Зошто Гоце Делчев плаче?

„Го повикувам духот на Гоцета, за да ни послужи тој како моќна повелба за полно помирување на браќата што се непријателски расположени еден кон друг и за полното и сестрано откинување од канџите и од мрежата на онаа политика чиишто носители најмногу придонесоа за распарчување и разурнување на Македонија и коишто и денес продолжуваат намерно да разгоруваат крвави омрази и страсти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја заштитиме од нови заговори и предавства. Браќа и другари, стари и особено млади! Сите по патот и примерот на Гоце!“, повика своевремено Димо Хаџи Димов во својата статија „Тој плаче…“, посветена токму на Гоце Делчев. За жал, и денес оваа порака не стигнала до оние што требало да ја чујат и да ја спроведат, па се прават недозволиви грешки и пропусти на штета на македонските национални атрибути, симболи и обележја и на штета на ликот и делото на македонските великани

Многумина велат дека македонската нација се соочува со егзистенцијална криза. Но оваа состојба не произлегува од отсуството на институциите како основа на државноста, ниту се должи на апсурдните уцени за македонските национални особености, туку и во нешто друго! Пред да одговориме на ова прашање, да ја анализираме поновата македонска историја, бидејќи не случајно Старите Римјани велеа дека историјата е учителка на животот! Од минатото можеме да научиме многу суштински поуки што можат да ни помогнат да ги избегнеме грешките на предците, затоа да се обидеме да извлечеме поуки.
Уште во самиот зародок на револуционерното движење за независна македонска држава, битниот проблем со кој се соочија македонските великани беше поделеноста на македонскиот народ. Поделбата се должеше на туѓите национални пропаганди, но и поради различните погледи за решавање на македонското прашање. Нашите предци како умни луѓе разбраа дека слободна Македонија може единствено да се извојува доколку Македонците се сплотат и се обединат. Затоа во текот на една деценија, суштината на македонската револуционерна агитација се сведуваше на обединување на сите Македонци околу интересите на татковината Македонија. Интересите на Македонија беа идеалот околу кој се сплотија сите македонски патриоти, а тоа беше и идеалот што доведе до великото македонско востание од 1903 година.
Меѓутоа, по Илинденското востание, во редовите на македонското револуционерно движење настана криза, која во голема мера беше поттикнувана и насочувана од бугарските шовинисти во Софија. На крајот, кризата што предизвика расправии и внатрешни борби меѓу македонските револуционерни водачи доведе до поделба на Македонија со Букурешкиот договор од 1913 година.

Меѓу двете светски војни, македонските лидери беа свесни дека доколку и понатаму останат поделени, идејата за независна Македонија никогаш нема да се оствари. Свесни за овој факт, Македонците презедоа активности што доведоа до обединување на македонските револуционери и политички сили, обединување што беше преточено во Мајскиот манифест од 1924 година. Во контекст на обединувањето на Македонците, Димо Хаџи Димов во својата статија „Тој плаче…“, објавена во 1924 година, по повод 21-годишнината од смртта на Гоце Делчев посочи на суштинскиот проблем.
Меѓу другото, Димо Хаџи Димов тогаш напиша: „Плачот на Гоцета нека ја разотвори наполно таа долго очекувана пролет и во најскоро време одново да си подадеме братска рака како синови на Македонија, така како што некогаш околу Гоцета се чувствуваме како една челад и социјалисти, и анархисти, и националисти, зошто мислевме и дејствуваме само како Македонци, сите до еден и сите како еден. Тоа братство, таа еднодушност и тоа единствено дејствување се особено неопходни денес, одошто кога и да било. Само братски сплотени за единствена борба во името на Гоцевиот идеал… Го повикувам духот на Гоцета, за да ни послужи тој како моќна повелба за полно помирување на браќата што се непријателски расположени еден кон друг и за полното и сестрано откинување од канџите и од мрежата на онаа политика чиишто носители најмногу придонесоа за распарчување и разурнување на Македонија и коишто и денес продолжуваат намерно да разгоруваат крвави омрази и страсти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја заштитиме од нови заговори и предавства. Браќа и другари, стари и особено млади! Сите по патот и примерот на Гоце! Сите под едно знаме! Сите во служба на Татковината! За неа се бориме! За неа да умираме! За тоа плаче тој…“

Но обединувањето на Македонците беше краткотрајно. Набргу по објавувањето на споменатата статијата на Димо Хаџи Димов и потпишувањето на Мајскиот манифест, во редовите на македонското револуционерно и национално движење настанаа нови крвави борби, во кои многумина истакнати македонски дејци ги изгубија своите животи, вклучувајќи го и Димо Хаџи Димов. Затоа во предвечерието на Втората светска војна, Македонците повторно беа разединети и поделени. Меѓутоа, благодарение на усилбите и сплотеноста на една нова македонска генерација беше остварен Гоцевиот идеал – македонска држава како опора на македонскиот народ.
Сега да одговориме на прашањето: Зошто Гоце Делчев плаче? Македонскиот великан не плаче во својот гроб затоа што забораваме да го споменеме неговото име при државните чествувања. Не, напротив Гоце воопшто не беше суетен, ние треба да се засрамиме од тој чин. Поточно треба да се засрамат оние малкумина инструирани извршители што (не)намерно ја изоставиле строфата за Гоце од антологиската македонска песна што се изведуваше за Илинден на Мечкин Камен во Крушево.

Да се засрамат, но и да понесат одговорност сите оние што на кој било начин ги сквернават и девалвираат светите македонски национални атрибути, обележја и симболи. Затоа Гоце плаче, бидејќи ние како народ ги повторуваме грешките на нашите предци. И покрај повиците на интелектуалците за обединување на сите чинители во македонското општество со намера сите заеднички да пристапиме кон решавање на проблемите, овие повици како да не беа слушнати. Вистина е дека од политичките чинители постојано слушаме пораки за обединување, но никој не презеде конкретни чекори за обединување. Затоа Гоце плаче, бидејќи и понатаму се соочуваме со неединство, кое може да се покаже како погубно за сите нас и за нашата татковина.