Хероите од нашето маало

Наметнувањето на онлајн наставата создаде своевидни херои на денешницата, кои самоиницијативно почнаа да наоѓаат начини да им помогнат на најзагрозените категории граѓани. Еден од нив е Борче Стаменов од Кавадарци, кој преку акцијата „Донирај компјутер“ собира уреди, кои ги поправа и оспособува за работа, а потоа им ги дава на семејства на кои им се неопходни за учење. Друг позитивен пример е наставникот Иле Михајловски, по чија иницијатива училиштето „Гоце Делчев“ во Свети Николе доби десетици пакетчиња со ранци, моливи, гуми, тетратки и сѐ што им треба на децата за новата учебна година…

Иако имаа време повеќе од шест месеци да обезбеди ИТ-уреди за учениците чии родители немаат можност да купат за своите деца, надлежните служби или институции не најдоа начин да се реши тоа. Во такви услови, наметнувањето на онлајн наставата создаде своевидни херои на денешницата, кои самоиницијативно почнаа да наоѓаат начини да им помогнат на најзагрозените категории граѓани. Еден од нив е Борче Стаменов од Кавадарци, кој преку акцијата „Донирај компјутер“ собира уреди, кои ги поправа и оспособува за работа, а потоа им ги дава на семејства на кои им се неопходни за учење. Друг позитивен сигнал што произлезе од целава ситуација што ја наметна ковид-19 се и многубројните акции за донирање училиштен прибор наменет за ученици на кои им е најпотребен. Така, по иницијатива на наставникот Иле Михајловски, училиштето „Гоце Делчев“ во Свети Николе доби десетици пакетчиња со ранци, моливи, гуми, тетратки и сѐ што им треба на децата за новата учебна година.
Иако надлежните во Министерството за образование и наука знаеја дека има десетици илјади семејства во државата што немаат компјутер дома, сепак, тие не дадоа сѐ од себе и опипливи решенија, а се расфрлаа само со апели до сите вклучени во образовниот процес сами да се снаоѓаат…

Точно, локалните власти почнаа да набавуваат ИТ-уреди од донатори, за децата и за наставниците што ја немаат потребната опрема… Сепак, кругот не се затвори и проблемите не исчезнаа со почетокот на учебната година. Откако почна наставата, поминаа дваесетина дена, а проблеми на терен сѐ уште има, особено за децата што учат онлајн а живеат во планински села каде што интернет-врската е слаба, поради што не се во можност да ги следат часовите.
Иако со месеци се знаеше дека онлајн настава е едно од сценаријата што може да се случат, сепак, не беа навреме преземени мерки во однос на зајакнување на мрежата, за да им се обезбеди на децата основен пристап до образовниот процес.
Наместо системско планирање и подготовка на нештата, нашите власти во рок од две недели направија т.н. национална платформа за учење на далечина, која наеднаш стана дел од образовниот систем, а која се покажа дека никако не може да биде универзално решение за сите деца од осум до 18-годишна возраст. Не дека тоа не е во ред, меѓутоа тоа требаше да биде само еден сегмент од интегралното решавање на предизвикот со образованието во услови на корона и „учење на дистанца“. Точно така. Се покажа дека националната платформа е само прозорец, патоказ кон водење онлајн час. Родители што имаат искуство и работат во ИТ-секторот предупредија дека државната платформа е нешто слично на Зум. Значи, има пропусти и треба да се работи на нивно отстранување. Имено, „состаноците се дефинирани во временска рамка“, зашто се синхронизирани со времетраењето на часот, па ако некому нешто не му е јасно, нема многу простор да праша, бидејќи треба да почне следниот час. Прашањето што се поставува е зошто се прескокнувани фази во процесот на носење ваква голема одлука, платформата да стане универзална алатка за сите ученици.

Многубројни се проблемите со кои се соочуваат наставниците на часовите додека трае онлајн наставата. Проблемите се особено изразени во училиштата за средно образование, каде што има ученици што го нарушуваат часот со пуштање музика, со смеење и недисциплина и во такви услови апсолутно е невозможно да се одржи час. Професорите се немоќни да воспостават контрола од дома, ниту пак да бараат одговорност, па многу е извесно дека наставата во вакви случаи е далеку од ефективна и се одвива само формално. Се поставува прашањето какви ќе бидат вреднувањето и оценувањето на знаењата во вакви услови. Можно ли е тоа да се измери?

Во државите во регионот се правеа планови и подготовки со детални сценарија, но кај нас образованието во ковид-услови не се сфати на сериозно високо ниво. Државата сега треба да собере сили, знаење, вештини, студии за оправданост и да ги искористи капацитетите на нашите експерти што преку медиумите се нудеа за помош. Да видиме стручно тело што ќе направи долгорочен план за функционирањето на системот во овие услови

Во државите во регионот се правеа планови и подготовки со детални сценарија, но кај нас образованието во ковид-услови не се сфати на сериозно високо ниво. Државата сега треба да собере сили, знаење, вештини, студии за оправданост и да ги искористи капацитетите на нашите експерти што преку медиумите се нудеа за помош. Да видиме стручно тело што ќе направи долгорочен план за функционирањето на системот. Каков ќе биде епилогот на крајот на учебната година и дали учениците ќе ги усвојат потребните знаења останува да видиме, но треба да знаеме дека сѐ што е пропуштено, треба да се надомести, да не остане „дупка“ во знаењето на учениците. Затоа што токму таа „дупка“ еден ден ќе стане огромна „космичка црна дупка“ на нашето општество, во која неповратно ќе бидат вовлечени стопанството, економијата, здравството, самото образование, дури и опстанокот и развојот на нацијата…