Офсет што не е офсајд

Офсет-аранжманите за набавка на вооружување се добро позната практика, која ја користат голем дел од државите во ЕУ и во НАТО и која нуди можност да се намали одливот на девизи од домашниот буџет, а од друга страна да се развие домашната економија, но и да се модернизира армијата

Во спортската терминологија поимот „офсајд“ означува кога одреден играч е во недозволена позиција при што постигнувањето погодок од една таква позиција обично не се признава. За разлика од спортската терминологија, во бизнисот со воена индустрија постои еден друг поим познат како „офсет“, кој, пак, има сосема поинакво значење и нуди мноштво поволности. Со други зборови, постигнувањето погодок врз принципот на офсет е пожелно и прифатливо и за двете страни учесници во играта, при што и двете страни се чувствуваат како победници и добитници.
За што поточно станува збор? Во буквална смисла на зборот, офсет може да се толкува и како компензација, еден вид стоковна размена, каде што купената воена опрема наместо со пари се плаќа со нудење домашни производи или услуги од страна на купувачот. На овој начин се намалува одливот на девизи и истовремено позитивно се влијае на развојот на домашната економија.

Угледниот магазин „Евроатлантска ревија“, офсет-аранжманот го анализира од еден агол што е многу интересен за нас во овој момент, поентирајќи дека денес во модерниот свет при набавка на капиталната воена опрема, не треба само да се гледа во нејзината цена и политичката димензија што произлегува, туку во офсет-аранжманите, односно колку продавачот е подготвен да се заложи да инвестира во економијата на земјата на купувачот на воената опрема?
За Македонија како идна земја-членка на НАТО оваа можност е особено интересна со оглед на фактот што државата треба да издвои значителна сума пари за модернизација на опремата и оружјето.

Како што најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска со купување 150 транспортни возила, со што и практично ќе го фатиме стројниот чекор со сојузниците во НАТО, важно е и да се знае дека во овие трговски процеси за модернизација на војската постои можност што е наречена офсет-аранжмани, со кои се врши набавка на опрема и оружје што нуди алтернативни двојни поволности и за нашата држава како купувач и за државата продавач во овој исклучително скап процес.

Овие аранжмани, кои се практика во добар дел од земјите на НАТО и на ЕУ, за нашата држава би значеле дека ние би добиле модерно оружје и истовремено би имале позитивен импакт на нашето стопанство, во смисла на спречување значаен одлив на девизи од домашниот буџет. Дополнително за возврат би добиле и можност за развој на домашната индустрија, со намера нејзините производи да се вклопат во трговските рамки на воената алијанса.

Ваквите офсет-аранжмани, преку „компензациско“ усогласување на воената соработка, се добро познати во Европа. Така, на пример, Унгарија се одлучи да набави од Шведска 14 повеќенаменски борбени авиони од типот „грипен“, наменети за унгарските воздухопловни сили. Тогаш, како што пишуваа медиумите, авионите најпрво беа изнајмени на десетгодишен лизинг по што властите од Будимпешта се обврзаа подоцна да ги купат. За возврат како дел од овој офсет-договор, во производствените погони во Унгарија шведските економски гиганти како „Електролукс“, „Ериксон“ и „Сименс“ инвестираа милионски суми во развојот на домашната унгарска индустрија. Сличен е примерот кога Полјаците за сума од 3,5 милијарди долари се решија да ги набават добропознатите американски авиони „Ф-16“ од САД, исто преку таканаречениот офсет-аранжман, со што Полска обезбеди директна американска инвестиција во земјата вредна неколку милиони.

Според тогашните пишувања на полските медиуми, Американците за возврат на продажбата се обврзаа да го модернизираат полскиот воздухопловен институт во кој денес Полјаците произведуваат компоненти за американската „цесна“, но и се сервисен центар на Европа за авионите „Ф-16“.
На овој начин со овој модел на набавка на оружје ние се вртиме кон себе и кон развојот на сопствената економија. Токму овие алтернативни начини на отплаќање на скапите оружја се добра можност да го унапредиме пласманот на домашните производи на пазарот на НАТО.

Со тоа, нашата држава би го добила двојниот позитивен ефект, би се однесувала домаќински кон парите во буџетот и развојот на домашните бизниси и истовремено би го збогатила арсеналот на нашата војска.

[email protected]