Рамуш, Мурто и Курти

Тесната победа на Албин Курти беше проследена со воздржани коментари од меѓународната заедница, која се обиде да ѝ даде предност на „посветлата“ страна од исходот на последните избори на Косово. Но ако се суди според почетните изјави на главниот репрезент на новиот бран косовски политичари, не остава голем оптимизам дека ќе следува порелаксирана клима во дејствувањето од идната косовска власт

Албин Курти е новата ѕвезда на косовската и балканската политичка сцена. По неколкугодишното дејствување од зад завесата и во длабока сенка на ветераните од поранешната ОВК, лидерот на партијата Самоопределување се најде под светлината на рефлекторите, кои го ставија во фокусот на главните случувања на Балканот. Овој припадник на помладата генерација на косовски политичари секојдневно е присутен во медиумите со свои изјави, во својство на кандидат за премиер на новата власт во Приштина. Овој агресивен медиумски настап на Курти е само продолжување на неговото досегашно политичко дејствување, кое го практикува од времето како студентски водач, кога се истакнуваше со радикални ставови во однос на решавањето на спорот меѓу Белград и Приштина.

Вечерта по прогласувањето на првичните и неофицијални резултати, Курти веднаш се самопрогласи за иден (и единствен) кандидат за премиер на Косово, иако има освоено само едно пратеничко место повеќе од неговиот сегашен конкурент од Демократскиот сојуз за Косово. Се чини дека неговата намера беше да се пресретне секој обид за поинакво прегрупирање на освоените пратенички мандати, во кој евентуално не би имало место за неговото Самоопределување, партија што почива на левичарско-националистичка платформа. Засега оваа опција е помалку веројатна, но не е целосно исклучена, со оглед на неговите изјави и визии за идното дејствување на косовската влада, а кои се дијаметрално спротивни од тоа што е постигнато досега во меѓусебните билатерални односи со соседните земји.

Тесната победа на Албин Курти беше проследена со воздржани коментари од меѓународната заедница. Водечките светски медиуми преку своите извештаи се обидоа да ѝ дадат предност на „посветлата“ страна од исходот на последните избори на Косово, а тоа е дека гласачите ја „изгубиле довербата“ во поранешните политички ветерани што произлегоа од редовите на раководството на ОВК, пред сѐ на Рамуш Харадинај и Хашим Тачи, кои беа и главни кочничари за наоѓање на компромисно решение со Србија. Но ако се суди според почетните изјави на главниот репрезент на новиот бран косовски политичари, не остава голем оптимизам дека ќе следува порелаксирана клима во дејствувањето од идната косовска власт.

Изборите на Косово само уште еднаш ја потврдија длабоката меѓуетничка
поделеност во оваа најмлада европска држава, која не остава простор за брзо надминување на спорот меѓу Белград и Приштина, која со години го држи балканскиот простор во изолација и далеку од европската интеграција

За тоа укажуваат и крутите ставови изнесени од Курти, кој ја исклучи можноста за брзо укинување на високите царини за српските производи, што беше и еден од главните услови од Белград за продолжување на дијалогот со Приштина. Згора на ова, тој најавува и целосно преиспитување на сите досегашни спогодби што биле постигнати меѓу двете земји и нивно прифаќање под услов да биде почитуван „принципот на реципроцитет“. Но најголем проблем во иднина би претставувал начинот на кој ќе се комуницира со претставниците на српската заедница на Косово, преку стопроцентната победа на Српската листа, која ги освои сите десет пратенички мандати од малцинствата. Курти се обиде да го релативизира овој факт, преку пораката дека во идната косовска влада ќе има место и за Србите на Косово, но не и од лицата предложени од Српската листа, за која смета дека е репрезент на Белград и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Изборите на Косово само уште еднаш ја потврдија длабоката меѓуетничка поделеност во оваа најмлада европска држава, која не остава простор за брзо надминување на спорот меѓу Белград и Приштина, која со години го држи балканскиот простор во изолација и далеку од европската интеграција. Затоа и изјавите на Албин Курти за преиспитување на односите меѓу соседите земји, како оној за ново цртање на границата со Црна Гора, треба да се примаат со загриженост. Таквите изјави не даваат надеж дека во наредниот период нѐ очекува некаков напредок, од причина што на косовските избори беа целосно поразени политичките партии што промовираа меѓуетнички дијалог, а тоа се однесува на опозициските партии од српската заедница, кои отворено зборуваа за постоење на висока корупција на Косово и отсуство на слободно изразување политичка волја на денот на гласањето. Сето тоа од меѓународната заедница е ставено во втор план, со намера да се излезе од ќор-сокакот во кој западна дијалогот што се води под покровителство на Брисел.
Пред Албин Курти и неговото Самоопределување претстојат многу предизвици.

Косово, дваесет години по прогласувањето независност, стагнира политички и економски, а неговиот меѓународен статус слабее и поради сѐ посилната активност на Србија за повлекувањето на признавањето од повеќе земји во светот. Косовската економија е слаба, а невработеноста во земјата е околу 30 отсто. Победникот на изборите за ваквата состојба ги обвинува претходните власти, кои се подложни на висока корупција, а Европската Унија отворено посочува на „кронизмот“ во оваа држава, од која се иселиле 170.000 лица во последните пет години. Засега остануваат изјавите на Курти за „новиот бран што ќе ја засили младата република и ќе го поттикне развојот што ќе донесе еднаквост за сите“. Медениот месец по изборната победа за него брзо ќе помине и тој ќе се соочи со реалноста, која изгледа поинаку додека е во опозиција. И тој, како и сите негови претходници, ќе сфати дека концептите за кој и самиот се залага, од типот на создавање големи држави на Балканот и обединување со Албанија, се само празни ветувања и за придобивање на гласачите, кои сѐ повеќе запаѓаат во безизлезност и сиромаштија.