Кога поради вистината не можеш да заспиеш

За да не се срамиме од идните генерации, што поскоро да им застанеме на патот на нападите врз новинарите, на заканите, на поведувањето судски постапки против медиумите, политичките и економски влијанија, самоцензурата… Новинарските, ама професионални здруженија треба обединети да се борат за универзалните новинарски принципи, за слободата на јавниот збор, да ги поддржуваат своите членови во секоја смисла, а не да се делат на „леви“ и „десни“, прави и криви, туку на вистински професионални новинари што ги почитуваат стандардите на професионалното новинарство и на оние што тоа не се…

„Бев затворен, затоа што бев отворен“, велеше српскиот сатиричар Влада Булатовиќ-Виб, но тоа се случуваше во едно друго општествено уредување. Каква е денес поврзаноста на демократијата, како концепт, и политичкиот систем и медиумите, како влијателни институции на современото општество?
Современото демократско општество ги посматра медиумите како еден од инструментите со кои демократијата се остварува и одржува. Тие овозможуваат граѓаните да се навремено информирани со проверени веродостојни информации, за граѓаните да бидат способни самостојно да донесуваат судови за општествените случувања и за главните актери во нив. Несомнено, информираниот граѓанин е важен фактор во изградбата на здрава демократија и токму за таа цел секогаш е подобро да се слушнат сите страни, мислењето да биде пообјективно.
Но иако медиумите се „посредници“ меѓу граѓаните и актуелната политика, тие често се користат и како средство за остварување на интересите на одредени општествени групи, па и на самата држава, со што се потиснува нивната функција за ширење и развивање на демократската култура, вредности и идеи. Слободата на медиумите, односно слободата на информирањето, известувањето, истражувањата, развојот, најмногу ги ограничуваат приватниот бизнис и државата, поточно актуелната власт. Поради тоа, медиумите, особено оние во земјите што сѐ уште се во транзиција, како нашата, треба да се ослободат од нивната контрола и влијание со користење построго почитување на законската регулатива, како и со поттикнување на развојот на јавниот сервис, односно на оние медиуми што се во служба на јавноста и на нејзините интереси.

Меѓународната организација за човекови права „Амнести интернешенел“ утврдила дека сѐ уште две третини од човештвото живеат во држави во кои е ограничено правото на слободно мислење и правото на слободата на медиумите. А може ли во земја во која на новинарите им е скратено правото на слобода на говорот воопшто да стане збор за демократија? Улогата на медиумите во демократизацијата на општеството во прв ред лежи во тоа тие да придонесат за поголема транспарентност, со што ги принудуваат владите да положат сметка за она што го прават.
Но често таа фактичка состојба ѝ пречи на актуелната власт, па прво што прави е со судски одлуки, упади во медиуми, нивно едноставно бришење, отпуштање новинари, па и нивно затворање без основа, да затскрие одредени работи.
Не значи дека такво нешто се случува и кај нас, но така „по форма и однадвор“ личи настанот што деновиве се случи во просториите на телевизијата Алфа. Медиумот на својот веб-сајт објави дека: Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност направило „ненајавен упад во националната телевизија со барања за доставување документација, договори за соработка од каков било облик, договори за емитување рекламни спотови, веб-дизајн, припрема на веб-страна“.
Уште од Алфа телевизија се вели дека „барањето е надополнето со доставување докази дека сме извршувале услуги од областа на рекламирањето, маркетингот и адвертајзингот!? А што друго впрочем јавно работи Алфа телевизија?! Произведува програма и емитува реклами! Барањата се однесуваат за национална телевизија, која 24 часа, седум дена во неделата, 365 дена во годината продуцира и дистрибуира програма во рекламен простор од 12 минути на секој час програма. Тој визуелно и аудитивно присутен факт во домовите на граѓаните во Македонија и низ светот, може многу едноставно да се утврди со едноставно броење на телевизиското време на Алфа телевизија во само 60 минути“.

Демократијата значи слободни и информирани граѓани. Токму тоа стои на официјалниот веб-сајт на Владата, каде што меѓу другото се вели:
„Слободата на изразување е основно човеково право, кое е суштинско за едно општество да се нарекува демократско и да оди напред. Веруваме во слободата и плурализмот на медиумите бидејќи нашата држава ја гледаме како мозаик на култури, јазици, обичаи и мислења – тоа е нејзината посебност и оттаму доаѓа нејзината сила и големина. Убедени сме дека единствената улога на Владата во регулирањето на медиумскиот сектор треба да биде сосредоточена на обезбедување на слободата на говорот, структурниот плурализам, македонскиот јазик и јазиците на заедниците и на заштитата на децата од штетни медиумски содржини. Слободите зависат и од силата, знаењето и мобилизацијата на граѓанскиот сектор. Само тоа може да гарантира одржлив развој и демократски промени во државата“.
И уште еден пример… Речиси истиот ден Горан Момироски и Драган Милосављевиќ, новинари и автори на емисијата „Заспиј ако можеш“, која се емитува на ТВ Алфа, беа на распит во скопското Јавно обвинителство за да дадат некакво појаснување за она што го објавиле уште на 11 јануари годинава, а се однесувало на безбедносните и разузнавачки структури на Македонија.
Коментирајќи ги кривичната пријава и постапката што се води против него, како и кривичните пријави против други новинари, Горан Момироски, во емисијата „Прашањето ми е следно“ на „Инфомакс“, истакна дека власта се обидува да ги елиминира критички настроените новинари, како релевантни извори што презентираат индиции за можеби сторени противправни поведенија, спротивни на позитивните законски прописи, а нивното откривање е со висок јавен интерес.
А вакви случаи, кога новинарите беа на црната листа имаше и во претходната владејачка гарнитура. Томислав Кежаровски, кој за еден свој напис неправедно беше осуден и одлежа казна затвор во „Идризово“, сѐ уште чека судска разврска за својот случај.

Владеењето на правото е суштински елемент во градењето на едно модерно и демократско општество. Земјава мора да ги спроведе стандардите на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.
И токму затоа, за да не ни се случи некој ваков случај, повторно и одново, за да не се срамиме од идните генерации, што поскоро да им застанеме на патот на нападите врз новинарите, на заканите, на поведувањето судски постапки против медиумите, политичките и економски влијанија, самоцензурата… Новинарските здруженија треба обединети да се борат за слободата на јавниот збор, да ги поддржуваат своите членови во секоја смисла, а не да се делат на „леви“ и „десни“, прави и криви, туку на вистински професионални новинари што ги почитуваат принципите на новинарството и на оние што тоа не се…
Слободата на медиумите и на изразувањето, како и независноста на новинарите се еден од основните предуслови на демократијата, па затоа мораме со право да се запрашаме за тоа колку има вистинска демократија во Македонија или сѐ уште сме многу далеку од тоа?