Одземањето на придавката „македонски“ не е само граматичка грешка

Индолентното однесување на Обединетите нации, за својот дел од обврските спрема нашата земја, треба да ни биде „врескава опомена“ дека е отворен нов, длабок и сложен предизвик за да го спасиме од исчезнување македонскиот идентитет во меѓународните организации, почнувајќи од ОН, преку ЕУ, па дури и на меѓународниот економски пазар

Значењето на именките и придавките во современата комуникација во Македонија, се чини веќе ги има надминато граматичките категории, па сѐ почесто споменувањето на овие поими директно се поврзува со прашања за политичка и меѓународна идентификација на македонскиот национален идентитет. Ваквиот опис на актуелните политички приоритети на Македонија, за некој неупатен може да звучи како „поетска интерпретација“ на реалните предизвици за Македонците во време на глобална пандемија, но колку и да е апсурдно, македонскиот идентитет е доведен во ситуација пред светот да се докажува збор по збор во веќе заодениот 21 век. Без никаква метафора, иронија или друга стилска фигура, македонските именки и придавки се длабок политички идентитетски проблем, а сѐ повеќе се покажуваат ефектите од тенденциите и амбициите на разни фактори што сакаат да нѐ денационализираат преку инструментализација на меѓународното право и пакување разни (добро)соседски билатерални договори. Цели членови, па и поглавја во Преспанскиот договор со Грција се посветени за (ре)дефинирање, (до)прецизирање и обезличување на именските зборови што логично-граматички се изведуваат од терминот Македонија, во секакви ситуации кога треба да се означат македонското државјанство и македонската нација.

Притоа, целата оваа операција предизвикана од менувањето на името на државата Македонија, со додавање на географската одредница „северна“, беше (и сѐ уште е) претставувана како „бетонирање на македонскиот идентитет“: односно името на државата можеби е Северна Македонија, но националноста (или државјанство) е македонска, но со „опашка“ од една коса црта по кога пишува – граѓанин на… По објавувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор, македонската јавност беше уверувана од потписниците (власта) дека Македонците остануваат Македонци, а никако не се „северномакедонци“. Дури и Министерството за надворешни работи објави некаков прирачник за странците како да се обраќаат и да ги нарекуваат граѓаните на земјата на кои, наводно, им го зачува идентитетот и им ги отвори евроатлантските перспективи… „Ентузијазмот“ од пред три години за убедување на македонската јавност, и упатствата за нарекување на Македонците од страна на странците, бргу спласна и кај македонските власти, па сѐ почесто државата и нацијата се нарекуваат „нашата земја“, „нашите луѓе“ или се претставуваат со симболот на македонското знаме… Странците веројатно никогаш и не го прочитаа упатството на македонското министерство за надворешни работи, а Македонците „лесно и логички“ почнаа да ги нарекуваат „северномакедонци“… или никако да не ги нарекуваат. Со брзиот тек на времето, во политичкиот заплет за обезименување на Македонија и Македонците се вклучи и Бугарија, пробувајќи си ја среќата со грчката тактика да си го оствари сонот за своите недоживеани големодржавни амбиции…

Дури и евентуалните претпоставки дека македонската идентификација со „опашка“ ќе биде некако забошотена во примената, поради целиот апсурден контекст, се покажаа како наивни, по спроведувањето во актите на Обединетите нации на одредбите утврдени со Преспанскиот договор. Македонски интелектуалци откриваат дека македонскиот идентитет во ООН е сведен на демоним, бидејќи косата црта „/ граѓани на Република Северна Македонија“ станува нераздвоен дел од него. Со тоа македонската нација станува „единствена нација во светот, во чија лична карта на ООН (УНТЕРМ-терминолошка база на податоци), ѝ се oдзема каква било можност за употреба на придавка при идентификувањето, со што практично станува ’безимена нација‘“.
И покрај сите обиди за релативизирање и затскривање на (сепак) предвидените последици од Преспанскиот договор, примената на неговите одредби во врска со именувањето на македонската нација во Обединетите нации, наведува на уште едно изневерено ветување од меѓународниот фактор спрема Македонија и сите отстапки и жртви што ги направи за имплементација на овој, во голема мера, меѓународноправно спорен договор. Освен што другата (т.е. првата) страна на договорот не беше обврзана со речиси никакви обврски, ООН како меѓународен фактор и гарант на договорот, побрза да ги спроведе измените во именувањето на Македонија и Македонците, без оглед што напредокот во евроинтеграциите (што исто така е дел од договорот во македонски интерес) е повторно блокиран.
Ваквата „ефикасност во наплатата“ на меѓународниот фактор без исполнување на својот дел од обврските, за Македонија, а пред сѐ за македонските политичари, треба да биде „врескава опомена“ дека е отворен нов, длабок и сложен предизвик за спас на македонскиот идентитет во меѓународните организации, почнувајќи од ОН, преку ЕУ, па дури и на меѓународниот економски пазар.

Предизвикот на економски план во однос на македонскиот идентитет секако ќе биде активиран со примената на одредбата во Преспанскиот договор за користењето на именката „Македонија“ и придавката „македонски“ во термини за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци… Во сите тие процеси на усогласување на македонското име според потпишаните билатерални договори, сите македонски политички и економски субјекти е потребно да бидат максимално внимателни, зашто во небрежноста поврзана со „именките“ и „придавките“ демне заканата за исчезнување на секакви траги на македонското постоење – и во минатото, и во иднината, и духовно, и материјално… Зачувувањето на придавката „македонски“ веќе не е поетска метафора, туку конкретен политички и економски предизвик за македонската нација.