Советот за безбедност во постојано заседание

Советот за безбедност во следниот период се чини дека ќе мора да биде во постојано заседание оти земјава е исправена пред неколку сериозни предизвици и ако не успее да се справи со нив или, поточно, да ги поврзе сите институции да работат како една, за иста цел за заштита на граѓаните, тогаш последиците ќе бидат погубни за целата држава. Уште попогубно ќе биде ако по тие седници кај претседателот на државата останат само декларативните заложби на учесниците дека нешто итно треба да се направи, без да се прецизира што и кој треба да го направи тоа. Друго е прашањето дали се има доволно капацитет, пред сè човечки и материјален, да се спроведе тоа во дело

Во време кога светот се соочува со нов силен бран на ковид-19, а повеќето европски земји почнуваат да воведуваат нови рестриктивни мерки, во Македонија повторно заседаваше Советот за безбедност на кој се разговараше за актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19 на територијата на нашата земја.
Но како што стојат работите, се чини дека нашиот совет за безбедност во следниот период треба да биде во постојано заседание оти земјава е исправена пред неколку сериозни предизвици и ако не успее да се справи со нив, или институционално да искоординира и ефективно да менаџира, тогаш последиците ќе бидат погубни за целата држава.
Уште попогубно ќе биде ако по тие седници кај претседателот на државата останат само декларативните заложби на учесниците дека нешто итно треба да се направи, без да се прецизира што и кој треба да го направи тоа. Друго е прашањето дали се има доволно капацитет, пред сè човечки и материјален, да се спроведе тоа во дело.
Ако се направи една проста анализа за периодот што следува, а тоа, според моето мислење, би биле следните шест месеци, ќе се утврди дека Македонија ќе се соочи со пет клучни предизвици за кои мораше да најде решение и претходно, а не да чека до последен момент.
Прва и најважна работа сега е како да се стави под контрола ширењето на ковид-19 во земјата, како и високата смртност.
Факт е дека светот, вклучувајќи ја и Македонија, се соочува со најголемата криза по Втората светска војна, но ако во таа војна непријателот се гледаше и се знаеше како да се победи, во оваа борба сите се соочуваме со невидлив непријател, кој никој не знае како да го победи. Уште пострашно е што никој не може да го предвиди текот на пандемијата, односно уште колку ќе трае, дали ќе се најде ефикасна вакцина, дали ќе остане многу години меѓу нас…

Во едни такви услови, она што треба да се направи е мобилизација на сите расположливи кадри, без оглед дали се или не се партиски членови, со единствена цел да се даде придонес во ставањето под контрола на опасниот вирус. Тука простор за политика и поделеност нема, туку стручно и заеднички да се носат добро смислени одлуки што ќе дадат резултати. И кога институциите ќе демонстрираат заедништво, тогаш можеби и делумно ќе ја повратат изгубената доверба кај народот и можеби тој народ ќе почне и малку повеќе да им верува и да се придржува кон мерките што ќе ги предлагаат.
Втора работа со која се соочува земјава во следниот период е како да ја избегне блокадата на Бугарија и да ги започне пристапните преговори со Европската Унија.
Токму Бугарија, која со полна уста насекаде се фали дека прва ја признала македонската независност, всушност со сегашната блокада на пристапните преговори само покажува дека цело време водела лицемерна политика кон Македонија со единствена цел да се испере од својот валкан дел во историјата и да покаже дека злоделата во Втората светска војна ги правел некој друг, а не тие.
Нивното лицемерство оди дотаму што присвојуваат сè што им оди во прилог, од историските личности, јазикот, песните, фолклорот, буквално сето она што го одразува идентитетот на еден народ.

