари по разни основи – права криминалка, па политичарки од повисок ранг што во доцните часови оделе кај бате Боки дома.

Што очи барале кај градителот? Дојде пресудата од Стразбур. Па, малку ни беше тоа, ни дојде и тој коронавирус. Велат, злото не доаѓа само. Господ да ни е на помош. Но деновиве дојде оптимистичката вест од Брисел, на која со оптимизам прогледавме. Овде ќе се задржиме на пресудата од Стразбур и нешто за неа.
Да не кажуваме сега дека целата наша јавност го следеше спорот што се влечкаше низ македонското судство, меѓу топлани од една страна и станарите, чиј број, по сѐ изгледа, не бил мал од друга страна. Предмет на спорот: тужителот ги товари станарите, тие што не ја платиле пропишаната сума, без разлика дали користеле или не топлинска енергија да мораат да им плаќаат на топланите, а ако не го сторат тоа, ќе следуваат разни санкции, трошоци, затезни камати и што уште не. Арбитар македонското судство од основно до највисоко, публика реков, цела Македонија со посредство на медиумите и разни дипломатски претставници од надвор и од ЕУ, кои не еднаш ни велеа и сега ни велат: ,,А бре, гледаме дека имате напредок на вашиот пат, ама треба, треба уште?! Еве на пример вашето судство, криминалот, корупцијата! Треба. Треба да се борите.“

И додека законодавниот дом настојуваа во минута до 12 да реши дали валканите доказни материјали (и бомбите) и понатаму да важат или да не важат во постапката, стигна пресудата од Стразбур. На сите ни олесна тоа што тужените граѓани дојдоа до правдата, што престанаа да бидат малтретирани, шиканирани и да им бидат земани пари за услуги што не им биле давани. Некој се посрамотил во споров. И тоа гадно. Првин правните служби во топланите, уште повеќе судиите, а најмногу тие што ги потврдувале пресудите на пониските нивни инстанци. Срам!
Епилог од овој спор е прашањето како да им се плати направената штета на тужените граѓани, но и за одењето по маките, непроспиените ноќи, па малтретирањето… Кој ќе го плати тоа? Секако, Р Македонија, сите ние, народот, даночните обврзници. Зарем мораат сирота Македонија и народот затоа што некој се изживувал, неправилно ги применувал правото и законите, да плаќаат за тоа.

На крајот ќе се запрашате што толку ми станало за процесираните (читај малтретирани, пљачкани, обесправени граѓани на нашава татковина). Ми се случувало јас да се најдам во лавиринтите на тие криминални неработи. И затоа ми се појави дилемата како да го насловам ова мое писание. Си мислев насловот да биде: „Дискретниот шарм на наопаку поставеното судство“ или „Во канџите на рекетот и судскиот систем“. Вие одлучете. Инаку, јас сум оптимист, како што реков, затоа што го гледам светлото во крајот на тунелот. Но да не заборавиме, и во последното нам драго писмо од Брисел ни кажаа дека и понатаму нашето општество, сиот народ, гласачите треба немилосрдно да се справиме со криминалот од секаков вид, со загнасените институции на системот и дека ни претстои сизифовска борба меѓу Давид и Голијат.

Никола Масалковски