Лошиот сосед и киселото млеко

Поради сето (блиско и подалечно) историско искуство на Македонија во односите со Бугарија, искреноста на намерите за враќање на довербата во Договорот за добрососедство, сепак, во македонската јавност предизвикуваат недоверба. Дури и да има обострани придобивки од спроведувањето на најновиот акциски план, македонската јавност на секаква манифестација на искреност и добронамерност од бугарските политичари се однесува претпазливо, како дување на изгорен во бугарското кисело млеко

Текот и развојот на македонско-бугарските односи во изминатите три години, а особено во последните четири-пет месеци, создаде еден парадоксален ефект – колку е поинтензивна комуникацијата, толку повеќе се потенцираат разликите во ставовите на двете страни. Објаснувањето за постигнувањето на тоа ниво на парадоксалност може да се пронајде во фактот што бугарската страна таквата „динамична комуникација“, во најголем дел ја сведе на уцени од историско-идентитетски карактер до македонската страна, поврзана со процесот на интеграција во ЕУ. И сега, точно три години по ратификацијата во македонскиот парламент на Договорот за добрососедство со Бугарија (патем – и 29 години од признавањето на самостојна Република Македонија од бугарската држава), односите на двете соседни држави се стигнати само до враќање на довербата во него (Договорот), но и враќање на меѓусебната доверба на главните политички носители (од двете страни) за негово спроведување. Фазата во македонско-бугарските односи, наречена „враќање на довербата“, треба да се случува преку спроведување на т.н. акциски план, со кој, според македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, „треба да се создадат предуслови за решавање на разликите што постојат во однос на преговарачката рамка“.

Сепак, симптоматично е што и речиси една недела по „доставувањето“ на акцискиот план од Софија, преку македонскиот специјален преговарач Владо Бучковски, сѐ уште во македонската јавност не се претставени некои конкретни содржини од него. Интересот на јавноста за акцискиот план за спроведување на Договорот засега треба да се задоволи со општите официјални соопштенија дека се работи за засилување на реализацијата на инфраструктурни проекти (пред сѐ изградба на железничката пруга Скопје – Софија), бугарски инвестиции во Македонија, отворање бугарски универзитетски кампуси, медиуми… Но дури и оваа „кратка содржина“ на фазмозниот акциски план, во македонската јавност веќе е „прочитана“ како намера на Бугарија преку „мека сила (влијание)“ да ги оствари своите тврди позиции дека Македонија и Македонците треба да се „вратат на своите бугарски корени“, за Бугарија да размисли за повлекување на ветото за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.
Во новиот момент со акцискиот план повторно е забележлива познатата симптоматичност на асиметријата на Договорот, дека Македонија треба постојано да ги исполнува наведените (но и секакви дополнителни) услови, додека Бугарија се гледа себеси исклучиво во улога на побарувач. Асиметричноста и неконкретизираноста на обврските во билатералниот договор меѓу Македонија и Бугарија беа доминантно забележливи уште при неговото потпишување во 2017 година. Дека овој договор не ги исполнува критериумите за рамноправност меѓу две суверени земји, иманентни во стандардите на меѓународното право, беше укажувано во македонската политичка јавност, но во друг дел веројатно преовладуваше уверувањето дека тој е само формалност на македонскиот пат кон ЕУ и дека бугарската страна ќе се однесува џентлменски и искрено ги поддржува македонските евроинтеграции.

Во тој миг, секако, поголем проблем беше надминувањето на децениските меѓународни опструкции од Грција, поради самото име на државата – Македонија. По Преспанскиот договор со Грција, потисниците уверуваа(т) дека и покрај додавката со географска одредница во името на државата Македонија, сепак е затворен секој простор за загрозување на македонската националност и автохтоната посебност на македонскиот јазик, Бугарија се реши да уценува и со тие аспекти на македонскиот идентитет, активирајќи го членот од билатералниот договор, каде што неодредено се споменува „заедничка историја“. Иако тоа не го стори пред приемот на Македонија во НАТО, сепак Бугарија не се откажа од привилегијата на членка на ЕУ да го употреби Договорот за добрососедство како средство за уцена на Македонија и само како „предупредување“ за долготрајните уценувачки намери да стави вето (за почеток) на усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ.
Она што е фрустрирачки и создава недоверба во македонското општество спрема Бугарија, покрај искуството со неискреноста од минатото, е и согледувањето дека ветото за почеток на преговорите со ЕУ е сепак далеку од кулминација на уценувачките намери. Многубројни се доказите од неодамна дека и покрај Договорот за добрососедство, Бугарија не се покажа како добронамерен сосед на Македонија. Напротив, токму тој договор го гледа и го користи како своја последна шанса за „итроманско“ исполнување на своите историски аспирации и фрустрации кон (од) Македонија, преку обидот да ги наметне како критериум за интеграција на Македонија во ЕУ. Таквата политика на Бугарија, која колку и да е европски маскирана, сепак нескриено манифестира желба за асимилација на Македонија, покрај политичката опструктивност, очекувано предизвикува анимозитет во македонското општество.

Навистина, изјавите на бугарските политичари за Македонија, во голема мера отворено подбуцнувачки за да предизвикаат револтирана реакција во македонското општество (што подоцна го користат како доказ за говор на омраза пред ЕУ), се препознаени како средство за остварување подобар рејтинг пред парламентарните избори во Бугарија, на 4 април годинава. Сепак, колку и да се трудат македонските политичари да манифестираат воздржаност на таквите провокации од бугарските колеги, катарзата на народната фрустрација не може секогаш да биде контролирана. Таква, секако недозволива катарза, се случи на Вевчанскиот карневал, каде што покрај сите годинешни политички проблематизирани ситуации со неговото одржување, на крајот, со сите маски беше запалено и бугарското знаме. Бугарската министерка за надворешни работи секако не пропушти да упати дипломатски демарш за овој неоправдан инцидент, кој веројатно ќе биде искористен и како понатамошен „доказ“ за непочитување на Договорот за добрососедство од страна на Македонија, без разлика што Бугарија не ја почитува единствената обврска што ја има со тој договор – да ја поддржи Македонија во нејзините евроинтеграции. Поради тоа, а и поради сето (блиско и подалечно) историско искуство на Македонија во односите со Бугарија, искреноста на намерите за враќање на довербата во Договорот за добрососедство, сепак, во македонската јавност предизвикуваат недоверба. Дури и да има обострани придобивки од спроведувањето на најновиот акциски план, македонската јавност на секаква манифестација на искреност и добронамерност од бугарските политичари се однесува претпазливо, како дување на изгорен во бугарското кисело млеко.