Гаранции за легитимирање на криминалот

Статусот на Бугарија како земја-членка несомнено ѝ дава привилегирана позиција во уцените што ги испорачува спрема Македонија како земја-кандидатка, но индиферентноста на ЕУ спрема криминално-уценувачкиот однос на нејзината членка, на свој начин ја прави и ЕУ соучесничка во криминалот спрема меѓународното право. И, секако, кон Македонија

По петнаесет години минати во чекалницата на ЕУ, по големи (сѐ уште) контроверзни политички одлуки за надминување на грчкото вето, по тригодишно лицемерно добрососедство од Бугарија што се претвори во вето за Македонија, за почеток на преговорите за членство во Унијата… македонскиот министер за евроинтеграции, Никола Димитров, во еден австриски медиум поставува речиси реторичко прашање: „Дали ЕУ е сериозна со нас“? Реторичките прашања се всушност само форма на барање потврда за нешто за што го знаеме одговорот, но сметаме дека е непристојно самите да го кажеме. Впечатокот е дека Македонија и македонските политичари во досегашната непристојна игра со уцени за нејзината европска иднина се однесуваа толку „пристојно“, што дури ги наведува на помислата сите што можат да влијаат на евроинтеграциите да бараат и гаранции за спроведување на нивната дрскост, па и меѓународноправен мобинг. Ветото за преговарачката рамка, со кое со месеци ѝ се закануваше Бугарија на Македонија, по неговото неодамнешно ефектуирање на Советот на министри на ЕУ, веќе преминува во фазата на дрска и отворена уцена со барање гаранции од официјално Скопје за прашања што наведуваат на флагрантен криминал спрема меѓународното право. Имено, за воопшто да продолжат разговорите за можноста за повлекување на ветото до крајот на годинава и да се создаде шанса за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, за време на германското претседателство, Бугарија поставува три услови за писмени правни гаранции од македонската влада.

Уште пред да почнат преговорите, бугарската страна бара Македонија да потврди дека се согласува на формулацијата „официјален јазик според Уставот“ за македонскиот јазик, во документите на ЕУ, како и експлицитна потврда за откажување од правата на македонското малцинство во Бугарија. Сепак, со ваквите небулози не завршуваат уценувачките побарувања на „добрите соседи“, па како услов до Македонија (но и до ЕУ) ги наведуваат нивните очекувања покрај преговарачкиот процес со ЕУ, паралелно да има своевиден оценувачки процес од Бугарија за спроведувањето и имплементацијата на Договорот за добрососедство, но само од македонска страна. Поедноставно кажано, Бугарија бара гаранции за легитимирање на својот грабеж на македонскиот идентитет!
Игнорирајќи го фактот дека ваквата нејзина позиција ги загрозува основните принципи и вредности на ЕУ, како правото на самоопределување и различност, но и на меѓународниот политичко-правен принцип на немешање во внатрешните работи на другите земји, не осврнувајќи се ниту на цивилизациската пристојност, Бугарија и понатаму ги наметнува своите историско-идентитетски фрустрации како политички услов за македонските евроинтеграции. И покрај реакциите на европски (но и бугарски) дипломати, политичари, интелектуалци и политичко-правни аналитичари дека освен што ги загрозува стратегијата на проширување на ЕУ и евроинтеграциите на целиот Западен Балкан, идентитетско-историските спорови воопшто не се во корелација со критериумите за членство во ЕУ, Бугарија не отстапува од своите услови за Македонија, кои имплицираат на криминал во однос на меѓународното право. Трите услови од Бугарија до Македонија за повлекување на ветото беа испорачани од бугарската министерка за надворешни работи, и тоа од говорницата на бугарското собрание, во истиот ден кога американскиот Стејт департмент јасно повика „билатералните спорови да се решаваат надвор од пристапниот процес за ЕУ“.

САД јасно ја изразија нивната желба да видат дека кандидатурата на Македонија влегла во преговарачката рамка на ЕУ до крајот на годинава, но засега сѐ уште нема информации за евентуална средба или разговори на македонските и бугарските официјални политичари за надминување на ветото.
Обидите за влијание на германското претседателство, очигледно поддржано и од САД, македонско-бугарскиот случај да се издвои како билатерален политички процес, кој нема да го условува пристапниот процес за ЕУ, се чини како и понатаму да не го предизвикуваат интересот на другите земји-членки на Унијата. Статусот на Бугарија како земја-членка несомнено ѝ дава привилегирана позиција во уцените што ги испорачува спрема Македонија како земја-кандидатка, но индиферентноста на ЕУ спрема криминално-уценувачкиот однос на нејзината членка, на свој начин ја прави и соучесничка во криминалот спрема меѓународното право. Таквиот однос се чини се претвора во практика на ЕУ, земајќи го предвид и нејзиното однесување претходно спрема Македонија, кога Грција 15 години го блокираше започнувањето на пристапниот процес. Оправдувањето дека ЕУ се соочува со свои внатрешни проблеми и нема време ни простор за интересирање за криминалот што го прават нејзините земји-членки спрема кандидатите, не ја иззема од одговорноста за соучесништво во прекршување на меѓународното право.

Претходно, ЕУ ја игнорираше и пресудата од судот во Хаг против Грција за попречување на членството на Македонија во меѓународните организации. Таквото однесување на ЕУ, на крајот резултира со Преспанскиот договор и легитимирање на непочитувањето на меѓународното право од страна на Грција. Доколку истиот однос се повтори и во случајот со Бугарија, тоа секако ја навлекува ЕУ во сериско прекршување на меѓународното право, што имплицира на соучесништво во криминал за повторно дело. Во криминалната ситуација во која ја вовлекува Бугарија се поставува прашањето, смее ли ЕУ да си дозволи да се шегува со Македонија? Или како што министерот Димитров реторички запрашува „Дали ЕУ е сериозна со нас“?