Со „Мој ДДВ“ до побела економија

Секако дека мерката за поврат на данокот е добредојдена и особено пожелна со оглед на фактот дека бизнисмените постојано укажуваат на проблемот со сивата економија, кој низ годините успешно се провлекува, но и на нејзиниот постојан раст. Бизнис-секторот посочи дека компаниите што работат во сивата економија се дури за 50 отсто поконкурентни од оние што редовно ги намируваат давачките кон државата

Со апликацијата „Мој ДДВ“ власта го најави проектот за поврат на 15 проценти од данокот на додадена вредност од секоја сметка, која не надминува 30 илјади денари. Оваа апликација, според најавите, ќе биде лесна за користење, достапна за сите граѓани над 15 години, но сепак, ќе биде неопходна помош за постарите лица што не умеат да ракуваат со новите телефони или, пак, за оние чии телефони не се толку „паметни“…
Надлежните уверуваат дека и тие проблеми ќе бидат надминати и дека ќе имаат екипи на терен што ќе им помагаат на граѓаните, кои не можат сами да го направат повратот на средствата. Гарантираат дека апликацијата ќе биде лесно применлива и дека граѓаните нема да имаат никакви проблеми при користењето и при побарувањето на парите.
Сепак, оваа новина и понатаму открива, укажува и потсетува на неколку нејасни моменти во земјава.
Главната цел за воведувањето на оваа мерка е, пред сѐ, граѓаните да станат на некој начин инспектори на Управата за јавни приходи. Со тоа што ќе бараат сметки и ќе бараат поврат на ДДВ, тие ќе ги притискаат трговците да плаќаат данок, а на тој начин ќе станат дел од регулираните бизнис-текови и ќе се намалат скриените трансакции.

Секако дека идејата е добредојдена и особено пожелна со оглед на фактот дека бизнисмените постојано укажуваат на проблемот со сивата економија, кој низ годините успешно се провлекува, но и на нејзиниот постојан раст. Бизнис-секторот посочи дека компаниите што работат во сивата економија се дури за 50 отсто поконкурентни од оние што редовно ги намируваат давачките кон државата.
Ваквите укажувања, секако, го наметнуваат прашањето дали мерката навистина ќе ја постигне целта и зошто има ограничувања.

Генерално гледано, повратот на ДДВ како мерка за сузбивање на сивата економија е за пофалба и е неопходен во надминување на овој проблематичен сегмент, но при неговата реализација треба да се посвети внимание на многу детали, бидејќи нашиот народ е доста умешен во пронаоѓањето начини за одбегнување на обврските, особено кога ќе забележи дека за сите не важат истите правила на игра

Владата одлучила дека за сметки од над 30 илјади денари нема да има поврат на ДДВ со објаснување дека на овој начин ќе бидат спречени побогатите граѓани да побаруваат и да добијат поврат на данокот бидејќи се богати. Од една страна, ова е дискриминаторска мерка кон нив, но и кон посиромашното мнозинство од граѓани, кои, сепак, понекогаш мора да купат и понекој технички уред или парче мебел поскапи од 30.000 денари. Тука веднаш се наметнува и прашањето дали со тоа, на некој начин, салоните за мебел и дуќани со техничка опрема се ослободуваат од обврската за издавање фискална сметка.

Друго прашање што, секако, ќе треба да се разгледа е дали граѓаните ќе можат да побараат поврат на ДДВ на сметките за комунални услуги. Сите тие се со пресметан данок, но со оглед на тоа дека давателите на услугите не испорачуваат фискални сметки, како граѓаните ќе можат за нив да побараат поврат на парите?

Има уште услуги за кои граѓаните воопшто не добиваат фискални сметки, како што се провизиите што ги наплатуваат банките или во „Македонска пошта“. Иако најчесто станува збор за мали парични износи, за кои повеќето граѓани можеби ќе се откажат од побарување за поврат на данокот, сепак, тие со тоа остваруваат одреден приход во кој државата нема увид. Треба ли и тие да влезат во системот, барем заради еднаквиот третман на сите даночни обврзници? А зошто не и заради полнењето на државната каса, која треба да го издржи товарот на многубројната администрација и на скапата државна управа, а притоа во неа да остане нешто и за подобрување на состојбите во јавниот сектор.

Сепак, генерално гледано, повратот на ДДВ како мерка за сузбивање на сивата економија е за пофалба и е неопходен во надминување на овој проблематичен сегмент, но при неговата реализација треба да се посвети внимание на многу детали, бидејќи нашиот народ е доста умешен во пронаоѓањето начини за одбегнување на обврските, особено кога ќе забележи дека за сите не важат истите правила на игра.

[email protected]