Во името на правдата, мирот и благосостојбата!

585

Агитпропот во сиот раскош ќе ни сервира уште една серија сериозни дебати и анализи со однапред подготвен заклучок и утврден ценовник за хонорарни услуги. Така и никако поинаку се гради демократијата, компромис овде, компромис онде, грицкаме од пакетот реформи уште неотпакуван. И ќе порачаме уште еден

Се клацкаме како Невил Чемберлен во возот кон Берхтесгаден убедени дека ќе го обезбедиме мирот. Само да помине процесот на „помирување“ од понеделник. Нема да ја жртвуваме правната држава!

И Чехословачка во далечната 1938 доби гаранции за својата независност само ако го заборави Судетскиот регион. Знаеме како заврши тој компромис.

Паралелата со овој драматичен настан ја правам само поради простиот факт дека нема и не може да има договор со „злото“. Ѓаволот секогаш доаѓа по своето.
Партиократското раководство на земјава повторно се усогласи и реши што ќе оди под тепих, а што ќе ѝ се сервира на јавноста како правда. Ние, исто како и Чехословаците во минатото, ќе се убедуваме некое време дека поинаку и не може да биде, дека резултатите од евентуален неуспех би биле уште пострашни за нас.

„Интелектуалците“ милозучно ќе глаголат дека решението на неколкумина е всушност решение на сите нас, дека понекогаш, освен што е слепа, правдата е и глува и нема, но кај и да е ќе прогледа и ќе проговори. Само уште малку. Вообичаено, во мантрата се разбира, пропорционално се разместени НАТО, ЕУ и европските вредности. Скапата гласачка машинерија, која сѐ уште ја викаме Собрание, секогаш е подготвена со нејзиниот советски ентузијазам, на кој и Лајка би позавидела, за очекуваната награда, да го притисне вистинското копче. Шансите се добри, бидејќи се само три и во различна боја. Зеленото е добитно.

Агитпропот во сиот раскош ќе ни сервира уште една серија сериозни дебати и анализи со однапред подготвен заклучок и утврден ценовник за хонорарни услуги. Така и никако поинаку се гради демократијата, компромис овде, компромис онде, грицкаме од пакетот реформи уште неотпакуван. И ќе порачаме уште еден.
Сѐ додека реата е локализирана внатре кај нас, минуваме како убавиот Доријан Греј, како паун ги покажуваме нашите крилја, со кои сепак не се лета, но кому е битно тоа, важен е впечатокот.

Но, колку и да изгледа ова обесхрабрувачки, сепак, меѓу нас има доволно и гнев, бес, храброст, пркос, желба, знаење, волја… дека може и треба да биде поинаку. Дека впечатокот не е решавачки, дека тука е домот за некого затоа што така сака, а не дека мора. Е, а секој човек е крал во сопствениот дом!

Ѓорѓи Трендафилов, претседавач на НК на ГДУ