Труман-шоу на македонски начин

Аферата „Рекет“ само покажа до каде може да допре криминалот, дека на него не се имуни ниту оние што треба да се борат против него, а токму тоа ја докажува целата ерозија на државата и нејзините институции. Кога некој би направил реална анкета сега, тешко е да се поверува дека повеќе од 15 отсто од испитаниците веруваат во државните институции, што е крајно поразително

Повеќето од нас сигурно го паметат филмот „Труман-шоу“ од крајот на 90-тите години од минатиот век. Таму главниот лик беше убеден дека живее нормален живот во едно нормално гратче, за на крајот да сфати дека е дел од едно големо реално шоу, кое 24 часа во денот го гледа целото општество и добро се забавува.

Токму вакво своевидно „шоу“ им се случува на македонските граѓани, и тоа не од вчера. Македонските граѓани се публика изминативе речиси 30 години. Тие во тоа својство особено се забавуваат летово. Кулминацијата на „шоуто“ се случи завчера, со апсењето на главната обвинителка на специјалното јавно обвинителство Катица Јанева, која е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Јавноста остана вчудовидена од апсурдот што ни се случува, жената што требаше да започне со вистинска и неселективна борба против криминалот во повисоките нивоа е приведена токму поради криминал.

Дали некој ја наместил или не, тоа е помалку важно во моментот. Важно е дека нејзиниот глас беше препознаен на аудиоснимките, а потоа и од нејзина страна потврден како автентичен, каде што на осомничен во нејзин предмет преку телефон му вели: „Сè ќе биде ок“… Во продолжение (на реалното шоу) се случуваат чудни одлуки потпишани од неа, а кои токму на истиот осомничен му овозможуваат да излезе од притвор и да добие дури и пасош.

Да не се лажеме, работите (да не кажам индициите за недозволени активности) се видливи од авион и ако некој беше чист, тоа немаше да се случи.
Можеби и не треба да сме толку изненадени од целата работа, бидејќи уште во почетокот, кога се формира СЈО, работите беа наопаку поставени. Имено, ова тело беше формирано со политичка одлука и на некој начин претставуваше паралелно обвинителство, со свои луѓе, со свој доста висок буџет, така што хаваријата што сега се случи е само исход на она што во почетокот беше погрешно поставено.

Впечаток е дека сега со СЈО повеќе ништо не може да се поправи, бидејќи оние што најмногу му веруваа, а тоа се граѓаните, почнаа да ја губат довербата во оваа институција уште пред да избие аферата „Рекет“. Популарноста им падна бидејќи помпезно се најавуваа истраги, а исход немаше. Сѐ погласни беа тезите за постоење на селективна правда, а политиката и политикантството метастазираа во ткивото на правото и правдата што се бараше и за што оваа институција беше создадена. Следуваа долги судски процеси, постојани одложувања, дополнителни лекарски прегледи, без конечен епилог. Од политичката елита единствено беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски, но и тој на некој худиниевски, магионичарски начин, успеа да ја напушти државата и да побара азил во Унгарија.

Овој пат одговорот треба да биде жесток, без оглед до кого ќе се допре. Впрочем, за такво нешто се залагаат и власта и опозицијата. Ако тоа искрено го порачуваат, тогаш е редно еднаш засекогаш да се започне со решителна борба со криминалот, бидејќи во спротивно ќе ја загубиме вербата во државата, а кога ќе се случи тоа, ќе ја загубиме и државата

Политичките партии, истите оние што го создадоа СЈО, сега не можат да се договорат за неговата иднина, или можеби не сакаат, секоја од свои причини. Тука државниот интерес воопшто не е во прв план, туку партиите со надмудрувањата сакаат да заземат подобра позиција, односно никој од политичарите во иднина, без оглед дали е од власта или од опозицијата, да не може да се најде зад решетки. Токму за тоа е вистинското пазарење, а не заради некаква поефикасна борба против високиот криминал и корупцијата.

И нормално дека во едни такви услови нов закон за СЈО нема да биде донесен додека не притиснат странците, како што беше впрочем и со формирањето на специјалното обвинителство. Во каква форма ќе биде изведено тоа, останува да видиме.
Јанева доби притвор, но покрај неа „изгореа“ и обвинителите што можеби чесно си ја вршеа својата работа и можеби веруваа дека работите ќе се сменат на подобро. Сега и оние што се осомничени во предметите на СЈО бараат изземања, прекин на судењата и еден куп други работи. Како и да е, ниту ним не може да им се забележи, бидејќи се добива впечаток дека комплетното судство е во аут и дека е потребен еден рестарт.
А токму аферата „Рекет“ само покажа до каде може да допре криминалот, дека на него не се имуни ниту оние што треба да се борат против него, а токму тоа ја докажува целата ерозија на државата и нејзините институции. Кога некој би направил реална анкета сега, тешко е да се поверува дека повеќе од 15 отсто од испитаниците веруваат во државните институции, што е крајно поразително.

Уште попоразително е што кога изби аферата и кога сите очекуваа енергична и брза истрага што ќе резултира со приведувања, главната обвинителка предметот и процедурата ги остави без кормилар. Можеби и „обвинителскиот компас“ , таа го зеде со себе. Две недели осомничените имаа време да се реорганизираат, да ги скријат или уништат трагите, па подоцна да даваат искази во обвинителството. Ќе рече некој дека сите имаат право на одмор, што е точно, но вакви афери не се случуваат секој ден. Одморот можеше да почека, со што и јавноста ќе беше убедена дека обвинителството почнува решителна борба со криминалот.

Замислете новинарот што ја објави аферата „Вотергејт“, наместо да ја објави сторијата во весник најбрзо што може, да земал одмор две-три недели и да уживал на плажа додека доказите исчезнуваат и се бришат.
Така е и во нашиот случај. И покрај тоа што обвинителството имало индиции за криминални дејства на специјалната обвинителка неколку месеци претходно, таа редовно си одела на работа и имала можност да ги уништи евентуалните докази против неа. Веројатноста за тоа е голема, бидејќи претходно беа уапсени две лица што се поврзуваат со неа и „Рекетот“.

Јанева е зад решетки, истрагата е во тек, барем така тврдат од обвинителството. Многу работи ќе бидат појасни ако барем една истрага добие судски епилог, ако пред лицето на правдата бидат изведени сите, бидејќи, искрено, никој во оваа држава не верува дека криминал од ваков калибар можат да изведат два-тројца луѓе.
Овој пат одговорот треба да биде жесток, без оглед до кого ќе допре. Впрочем, за такво нешто се залагаат и власта и опозицијата. Ако искрено го порачуваат тоа, тогаш редно е еднаш засекогаш да се почне со решителна борба со криминалот, бидејќи во спротивно ќе ја загубиме вербата во државата, а кога ќе се случи тоа, ќе ја загубиме и државата. А вербата последна умира.