Распукала Шар Планина

Историјатот на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк датира од 1994 година. Никако да помине на седница во македонското собрание веќе околу 30 години, а некои поупатени велат и многу, многу повеќе

За богатата природна ризница на Шара се создаде ехо до Плутон. Многубројни ендемични видови, богат животински свет, фасцинантни шуми, уникатни водопади и кади, фамозната Лешница, девствени полјани и пасишта… На Шара се регистрирани 1.260 вида растенија, од кои 32 се ендемични. Пребројани се 167 вида пеперутки, 140 вида птици… Шар Планина е трета по ред на Балканот по бројот на глацијални езера, кој изнесува 30, од кои 21 се постојани.
Бројки што при секоја студија, истражување, валоризација, ревалоризација само се повторуваат, истакнуваат, дури имаат тенденција и да се намалат, додека ние преземеме нешто за нивно зачувување. Величествената македонска планина е опеана и во редица песни од богатата народна ризница, како „Распукала Шар Планина“ или „Се навали Шар Планина“ и уште многу други.
Широката листа на природни богатства на Шара иницира само една мисла: „Со што Шар Планина досега не заслужила да биде национален парк?“
Шар Планина е најголемиот планински масив во Македонија, со огромна важност за националната биолошка разновидност. Доколку се прогласи за национален парк, Шара ќе биде едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа и еден од најголемите национални паркови.
Низ годините, нејзината девственост се нагризува. Често слушаме за сеча на дрвја, за дивоградби, загадени реки, за диви депонии, ловокрадство, изградба на мали хидроцентрали…, што укажува на итноста да се заштити биолошката разновидност, да се спречат ерозијата на земјиштето и негативните човечки влијанија.
Колку повеќе станувавме свесни дека на Шара ѝ е неопходен статус на национален парк, толку повеќе се одложуваше прашањето. Никако да помине на седница во Собрание, веќе околу 30 години, а некои поупатени велат и многу, многу повеќе.
Историјатот на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк датира од 1994 година. Во 1997 година, тогашното Министерство за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина подготвило предлог за донесување закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк со предлог-закон.

Законот подоцна е усвоен од Владата на Република Македонија и доставен до Собранието за разгледување. Од 1999 до 2001 година пратениците во Собранието повеќепати дискутираат на оваа тема, но, за жал, законот никогаш не е изгласан.
Во меѓувреме никнуваат низа истражувања, студии, анкети, лобирања… Премногу бавната постапка глави меѓу бирократските лавиринти.
Во 2015 година, во рамките на проектот „Зачувување на биодиверзитетот преку одржливо користење на природните ресурси на Шар Планина“, иницирано е формирање локална акциска група или неформална платформа „Пријатели на Шара“, со мисија да лобира Шар Планина да се прогласи за национален парк.
Најголем прогрес во однос на постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк е направен лани, со подготовката на студијата за валоризација на Шар Планина. А Македонското еколошко друштво минатата недела, по темелно обработено истражување, со анализи и анкети, пак, не знам по кој пат, го стави прашањето на дневен ред.
Судбината (иако звучи патетично) на Шара, повторно, е во рацете на пратениците.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, на онлајн прес-конференцијата изјави дека очекува Собранието до мај да го усвои предлог-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Истражувањето на МЕД и платформата „Пријатели на Шара“ понуди охрабрувачки резултати.

Околу 86 проценти од сите испитаници очекуваат позитивни промени. Околу 83 отсто од испитаниците сметаат дека Шар Планина треба да биде прогласена за национален парк. Анкетата покажа зголемена совесност и голема подготвеност кај локалното население за поддршка на иницијативата. Шар Планина обезбедува дом за над 20.000 луѓе (само на планината), чиј живот зависи и од квалитетот на животната средина околу нив. Свесни се дека претстои паметно искористување на природните богатства, дека заштитениот статус на Шар Планина ќе донесе и позитивни поместувања во делот на туристичката промоција на овој крај, повеќе форми на екотуризам, подобра клима за формирање мали бизниси, локалните брендови…
Изворите на истражувањето се полни со оптимизам за прогласување на Шара за парк. Велат дека проектот е зрел и подготвен за следната фаза. Тие веќе со размислите се на следно ниво. Ги замислуваат свесноста, совесноста и едукацијата на локалното население. Истакнуваат дека се потребни години да се прифати новиот облик на планината, како и да се живее по нови правила.
Но колку пратениците се запознаени со суштественоста на ова прашање?
Дали досегашното игнорирање и одложување од нивна страна е од немарност, неедуцираност, несоодветна информираност, негрижа, несовесност… ?
Во каква состојба треба да ја доведеме Шара за да се прогласи за парк?
Треба ли сосема да ја соголиме? Треба ли да го загрозиме шумскиот фонд, кој е живеалиште на Х видови? Реките да ги пресушиме? Целиме ли да исчезне и кафената мечка како балканскиот рис, кој со години не е забележан? Да го забрзаме исчезнувањето на дивата коза, чиј број драматично се намалува?
До кога ќе се деградира природата и ќе се остава Шара во рацете на шумската мафија…? До кога ќе цути нелегалната сеча? Ќе се запре ли трговијата со дрва? Колку се доволно хидроцентрали, диво изградени викендички и разни објекти, диви патишта за да се заврши веќе еднаш со понижувањето на планината?

Цели екосистеми со посебна еколошка и биолошка вредност се ставаат под ризик од уништување.
Во меѓувреме, кому ќе му ја припишеме негрижата, на уништувачите или на оние на кои не им е гајле дали ќе се уништи?
Нам ни останува да се надеваме дека овој пат ќе се пресуди во полза на Шара и на пријателите на Шара.
Ќе биде мај, или некој следен септември, останува да чекаме (видиме).