Слепа послушност за слеп колосек

Многу ситуации, реакции и настани на меѓународен план, по потпишувањето на договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, речиси директно ја поткопуваат амбицијата на македонските власти во нивното спроведување со убедувањето дека сето тоа е во интерес на побрзата евроинтеграција на Македонија. Станува повеќе од јасно дека нашата слепа послушност и подготвеност на отстапки за секакви барања и уцени, на меѓународен план се толкуваа како сервилност и податливост за манипулација. Со такви услови, сознанија и искуства, Македонија (т.е. македонските политичари) не смее да си дозволи да не си го изговори своето име поради туѓата непринципиелност и неверодостојност

Беше прашање на ден кога граѓаните на Македонија, како ентитети ќе се соочат во секојдневието со конфликтот во политичката семантика на Преспанскиот договор, според кој, формално може да се биде Македонец и да се зборува македонски јазик, но државата уставно ќе се именува „двокомпонентно“ со додадена географска одредница. Уште на почетокот на примената на новото уставно име на државата во меѓународната комуникација се покажа дека таквата правно-лингвистичка фикција нема да функционира во практиката, па и покрај упатството за користење на новото име од страна на македонското МНР, на странските јазици македонските граѓани – сѐ повообичаено се нарекуваат „северномакедонски“ или „северномакедонци“… Убедувањата на македонските политичари – заговорници и поддржувачи на добрососедските договори, дека со нив се зачувани македонскиот национален идентитет и јазик, веќе се ставени на трауматично преиспитување на веродостојноста со проблематизирањето на процесот на евроинтеграциите на Македонија од страна на Бугарија. Од друга страна, и на последната посета на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на Грција, неговиот грчки колега, Никос Дендиас, јавно порача дека очекува (пре)доследна примена на Преспанскиот договор во Македонија, но според „грчко читање“ – што би значело внатрешна употреба на новото уставно име и во официјална (државно-административна) и во неофицијална јавна и приватна комуникација. Иако не беше нагласено, но соседите веројатно очекуваат и граматиката на македонскиот јазик да се „усогласи“ со одредбите на билатералните договори за добрососедство.

Во таков контекст на политичка напрегнатост на македонското општество, со постојано очекување на нови барања, уцени и опструкции од соседите за надворешна афирмација на Македонија, но пред сѐ на македонскиот национален идентитет, реакции на вознемиреност во јавноста предизвика одлуката на Министерството за правда да не дозволи регистрација на името на граѓанско здружение во кое бил содржан називот Македонија. Во издаденото решение за ваквата одлука на Министерството за правда е наведено: „Воедно, термините ’Македонија’, ’Република Македонија’, ’ПЈР Македонија’, кратенката ПЈРМ’, во преведена и непреведена форма не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од сите“. Освен што ваквото решение на Министерството за правда наведува да биде протолкувано како забрана за употреба на терминот „Македонија“ во секаква комуникација, тоа во македонската јавност веднаш беше оценето како преригидно читање на Преспанскиот договор. Имено, ниту во Преспанскиот договор нема одредба што сугерира целосна забрана на терминот „Македонија“ во јавниот дискурс на државата, иако самиот договор е во најголема мера асиметрично ограничувачки и деградирачки формулиран во однос на дефиницијата на македонскиот национален идентитет и други суштински елементи на македонската државност. Токму поради применетиот принцип на асиметричност на договорот, се чини дека Грција воопшто и не се чувствува обврзана да ги имплементира и тие малку одредби од договорот што се однесуваат на нејзините обврски. Грција досега воопшто ја нема коригирано ни патната сигнализација со именувањето на соседната држава, т.е. Македонија.

Но сепак, и покрај општото непочитување на договорите од сите други инволвирани страни (дури и од ЕУ), Македонија продолжува „хиперкоректно“ и предвремено да ги спроведува одредбите. Веќе и забрзано се подготвуваат законски измени за имплементација на новото уставно име на државата во обрасците на личните документи на македонските граѓани, а претходно се отстранети симболите од јавните површини, кои би имплицирале на присвојување на хеленското културно наследство…
Многу ситуации, реакции и настани на меѓународен план, по потпишувањето на договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, речиси директно ја поткопуваат амбицијата на македонските власти во нивното спроведување со убедувањето дека сето тоа е во интерес на побрзата евроинтеграција на Македонија.

Првото вето за ЕУ (наводно поради менување на методологијата за преговарање) по менувањето на уставното име на државата, требаше да биде јасен сигнал дека слепата послушност и подготвеност на отстапки за секакви барања и уцени, на меѓународен план сепак се толкуваа како сервилност и податливост за манипулација. Понатамошниот развој на настаните, со ветото од Бугарија и уцените од историско-идентитетски карактер за Македонија, сосема надвор од критериумите за проширување, е заканувачки доказ дека интересите во меѓународната политика сепак се поставуваат пред принципите. Со такви услови, сознанија и искуства, Македонија (т.е. македонските политичари) не смее да си дозволи да не си го изговори своето име поради туѓата непринципиелност и неверодостојност. Македонија не смее да стане забранет термин во македонската држава, дури и да не е усогласено со новото уставно име!