Радикални економски промени за радикален раст на БДП

Ако се постават сите темели на економијата што се споменати во текстот, тогаш ќе може на среден до долг рок да зборуваме за раст на 6 отсто, па и повеќе, на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението

Потрошувачите во Македонија веќе се директни сведоци на бурните случувања на пазарот на храна, како и на новите ценовници речиси за сите видови производи, но и услуги. Исто така, забележителен е и често нереален пораст на цените, што од страна на јавноста се коментира како обид „да се искористи ситуацијата за лов во матно“. Треба да се вложи напор да се амортизира покачувањето на цените, да се имплементираат мерки каде што ќе им се помогне и на населението, но и на фирмите…
Покачувањето на цените веќе се случи. А така ќе продолжи. Комбинацијата на висока стапка на инфлација со слаб раст на БДП е најлошата состојба во која може да се најде една национална економија. Затоа, мора да се реагира со радикални системски промени и исто такви економски политики.
Овие се децениски дилеми, тридецениски проблем што го има Македонија – прашањето за долгорочниот економски раст и развој. Ако земјата остварува високи и одржливи стапки на економски раст, тогаш се подобруваат сите нејзини економски и социјални перформанси, но тоа не е случај со нашата земја. Развој и одржливост на државата и на граѓаните не може да имаме со низок БДП, со висок трговски дефицит и голема зависност од увозот. Нашата економија, покрај нискиот раст, ја карактеризира и редовно висок дефицит и поголем увоз отколку извоз и овие состојби се провлекуваат со години.

Незадоволителните економски резултати произлегуваат од сѐ понеповолната структура на изворите на бруто-додадената вредност, условена од повисокиот раст на додадената вредност кај услугите, наспроти растот кај реалниот сектор.
Креаторите на економските политики мора да останат будни и да дизајнираат мерки што ќе ги заштитат најранливите од евентуални трајни ценовни ефекти, а притоа нема да му наштетат на постпандемиското закрепнување и да создадат стратегии за повисок раст на БДП од сегашниот.
Развојната теорија и резултатите од емпириските истражувања за брзорастечките земји укажуваат дека високи стапки на раст подолг период се можни единствено преку иницирање на процесите на модерна реиндустријализација, зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и производи што имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност, како и извозна диверзификација – зголемување на бројот на извозни производи и услуги, бројот на извозни компании и земји каде што се извезува.
Фокусот мора да остане на создавањето додадена вредност, што ние како мала економија, која е сиромашна со ресурси, може да го постигнеме само со реструктурирање, производство, извоз, и тоа за последново само преку постојано подобрување на структурата на извозот. На долг рок е битно да се работи и на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може економските политики рапидно да ја поместат Македонија со стапка на пораст што е долгорочна. Еден од факторите е производствената база во економијата -првенствено домашните, но, секако, и странските производствени капацитети.

Во таа насока, потребна е и реиндустријализација на државата за поголема извозна ориентираност и поголем прилив на средства во државата. Реиндустријализацијата мора да биде поставена како приоритет на развојната политика на државата.
Во наредниот период земјата мора да се насочи кон развојот на реалната економија, да се врати на моделот на индустриско стопанство, со пристап што подразбира динамичен раст на инвестициите, раст на обемот на индустриското производство и на продуктивноста, но и да се одговори на предизвиците на модерното време за роботизација, дигитализација и за компјутеризација. Само економија што има индустриска и извозна структура примарно базирана на производи, кои се карактеризираат со поголема комплексност и ниво на софистицираност, има капацитет да генерира високи стапки на раст.

Ако земјата би остварувала високи и одржливи стапки на економски раст, тогаш би се подобриле сите нејзини економски и социјални перформанси. Но тоа не е случај со нашата земја. Развој и одржливост на државата и на граѓаните не може да имаме со низок БДП, со висок трговски дефицит и голема зависност од увозот

Клучно е во моментов да се почне со забрзана реализација на капиталните проекти, главно на инфраструктурните и енергетските, за да застане економијата на нозе, а тоа може да се реши само со надминување на системските слабости и институционална способност.
Исто така растот на БДП е еден од главните двигатели за идната побарувачка за енергија, потребна е максимизација на политиките за енергетска ефикасност, бидејќи тие директно влијаат на намалувањето на емисиите, ја намалуваат зависноста од увозот на енергија и ја стимулираат домашната економија. Потребен е сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата.
Ако ги поставиме сите овие темели на економијата, тогаш ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме растот на 6 отсто, па и повеќе на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението.