АФОРИЗМИ / Македонизми

433

Кој работи во владата, не се плаши ни од власта ни од гладот!
Најдоброто место под сонцето е во сенката на оние што веќе го имаат!
Не кршете ги копјата за џабе, туку острете ги!
Доколку демократијата ни е сѐ уште во пелени, тогаш е јасно зошто од неа се чувствува непријатна миризба!
Палецот е мал прст за неписмениот!

Установата во која владее протекција повеќе потсетува на протекторат!
Толку многу го гланцаа, што на крајот мораа да се лизнат од него!
Најлошо е кога за време на вирусниот карантин и вашиот компјутер ќе го зафати вирус!
Животот е најскап кога неговиот сопственик е на минималец!
Не е толку важно што сакаат да нѐ шијат во сѐ, туку што тоа ни го прават во тесно!
Со миење на рацете единствено не може да се симне нивната нечистотија од продавањето на прескапите средства за дезинфекција!

И кога следите некого во чекор, потребно е да внимавате на знаците за стоп!
Во училиштето на животот главното свидетелство обично има непреодни оценки!
Подобро е да се биде глуп на квадрат, отколку на куб!
Доколку најдете преголема законска дупка, подобро е низ неа да се провлечете, отколку да земате залет за да ја прескокнете!
Обично повеќе може да настрада оној што боде очи, отколку оној кому му ги боде!
Во виното е вистината, но не толку колку во препеченицата!
Сѐ додека гледаме од страна ни се чини дека сѐ е подобро во странство!
Не барајте влакно во јајцето, туку однадвор!

Тој беше од таков вид што се правеше дека ништо не може да види!
Не дишете им на големите во тилот, за да не ве фатат за гуша!
Кога таа нему му падна во око, веднаш ја зеде за жена, а кога нејзе ѝ падна во око скапа бунда, тој мораше да земе уште и кредит!
Најмногу се занесуваше кога за себе сѐ си однесуваше!
Си ги покажаа вистинските лица дури кога, и покрај законските мерки за нивно носење, ги симнаа маските!

Судејќи по сѐ, само Ахил ја имал својата петица на вистинското место!
Дури и за најгрубиот гавранов глас денес е потребно да се има најпрефинет еколошки слух!
Во фотелјите се наоѓа најјакиот лепак за кариеристичките задници!
Во банките повеќе може да се заразите од недостигот од пари, отколку од вишокот вируси!

Кристина Русјакова