Алузии и илузии

437

Понекогаш кога ќе прочитаме некоја метафора, анегдота, мит, басна, приказна или настан, лесно преминуваме преку нив за миг, за после многу кратко време да заборавиме на нивниот алудивен карактер и прикриената порака што ја испраќаат до нас. Алузиите често се користат и во обичната говорна комуникација. Некои од нив имаат моќ да објаснат некои појави и настани од нашиот секојдневен живот на многу посугестивен и повпечатлив начин. За разлика од нив, илузиите се погрешно толкување или перцепција на нештата што реално постојат, односно лажна верба или надеж во некого или нешто. На човекот, како мисловно суштество, му останува слободата сам да проникне во суштината на нивните пораки.

Петлето и јаричето

Во собраните дела во десет тома од најголемиот и најзначаен собирач на македонски умотворби, Марко Цепенков, има приказна за настаната кавга помеѓу едно петле и едно јариче, кои ми ти отишле да збираат и јадат лешници во една планина. Лакомото и пакосно петле, не сакајќи да му даде и на јаричето од лешниците, бе ти го удрило јаричето со еден лешник, така што му го извадило едното око. Кутрото јариче, барајќи правда за нанесената повреда, отворило судска постапка кај кадијата против петлето. Пред кадијата, петлето се бранело така што го обвинило лешникот затоа што лешникот му ги искинал гаќите, лешникот ја обвинил козата затоа што му ја изела шумата, козата го обвинила козарот затоа што не ја пасел, козарот ја обвинил стопанката затоа што не го хранела арно, стопанката ја обвинила кучката затоа што го изела квасот. Кога ја прашал кучката зошто направила така, таа рекла дека била гладна и… така завршила давијата. Како што ВРЕМЕТО МИНУВАЛО, така судската постапка сѐ повеќе и повеќе се разводнувала и губела од својата жестина. Или, како што ја завршува приказната Цепенков: „Си остана јаричката со едно око“.

Варена жаба

Се верува дека ако една жива жаба се стави во лонец со млака вода и потоа водата постепено се загрева, таа ќе почне да се приспособува на загревањето на водата и нема да скокне од лонецот. Напротив, ќе ужива во топлата вода. Како што ПОМИНУВА ВРЕМЕТО, колку повеќе се загрева водата, толку повеќе ќе се приспособува на нејзината топлината, така што на крајот ќе си го заврши својот живот… како сварена. Доколку, пак, наеднаш се стави во жешка вода, таа веднаш би скокнала од лонецот и би се спасила. Параболата за варена жаба понекогаш се јавува во темите за менаџмент, психологија, економија, политика, но и во секојдневниот живот, кога се опишува однесувањето на луѓето и техниките за евентуалната манипулација со нивната свест. Како манифестација на синдром, може да се однесува на еден човек, на група луѓе, но и на цели народи.

Авгиеви штали

Кралот Авгиј во старогрчката митологија не е запаметен по тоа што бил многу богат (имал 3.000 илјади говеда, овци, кози и коњи), туку по негрижата и нечистотијата во неговите штали, кои не биле исчистени 30 години. На Херкул, син на богот Зевс и смртната жена Алкмена, од страна на микенскиот крал Евристеј му биле зададени 12 тешки задачи што требало да ги изврши, за да се исчисти од неделата што ги сторил и како услов да стане бесмртен. Една од нив била да ги исчисти Авгиевите штали за еден ден! Херкул, како полубог, поседувал огромна физичка моќ, па смислил начин како да ја реши таа непријатна работа за толку КРАТКО ВРЕМЕ: ги истерал сите говеда во ливадите, ископал канали за да ја пренасочи водата од соседните реки и целта нечистотија од шталите била отстранета. Вечерта, го вратил стадото назад во шталите, откако повторно ги затворил каналите.

„Титаник“

Во времето кога бил изграден бродот „Титаник“, бил најголем, најмодерен, најлуксузен и технички најопремен патнички брод. Најшироката тогашна јавност верувала дека тој не може да потоне. Но од страна на дизајнерите и креаторите на тој проект, тоа официјално не е потврдено. На своето прво патување од Саутемптон (Велика Британија) до Њујорк (САД), во недела на 14 април 1912, 20 минути пред полноќ, удира во санта со мраз и по два часа и 40 минути, утредента на 15 април, потонува во Северниот Атлантик. Извесно време по ударот, голем број патници сѐ уште верувале дека бродот не може да потоне и мирно чекале да пристигне надворешна помош за да се спасат. Дури имало патници што и во таа ситуација уживале во музиката од бродскиот оркестар! За жал, бродовите од кои очекувале помош биле предалеку, а од најблискиот брод, поради недоразбирање, не добил навремена помош. Само мал број патници, кои не чекале надворешна помош, веднаш се качиле на чамците за спасување и повеќето од нив се спасиле. Како што изминувало времето, шансите за преживување станувале сѐ помали, така што било сѐ поочигледно дека бродот ќе потоне. Чамци за спасување повеќе немало. Ниту ДОВОЛНО ВРЕМЕ. „Непотонливиот“ потонал. Од 2.223 луѓе на бродот, 1.517 ќе загинат, а само 706 ќе ја преживеат таа поморска несреќа.

Луциј Квинтиј Цинцинат

Кога соседното племе Еквијци, како големи непријатели на Рим, му се заканувале дека наскоро ќе извршат инвазија, римскиот Сенат заклучил дека постојниот конзул на градот не е способен да се спротивстави на таква опасност, па едногласно изгласал да му доделат вонредни овластувања за диктатура во период од шест месеци, на нивниот поранешен генерал Цинцинат. Пред тоа тој живеел скромен пензионерски живот на својот мал имот недалеку од Рим. Откако бил запознаен со опасноста што му се заканувала на Рим, го оставил својот плуг на нивите, се збогувал со својата сопруга, ВЕДНАШ ја прифатил новата улога и по петнаесет дена, откако ги победил непријателите (458 година пр. н.е.), дал оставка од својата улога на диктатор и тивко му се вратил на својот скромен живот и плугот. Бил римски патрициј, конзул, државник и воен лидер во раната Римска Република. Со своето однесување станал легендарен лик меѓу Римјаните поради својата скромност, способност, чесност, интегритет и патриотизам. Денес, два града (Синсинати) во САД го носат неговото име во негова чест.

Димитри Јанкоски, Вевчани