Зошто сомнеж кога здравјето е во прашање?

Во Македонија досега против ковид-19 се вакцинирале над 850 илјади луѓе, односно над 40 отсто од населението. Во светот овие бројки се доста повисоки, целосно е вакцинирано половина од светското население, а Израел е земјата што веќе практикува и четврта доза на вакцини за своите граѓани. Дали повторно каскаме зад другите и повторно за тоа плаќаме превисока цена? Вакцината е најдобрата заштита и за неа не треба да има никаков сомнеж и отпор

Изминува точно една година откако вакцините против коронавирусот пристигнаа во нашиот регион, а малку подоцна и во земјава. Во деновите во кои се потсетуваме како започна и што ни донесе периодот зад нас, неизбежно се судираме со сознанието дека мутациите на вирусот, олицетворени во соевите омикрон и делта, ни навестуваат дека непосредната епидемиолошка иднина на светот, а со тоа и на Македонија е сѐ уште неизвесна.
Според податоците на сајтот „Ворлдметер“, Македонија е на четврто место во Европа по стапката на смртност на милион жители, а, пак, викендов во светски рамки нашата земја е на петто место по стапката на смртност од оваа опасна зараза.
Она што особено загрижува е тоа што во моментов светската наука сѐ уште не може да го најде лекот против коронавирусот, кој константно мутира, се преобразува и добива нова форма. Научниците и новите соеви како да се тркаат, па токму кога ќе се пронајде некој лек или вакцина за одреден сој, се појавува нов, по правило посложен и покомплициран од претходниот.
Во таква ситуација, најдобра алатка за одбрана од напливот на нови соеви на ковид-19 во моментов е имунизацијата од болеста, која најлесно се добива преку вакцината. Во светот досега се дадени над девет милијарди дози од вакцината против ковид-19, а барем една доза примиле 57 отсто од сите луѓе во светот. Целосно е вакцинирано половина од светското население, а Израел е земјата што веќе практикува и четврта доза на вакцини за своите граѓани.

Во Македонија досега се вакцинирале над 850 илјади луѓе, односно над 40 отсто од населението. Од крајот на септември во земјава започна да се дава и трета доза од вакцината. Според последните официјални информации, досега во Македонија трета доза вакцина примиле над 4 отсто од жителите, односно над 100 илјади луѓе. За жал, во моментов, овие бројки на вакцинирани граѓани не се доволни да излеземе од начинот на живот кој живееме под превезот на пандемијата, кој за неполни две години ја кутна Македонија на колена, и здравствено, но и економски.
Живееме во време кога односот спрема пандемијата стана своевиден тест за нашата егзистенција, не само за односот кон здравствениот систем и неговата поставеност во служба на луѓето туку и за економската егзистенција, бидејќи многу долго време нашите претпријатија едвај опстануваат во специфични пандемиски услови.
Во едни такви услови, дополнителен проблем е што и натаму, соочени со овие сериозни предизвици, голем дел граѓани одбиваат да се вакцинираат. Тоа е така бидејќи, во основа, аргументацијата за (не)вакцинирање е изместена. Тоа веќе не е дебата за човекови права и право на избор, односно дали треба човек да се вакцинира, туку станува збор за однос кон заштитата на самиот себеси, но и на другите околу нас и заштитата на јавното здравје.

Малку повозрасните генерации паметат како во минатото нашата земја ги вакцинираше граѓаните, или како што тогаш се викаше пелцување. На тој начин беа спасени илјадници животи од разни заразни болести. Не дека и тогаш немало несакани случаи, но оправданоста од вакцини никогаш никој не ја оспорувал. Во право се познатите светски епидемиолози, кои и денес тврдат дека големо прашање е дали воопшто ќе опстанело човештвото ако не биле измислени вакцините. Како илустрација може да послужи и примерот на битката со опасната вариола вера. За помалку од еден месец во 1972 година биле вакцинирани милиони граѓани, па како резултат на тоа заразата била совладана во рекордно брзо време.
Во овие моменти е клучно и неопходно пред себе да го имаме решението за излез од пандемијата, а тоа е да се вакцинираме во што поголем број и што е можно побргу. На тој начин ќе се заштитиме и себеси и своите најблиски, ќе си ја заштитиме и својата земја и нашата кревка економија. Материјалните штети и загуби можат делумно или целосно да се надоместат со текот на времето, но загубените животи не се надоместуваат. Медицинската наука е едногласна и категорична во тврдењето дека вакцината засега е најдобрата заштита и за неа не треба да има никаков сомнеж.

[email protected]