Грчко-бугарски иредентизам на отворена сцена

Очигледно е дека за Македонија нема останато голем маневарски простор за себеидентификација на меѓународната сцена по договорите со соседите, како политички така и економски. Сѐ повеќе се покажува дека и Грција и Бугарија ги користат договорите само и единствено во функција на приграбување на сѐ што има македонско обележје. Со други зборови, нашите соседи (патем, членки на ЕУ и на НАТО) промовираат иредентизам на јавна сцена, без притоа некој од Брисел барем да ги опомени за тоа

Како и да се преврти Преспанскиот договор, да се чита од почетокот, или од крајот, на кое око и да се замижи, економско-пропагандната кампања на Грција за нејзините производи од регионот што си го нарекува Македонија, секако, се сведува на иредентизам. Навистина, грчката бренд-кампања именката „иредентизам“ итро ја затскрива зад придавките „скриен“ (пред сѐ од преспанските обврски за Грција), „маркетиншки“, „креативен“…, но во суштина сепак остава отворен терен да биде протолкуван и како провокација за македонската држава од другата страна на границата, означена како втора страна во Преспанскиот договор. Дека провокацијата е отворена говори и изборот на времето за претставување на кампањата – посетата на македонскиот премиер Заев на солунскиот саем, всушност во истиот ден кога грчкиот премиер Мицотакис му вети дека ќе се борел Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Без разлика на скриените и отворените пораки на грчката кампања под слоганот „Macedonia the GReat“ (Македонија големата, со потенцирани големи букви ГР, кои, секако, асоцираат на меѓународниот код на Грција), во услови на симетричен договор, кога двете страни би имале еднакви обврски, Грција би била на сосема тенок мраз во однос на членот 4, став 2 од спогодбата од Преспа, со кој „секоја од страните се обврзува да не дава, ниту да одобрува какви било иредентистички изјави и дека нема да одобрува какви било вакви изјави дадени од оние што тврдат дека дејствуваат во името или во интерес на една од страните“. Под истата претпоставена симетричност на договорот, Грција би била „фатена“ во уште поголем прекршок дека спроведува кампањи за промоција на свои производи под брендот „Македонија“, иако во конечната спогодба е наведено дека тоа ќе се решава во рок од три години, од комисија составена од меѓународна група експерти. Фактот што таква мешана експертска група за усогласување на трговските марки сѐ уште не профункционирала (а сѐ уште не е докажано и дали е воопшто формирана), во рамноправни услови би било еклатантен доказ дека Грција го прекршила Преспанскиот договор.

Иако Преспанскиот договор од меѓународната заедница беше истакнуван како „модел за решавање билатерални проблеми“ (и покрај големиот отпор и референдумско неприфаќање од македонската јавност), сѐ повеќе се покажуваат лошите последици за Македонија од крајно асиметричното гледање и толкување на одредбите вградени во него, спротивни на меѓународното право. Недобивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ беше голем удар врз Преспанскиот договор, но очигледно на штета само на Македонија. Од друга страна, таквата европска одлука беше сигнал за Грција да ги искористи сите предности што ѝ ги нуди договорот, а таа со претприемачки дух веднаш ги искористи за трговско брендирање на „грчкиот карактер на Македонија“.

Во целата оваа ситуација, македонската влада, очекувано, реагира дефанзивно, невешто повикувајќи се на одредбата од договорот од Нивици за формирање меѓународна комисија што ќе договара за употреба на македонскиот бренд во трговски цели, кога грчката страна веќе на големо го освојува економско-пропагандниот простор. Што се однесува до вербата за решавање на трговските марки преку работа на заедничка комисија, веќе и искуствено е докажано со работата на историските комисии (и со Бугарија и со Грција) дека нивната активност само ги продлабочува старите разлики во гледиштата.

Бугарија преку договорот, на пример, се обидува да ја уценува Македонија и да ја фалсификува историјата, на што во последно време укажуваат и редица странски експерти.
Но уште поиндикативен е молкот на сите поддржувачи од меѓународната заедница на Преспанскиот договор, кои како да не забележуваат дека Грција отворено го прекршува нивниот „модел за решавање на билатералните проблеми“. Навистина, меѓународниот фактор сѐ уште не изреагирал ни за тоа што Грција сѐ уште ги нема сменето сообраќајните табли на своите патишта што би требало да насочуваат спрема македонската граница, што и понатаму државни функционери нашата земја ја нарекуваат „Скопје“ или ФИРОМ…, што едноставно се однесува како да нема потпишано никаков договор за добрососедство.

Но затоа грчката епепе-кампања бурно одекна во македонската јавност, делумно онаа интелектуалната, а сепак многу повеќе на социјалните мрежи. Во сите реакции постои согласност дека грчката кампања претставува отворена форма на иредентизам, со потсетување дека Грција пред Преспанскиот договор постојано ја обвинуваше Македонија за иредентизам и по најмал повод, па дури и го измисли терминот „антиквизација“. Предлозите за одговор на грчкиот потег се движат во радикално спротивни крајности: од целосно оспорување (отфрлање) на Преспанскиот договор до незгасната надеж дека почитувањето на неговите одредби е во интерес на Македонија.

Очигледно е дека за Македонија нема останато голем маневарски простор за себеидентификација на меѓународната сцена по договорите со соседите, како политички така и економски.
Сѐ повеќе се покажува дека и Грција и Бугарија ги користат договорите само и единствено во функција на приграбување на сѐ што има македонско обележје. Со други, зборови нашите соседи (патем, членки на ЕУ и на НАТО) промовираат иредентизам на јавна сцена, без притоа некој од Брисел барем да ги опомени за тоа.