Победа на граѓаните

Во наредниот период Македонија ја очекуваат исклучително тешки денови. И тоа не само во еден или два-три сектори туку во многу области

Десеттите по ред предвремени парламентарни избори беа и поминаа.
Сега, кога изборите завршија и кога политичките партии ги сумираат резултатите, едно треба да се истакне, а тоа е дека на вчерашните избори, покрај победникот на изборите, голема победа извојува и народот, кој со релативно високиот одзив, од над 50 отсто, покрај тоа што покажа политичка зрелост и висока демократска свест, покажа и голема храброст, бидејќи и покрај крајно неповолната здравствена состојба со пандемијата на ковид-19 и големиот број од 198 позитивни од коронавирусот, сепак, собра храброст и излезе на избори.
Иако многумина беа скептици и не веруваа дека поради пандемијата народот ќе излезе во толкав процент на избори, сепак народот на Македонија покажа дека кога е во прашање државата храброста никогаш не му недостигала.
И покрај тоа што политичките партии пред изборите со мошне жестоката и во одредени моменти бескрупулозна кампања настојуваа да ја вжештат атмосферата, сепак, ако се изземат некои мали инциденти, изборите поминаа во демократска и фер атмосфера. Можеби не беа „фински“, но мора да се истакне дека беа слободни, фер и демократски и дека граѓаните на Македонија, и покрај големите стравови и фрустрации што ги имаа поради пандемијата, сепак можеа слободно да го дадат својот глас за своите преставници.

На овие избори висока свест покажаа и позитивните на ковид-19 и луѓето што беа во изолација, па дури и затворениците, кои го искористија своето уставно право, како и сите субјекти и институции што беа вклучени во организацијата на изборите.
Сега, кога резултатот на изборите е познат, се поставува прашањето што понатаму. Условно кажано, победникот на изборите веќе од утре го очекуваат мошне тешки денови и години, не само за исполнување на ветувањата што им ги даде на граѓаните туку и за справување со огромните проблеми, како со ковид-19, така и со пандемијата од која веќе неколку месеци страда македонската економија.
Во наредниот период Македонија ја очекуваат исклучително тешки денови. И тоа не само во еден или два-три сектори туку во многу области. А најтешкиот проблем со кој ќе мора да се соочи власта е како да го зачува здравјето и да ги спаси животите на граѓаните од смртоносната болест ковид-19.

Иако и во текот на (пред)изборната кампања Македонија се соочуваше со огромни загуби од пандемијата на коронавирусот, сепак искуството од соседството покажа дека заразата буквално експлодира по изборите. Не треба да биде човек наивен, па да не увиди дека сега, кога изборите завршија, власта би можела да се соочи со нов бран на ширење на пандемијата.
Иако сите политички партии и лидери тврдеа дека (пред)изборните активности ги правеа според сите здравствени протоколи, сепак сведоци бевме дека тие во најголем дел не се придржуваа на препораките и не ги почитуваа протоколите и дека политичките партии, во настојувањето што повеќе да им ги доближат своите (пред)изборни програми на поддржувачите, премногу се „доближија“ до граѓаните, што носи ризик и од потенцијално заразување. Оттаму, првата работа на која ќе мора да се фокусира новата влада во наредниот период е справувањето со чумата на 21 век, која не само што скапо ја чини Македонија, по бројот на изгубени над 380 животи, туку и по закрепнувањето на економијата, која буквално четири месеци е на респиратори.

Пандемијата во голема мера го „инфицира “ и македонското стопанство, кое е, најблаго речено, во коматозна состојба и кое со исклучок на одредени сектори и области се одржува исклучиво благодарение на финансиските „инфузии“ што ги добива од кредитите и заемите што ги подигна државата. И на врапчињата им е јасно дека на Македонија ќе ѝ треба многу време да го „излекува“ стопанството од последиците на ковид-19. Во многу сектори, и покрај помошта од државата, многумина сопственици ги затворија своите бизниси. Многумина велат дека тоа ќе го направат наскоро доколку не им помогне државата.
Тоа што е уште позагрижувачко е што во овој момент не се гледа крајот на пандемијата, не само кај нас туку и во Европа и светот и што во моментот нема ни епидемиолог ни виролог што би се осмелил да предвиди до кога ќе трае пандемијата и кога таа ќе исчезне. Предвидувањата на здравствените работници се песимистички и сите тврдат дека короната, која го покори светот и го клекна на колена, не мисли во скоро време да се повлече.

Напротив, кога се мислеше дека со доаѓањето на потоплите денови ќе си замине од овие простори, таа се „врати“ со уште поголема вирулентност. Затоа не треба да се биде каков било експерт, па да се заклучи дека власта во наредниот период ја чекаат исклучително тешки денови и години.
Пандемијата не го смени само начинот на однесување на луѓето туку го смени и начинот на живот. Македонија во наредниот период ја очекуваат и доста тешки и сериозни преговори за евроинтеграциите. Токму затоа, сега кога е спуштена изборната завеса, во наредниот период сите сили во државата мора да се насочат и кон исполнувањето на тие цели, бидејќи евроинтеграциите на државата не се и не може да бидат партиски прашања.
Народот го кажа своето. Тој го направи изборот. И сега, кога тој ја донесе одлуката, нема повеќе ни простор ни време за надмудрувања и расправања.

Сега на сите, наместо само на партиските штабови, треба во преден план да ни бидат здравјето на луѓето и интересите на државата. Во таа битка значаен придонес треба да дадат и граѓаните со своето примерно однесување. Доста ни беа импровизации и надмудрувања. Време е да се почитуваат препораките и мерките на здравствените работници. А тие мерки, барем во овој момент, се исти за целиот свет: носење маски, почитување дистанца и одржување хигиена. Затоа, време е конечно да се свртиме кон себеси и да се заштитиме самите, а со тоа и другите.