Е тука сега нашата дипломатија треба да најде начин како да одигра и да обезбеди почеток на пристапните преговори, а не само беспоговорно да потпише некакви декларации, кои уште повеќе ќе ја закомплицираат ситуацијата во иднина. И не само дипломатијата, потребен е ангажман на сите за да се покаже дека европските цели треба да се над секој билатерален спор, а Европа да си го почитува зборот и да стави крај на опструкциите што ги прават одделни земји-членки на Унијата за да издејствуваат некакви бенефиции.
Трет предизвик со кој земјава се соочува, а за кој Советот исто треба постојано да заседава, е проблемот со загадувањето, кое секоја есен и зима станува нерешлива енигма, поради што рапидно се покачи бројот на починати од респираторни болести предизвикани во најголем дел токму од загадениот воздух.
Да биде ситуацијата уште полоша, една студија неодамна покажа дека смртноста од ковид-19 кај луѓето изложени на загаден воздух е поголема за разлика од оние што живеат во почиста средина. Тоа е доволен аларм за она што би можело да ни се случува во следните пет месеци, кога трае грејната сезона и кога атмосферските услови не се поволни.
Надлежните се жалат дека овој проблем не можело брзо да се реши, а не го решаваат 30 години, иако во суштина е многу решлив. Треба да се искористат туѓите искуства, без да се измислува топла вода.

Имено, гасот е стигнат во земјава кон крајот на минатиот век, но поради спорот кој да го „лапа“ профитот домаќинствата останаа негасифицирани, така што во 21 век над 60 отсто од домаќинствата во државата продолжуваат да се греат на дрва. Затоа е потребно итно да се обезбеди гасификација на домаќинствата и кога ќе се доведе гасот во урбаните средини, тогаш дрвото како огрев во градовите целосно да се забрани. Изјавите од типот дека немаат сите пари за гас не држат, оти во развиените западни земји дрво за огрев користат само побогатите семејства, и тоа повеќе како визуелен ефект во камините. Државата нека ги субвенционира приклучоците за гас, а за посиромашните и инсталацијата дома.
Загадувањето предизвикано од сообраќајот може да се реши со ефикасен јавен превоз, реални субвенции за електрични возила и ограничување на дизел-возилата.
Сето ова дополнето со загадувањето од индустриските објекти не ветува дека загадувањето на воздухот ќе се реши во следните најмалку 10 години, па затоа е потребно итно да се инвестира во обновливи извори на енергија.
Четврта работа за која треба итно да се расправа е како да преживее економијата уште едно потенцијално затворање при евентуални нови рестриктивни мерки. Факт е дека државата не може во недоглед да носи пакети помош задолжувајќи се постојано бидејќи долговите ќе треба да се враќаат, а ако кризата доведе до отпуштања работници, тоа дополнително ќе ја усложни ситуацијата.

Ниту компаниите, особено помалите, не се сигурни дали ќе можат да издржат ново затворање и веќе најавуваат дека ќе мора да се ослободат од дел од вработените.
Она што сега треба да се направи е да се одржува постојана координација со бизнис-секторот за да се најдат модалитети како да опстои економијата и како помошта да заврши на вистинско место.
Петта работа на која треба исто да се посвети сериозно внимание е забрзувањето на технолошкиот развој. Токму технологијата се покажа дека во време на затворени институции, училишта, фабрики, продавници може да овозможи нормално функционирање на луѓето во ненормални услови. Сè поголемиот број заразени пратеници во републичкото собрание е потврда дека со примена на технологијата работењето на оваа институција нема да биде доведено под прашалник. Исто е и со учениците, кои без оглед на сите недостатоци ја следат наставата преку интернет и образовниот процес тече. Дури и оние земји што првично решија наставата да ја започнат со физичко присуство, сега се префрлаат на онлајн учење.

Работа преку интернет најавува и судството, па можеби новите технологии ќе ја забрзаат работата на судиите и предметите нема да чмаат со години по судските архиви, а во некој следен извештај на ЕК судството ќе забележи посериозен напредок.
Како и да е, сите овие пет сегменти што ги наведов треба да се постојано на дневен ред на секој нов совет за безбедност бидејќи меѓусебно се преплетуваат, а решавањето на само еден проблем е невозможно токму поради нивната поврзаност. Затоа е потребна широка и решителна акција, зашто ако сега не им се пристапи сериозно на овие предизвици, тогаш можеби ковидот ќе биде најмалото зло.