Кога со една буква се урива кула од лаги

Независно од исходот на изборите во Бугарија и новиот распоред на политичките сили, Македонија никако не смее да отстапи во какви било преговори од своето, меѓународното и универзалното право на самоопределување и сувереност на својата национална историја и јазик. Македонија ги има аргументот и правото со една буква да урне кула од лаги, колку и да е таа голема, моќна и дрска

Кога ќе паднат маските и трпението, таквото однесување најчесто се препознава како безобразие и дрскост, дури и кога дрскоста се темели на увереноста во сопствената надмоќ во однос на страната на која сакаш да ѝ се наметнеш. Таквата непримерност на официјална Софија, во специфичното и асиметрично македонско-бугарско „добрососедство“, ескалира до тој степен во последната седмица пред изборите во Бугарија, што дури и македонската дипломатија, „отрпната, па и обучена“ да не реагира на провокации, беше речиси принудена да признае дека односите со источниот сосед се на „најниско ниво“ од потпишувањето на Договорот за добрососедство. А во изминативе седум-осум месеци, Бугарија континуирано го тестираше и поместуваше прагот на издржливост на провокации на македонските власти: и во Брисел, пред земјите-членки на ЕУ, што ефектуира со контроверзно вето, за кое тврдеше дека не е вето, но и билатерално на директни средби и индиректни пораки преку медиумски настапи на министрите и европратениците. За разлика од македонските официјални политичари и институции, македонската јавност сепак не покажа толкава толеранција на историските, идентитетските, па и територијалните претензии на Бугарија и обидот да ги издигне на ниво на критериуми за проширување на ЕУ.

Чашата на трпението на македонската дипломатија се чини конечно беше прелеана со предизборниот спот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, од почетокот до крајот исполнет со шовинизам, закани и отворени територијално-историски претензии спрема Македонија. Конечно, од македонското министерство за надворешни работи беше испратена протестна нота до соодветното бугарско министерство, од каде што се оградија од ставовите на Џамбаски, со изјава дека тоа не е став на Владата на Бугарија, но не пропуштија во истиот текст подолго да упатат забелешки на македонската страна за нереагирање на некои нивни претходни ноти… Ирационалноста во однесувањето на Бугарија е тешко разбирлива во ЕУ, меѓу другото и покрај тоа што како членка на Унијата ѝ се овозможени европски перспективи за иднината и достапност за постигнување високи стандарди на демократски развој, а таа опсесивно е посветена на анахроните неисполнети соништа за „голема држава“ од 19 век. Заслужено или со прогледување низ прсти, на Бугарија ѝ е отворена цела Европа, а таа се има фиксирано на својата опсесија да ја има Македонија и Македонците да ги убеди дека се неосвестени Бугари. Таквата бугарска ирационалност, која не се воздржува и од барања за фалсификување и бришење историски факти, од блиското и подалечното минато, од сопствената, но и од светската историја, можеби ЕУ прагматично и премолчано ја користи како алиби за својот „замор од проширување“. Парадоксално и иронично, но „заморот и сомнежот“ на ЕУ се должат токму на искуството од проширување со земји како Бугарија, кои и по 13-14 години членство не ги постигнуваат европските стандарди, а консензусот во одлучувањето го користат како средство за уцена на земјите-кандидатки.

Сепак, таквата опсесивна предизборна кулминација на големодржавните аспирации на бугарските политичари со „европски предзнак“ беше непријатно пресечена од извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата со почитувањето на човековите права. Американските дипломати, повеќе од отворено, во цело поглавје од извештајот ја опоменаа Бугарија дека има обврска пред европските институции да им овозможи право на здружување на граѓаните што се чувствуваат како Македонци на нејзина територија. Во извештајот децидно се наведува дека бугарските власти, и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права, одбиваат да ги регистрираат здруженијата на Македонците во таа земја, а во забелешките од делот за „граѓанските слободи“ се наведува и барањето на министерот за одбрана Красимир Каракачанов за забрана на две македонски здруженија поради наводна „политичка агенда што ги загрозува единството и безбедноста на нацијата“. Речиси истовремено со извештајот на Стејт департментот, со пораки до Бугарија се обрати и американскиот заменик на помошник-државниот секретар Метју Палмер, нагласувајќи дека македонско-бугарскиот спор треба да се решава билатерално и дека не може една земја-членка на НАТО да ѝ се заканува на друга земја-членка. Пораките на американскиот висок функционер не завршија само со „совети“ за Бугарија и за Македонија, туку ја повика и ЕУ годинава да ја закаже меѓувладината конференција за отворање на пристапните преговори со Македонија, нагласувајќи дека „САД чувствуваат момент на итност“. Ваквата реторика на американскиот заменик на помошник-државниот секретар, политичките аналитичари на меѓународно ниво ја проценуваат како сѐ уште „мек притисок“ врз Бугарија и ЕУ, пред да пристапат кон фазата на „булдожер-дипломатија“.

В недела, на 4 април, во Бугарија се одржуваат парламентарните избори, по кои се најавува продолжување на преговорите со Македонија, за решавање на причините за ветото. Со „препораките“ од Вашингтон за решавање на историските прашања (на кои всушност се сведува македонско-бугарскиот спор) надвор од процесот на проширување на ЕУ, Македонија треба порешително да ги исцрта своите црвени линии во очекуваните преговори. Освен тоа, историско-идентитетските аргументи на Македонија ниту се измислени, ниту вештачки создадени. Таквите аргументи се наоѓаат во историските артефакти, но и во континуитетот на одредени специфики на македонското постоење, кои се провлекуваат и живеат низ вековите. Само еден карактеристичен глас од македонската азбука, обележан со буквата Ѕ, има моќ да ја растури сета бугарска пропаганда за „измислената македонска нација“. Независно од исходот на изборите во Бугарија и новиот распоред на политичките сили, Македонија никако не смее да отстапи во какви било преговори од своето право на самоопределување и сувереност на својата национална историја и јазик. Македонија ги има аргументот и правото со една буква да урне кула од лаги, колку и да е таа лага набилдана со стероиди, голема, моќна и дрска.