Убиството на Јустиција

Она што е повеќе од јасно е дека со киднапирана, заробена и, во најлоша смисла на зборот, умртвена Јустиција нема да стигнеме никаде. Најмалку, пак, пред портите на Европа. Во таа насока, ослободувањето, реанимацијата и оживувањето на Јустиција треба да бидат наш приоритет над приоритетите

Јустиција е римска бо­жи­ца ­на правдата, чиј лик е олицетворение на моралните вредности во правниот систем. Претставена е како девојка со терезија во едната рака, за точно одмерување на вината, меч во другата рака за разумно и праведно пресекување (одлучување) и со заврзани очи, што симболизира дека правдата и законите се еднакви за сите и никому нема да му се прогледа низ прсти доколку се огрешил од законите. Некои марамата преку очи ја толкуваат и како правдата е слепа, но сепак достижна. Така е во митологијата.

Македонската Јустиција има сосема поинаква лика и прилика. Карикатурално, таа може да се претстави како жена во поодминати години, која чекајќи правда веќе застарела како што застареле и некои од судските предмети. На македонската Јустиција очите не ѝ се преврзани за да може јасно да види кому му се суди и според тоа и да одлучи. Наместо терезија, таа во едната рака држи стар календар со датумите на изминати и застарени дела, додека во другата рака мавта со бело шамиче, што симболизира дека се предава. Дека е немоќна да стори што било против различните интереси, влијанија и притисоци на кои постојано е изложена при делењето на правдата.

За македонската Јустиција често правдата е недостижна и застарена. Ако за Римјаните Јустиција била сметана за божица на правдата, кај нас таа може слободно да се преименува во божица на неказнивоста. И ако за половичната правда се вели дека е уште поголема неправда, тогаш отсуството на правда е умислен злочин, еден вид убиство со умисла на правдата. Застареноста на делото, пак, е посебна приказна.
Иако законските одредби го предвидуваат правниот инструмент застареност на делото, разните правни еквилибристики, трикови, манипулации, скаламуции, возењето велеслалом низ законските одредби, со единствена цел избегнувањето на правдата, ја вулгаризираат до крајност оваа законска алатка. Па, така, се добива впечаток дека во недостиг од други релевантни и издржани правни аргументи на одбраната се игра единствено на картата на застареност на делото. Со други зборови, се злоупотребува овој правен инструмент. Но тоа, секако, не може да се случи доколку не е во спрега со надлежните органи и служби задолжени за водење на постапката и истерувањето на правдата докрај.

Повеќе од јасно е дека некој свесно дозволува и работи на тоа делото да застари и виновникот да се ослободи од одговорност. На ваков начин се рушат темелите на правната држава и се урнисува и девалвира угледот на државата во домашни и меѓународни рамки. Кога наместо правдата, владее неказнивоста, тогаш, наместо напред кон демократија, се враќаме назад во Дивиот Запад. Од тој аспект, застареност на делото не може да се подведе под поимот правда. Дури во одредена рака застареноста на тешки кривични дела може да се смета и за ново кривично дело токму на оние што шурувале и дозволиле делото да застари. Без разлика за кого се работи. За жал, македонскиот правосуден систем низ годините бележи застарување на кривични дела само во случаи во кои се вмешани високи државни функционери. Кога за нешто се товарат граѓаните, па дури и за најмала давачка, такса, делата никогаш не застаруваат туку давачките се мултиплицираат со казнени камати, кои некогаш повеќекратно ги надминуваат главницата и основниот долг итн.

Во таа насока, за поздравување се иницијативите за бришење на одредбите за застареност на кривичните дела доколку има сомневања и индиции дека во нив се вмешани државни функционери. Вакви најави, кои би резултирале и со законски измени, засега стигнуваат и од власта и од опозицијата. Но сосема друго прашање е колку се тие искрени и реални или се само во функција на предизборието и кампањата што нѐ очекува. Ајде да видиме. Она што е повеќе од јасно е дека со киднапирана, заробена и, во најлоша смисла на зборот, умртвена Јустиција нема да стигнеме никаде. Најмалку, пак, пред портите на Европа. Во таа насока, ослободувањето, реанимацијата и оживувањето на Јустиција треба да бидат наш приоритет над приоритетите.

До вчера мислевме дека се труеме само со ПМ10 честички во воздухот, кога тоа да сме ти вдишувале цел Менделеев систем на хемиски елементи и нивни соединенија. И којзнае уште до кога понатаму ќе ги вдишуваме. Ах, Јустиција, Јустиција, колку ли само ни недостигаш. Во секоја смисла на зборот

И кога сме веќе кај (не)правдата и застареноста, нашата метропола и држава неделава се соочија со уште една чудна застареност, која поадекватно е да се именува како застранетост, забеганост, и тоа од алармантни размери. Па, така, ако од правна гледна точка се врши континуирано и смислено убиство на Јустиција, од еколошка гледна точка на граѓаните на Скопје им се заканува потенцијална опасност од физичка ликвидација и масовно труење. Експерти предупредуваат дека темпираната бомба во кругот на ОХИС, поради со години наталожените отровни супстанции, во одреден момент може да експлодира и да го збрише целиот град. И повторно причината за тоа би била застареност, заборавеност и нечија негрижа. Проблемот со депонијата и токсичните материи, оставени во кругот на ОХИС, е стар десетици години, но досега никој не презема ништо тој да се реши. Цело време истекувале, испарувале или понирале во почвата опасни хемиски супстанции.

Случајот веројатно и понатаму ќе останеше ад акта да не се случеше случајно протекување на дел од хемикалиите, што предизвика и здравствени проблеми на дел од изложените граѓани во околината. И така, веќе застарената приказна со опасните хемикалии од ОХИС сега доби само нов наратив.

Но отровниот винил хлорид, линдан, канцерогената жива, метил акрилот и уште 11 вида други опасни хемиски состојки, меѓу кои и боеви отрови, кои се наоѓаат во кругот на некогашната фабрика, не застаруваат, туку со секој изминат ден нивната токсичност и закана по здравјето на граѓаните се зголемуваат. Најкатастрофичните сценарија одат дотаму што состојбата со опасните хемикалии складирани во срцето на градот се споредува со хаваријата во Чернобил, а евентуална експлозија и испарување на отровите би предизвикало фатални и несогледливи последици за целиот жив свет во Скопската котлина. До вчера мислевме дека се труеме само со ПМ10 честички во воздухот, кога тоа да сме ти вдишувале цел Менделеев систем на хемиски елементи и нивни соединенија. И којзнае уште до кога и понатаму ќе ги вдишуваме. А, да не се крие тука некој поголем геополитички заговор?!

Зашто, откако извисивме од ЕУ, се споменуваат секакви теории на заговори. Конспирација, сојузи, мали шенгени, можни свртување кон Исток или кон Запад. Згора на тоа, Дмитриј Иванович Менделеев, креаторот на периодниот систем на хемиските елементи, кои сега ние ги вдишуваме, е руски научник. Но има тука и американска нишка. Затскриена во буквите и имињата. Па, така, Американците ги имаа Линколн и Линдон за претседатели, додека ние го имаме Линдан од ОХИС за долгогодишен владетел со ситуацијата.
Ах, Јустиција, Јустиција, колку ли само ни недостигаш. Во секоја смисла на зборот.

[email protected]