Во Бугарија постои македонско малцинство

780

(Реакција во врска со изјавата на вицепремиерот Красимир Каракачанов за македонското малцинство во Бугарија)

1. Клеветењето и лажењето не му прави чест на заменик-премиерот Каракачанов. Партијата ОМО „Илинден“ – ПИРИН е основана во 1997 г., 6 години по крајот на Југославија, така што не би можела да биде создадена од неа, ниту пак Југославија да служи како некакво објаснување за постоењето, идеите и борбата на нашата партија или извинување за државата за негирањето на малцинството. ПИРИН е создадена од бугарски државјани со македонска самосвест така што самото постоење на партијата го демонстрира и постоењето на малцинството.

За признавањето на официјално негираното македонско малцинство во Бугарија не зборува само ОМО „Илинден“ – ПИРИН, туку и многу други македонски организации како Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија (чии членови поминале со години низ бугарските затвори, во иселувања, и секакви други форми на психичко и физичко насилство поради својата македонска самоопределба), ПК Толерантност, ОМО „Илинден“, Македонски дискусионен клуб и др. Се поставува и од организации на бугарски правозаштитници како Бугарскиот хелсиншки комитет, Маргиналија и сл. Т.е. прашањето се отвора и за него зборуваат самото малцинство и демократски настроените граѓани во Бугарија. Се подига и од Советот на Европа, се поставува и од новинари. Се прашуваме меѓутоа кога ќе се отвори од бугарските институции (како неупотребливата Комисијата против дискриминацијата на пример) или ќе се постави од македонската држава?

2. Постоењето или непостоењето на едно малцинство зависи од него самото, а не од историските заблуди на еден или на друг министер, идеологијата на една или на друга држава. Тоа се одредува по пат на самоопределба, а не со одлука на Тодор Живков или на Красимир Каракачанов. Македонското малцинство во Бугарија е регистрирано на сите пописи, откако станало дури и минимално возможно македонската самоопределба да се демонстрира на нив, макар малцинството да го има во Бугарија најмалку од 1912 г., а всушност и пред тоа. Така што министерот би требало барем да се сообрази со документацијата на државата чиј министер е. Ако тој „не знае“ какви се проблемите на тоа малцинство – може да нѐ праша.

3. Споредбата на Македонците во Бугарија со Марсовци е силно навредлива, но и го демонстрира начинот на кој Македонците во Бугарија се третираат, а и на кој се гледа на самата Р Македонија – како на држава на Марсовци. Би го прашале колку стотици од овие единици Марсовци од пописите лежеле со години по бугарските затвори поради својата национална припадност, како што е случајот со македонското малцинство, кое даде безброј жртви во време на комунизмот, беше една од најпрогонуваните групи во Бугарија во тоа време и против него се изврши првиот и единствен неосуден досега „преродбенски“ асимилациски процес против малцинствата во Бугарија. Колку уште е потребно да страдаат Македонците во Бугарија за да може државата барем да запре да го негира нивното постоење?! Колку уште пресуди од Стразбур се неопходни за да може демократска европска Бугарија барем да започне да ги регистрира организациите на своите државјани со македонска самосвест?

4. Македонскиот јазик – обратно на неписмените тврдења на министерот „историчар“ – бил признаван и изучуван во Бугарија во 1948 г. и до 1963 бил емитуван по бугарското радио. Тој бил признаван и од бугарската филологија додека во 1960-те истата таа не била прочистена по комунистички налог. Неговата неупотреба во Бугарија потоа се должи на политиката на репресивната држава. Изучувањето на еден јазик нема цел зачувување на некој местен дијалект – а задржување на јазичната и културна врска на малцинството со преостанатиот дел од неговиот народ. Имено, затоа Турците во Бугарија го изучуваат турскиот литературен јазик, независно што тој не се создал во Бугарија и не е 100 отсто ист со мајчиниот дијалект на турското население – ситуација еднаква со онаа на македонскиот јазик во Бугарија. Имено, затоа и Бугарија инсистира Бугарите во странство да го изучуваат бугарскиот литературен јазик, без разлика што истиот тој воопшто не се јавува како мајчин или употребуван јазик од овие малцинства.

5. За разлика од „ерудираните“ објасненија на министерот – малцинските права не се колективни, туку индивидуални права, кои се практикуваат колективно исто како што е со правото на брак, на мирни собранија, создавање организации и сл. Така што овој исклучително несмасен обид на овој, но и на мноштво други бугарски политичари и државници да најдат правно извинување за да не ги даваат правата на малцинствата не може да издржи никаква критика, а само ја демонстрира изреката – оној што не сака – наоѓа причини.

6. Турското малцинство е официјално признаено од Бугарија при потпишувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства кога со специјална декларација е вклучено заедно со други малцинства во опсегот на нејзиното дејство. За жал, тоа не е направено со македонското. Тоа што Каракачанов, а и многу други бугарски министри од претходни влади се обидуваат да ја наметнат како официјална позицијата дека во Бугарија нема малцинства е нешто за кое меѓународната заедница треба да се заинтересира.

7. Макар правно и историски неграмотниот министер Каракачанов е ерудиран во областа на бугарската национална митологија и идеологија. Со своите одговори тој ја демонстрира вистинската заднина за историските спорови што Бугарија ѝ ги наметнува на Македонија – целта не е „историската вистина“ – туку да се наложи позиција според која македонската нација се создала по 1944 г. и само во Југославија, а со единствен мотив преку оваа лага да се исклучи секаква можност во Бугарија да постои македонско малцинство. Се тргнува од идеологијата за да се негира реалноста.
Неговите изјави само демонстрираат во каква митска паралелна реалност живеат бугарските политичари и идеолози по македонското прашање. Имено, таквата идеологија и базираната врз неа политика со децении генерираат проблеми како внатре во Бугарија (спрема бугарските граѓани со македонска самосвест) така и во релациите со Р Македонија.

Претседателство на ОМО ‚‚Илинден“ – ПИРИН