Зони на самракот околу Македонија

Неделава што изминува беше преполна со одредни потези, политики или случувања во светот, но и околу Македонија, кои може да се окарактеризираат како неразбирливи, нејасни, збунувачки, вознемирувачки. Потези што повеќе замаглуваат и заплашуваат отколку што осветлуваат и охрабруваат, но и редица стресови од најразлична природа. Од политичка, дипломатска, безбедносна, економска, па ако сакате и егзистенцијална природа. Сите тие, поединечно или заедно, имаат потенцијал да прераснат во една голема црна дупка што може да ги проголта економијата, државата и граѓаните

Светот, и Македонија со него, забрзано се движат кон својата зона на самракот. Тоа е некоја недефинирана, мистична, полумрачна состојба во која не можат јасно да се препознаат контурите на случувањата околу нас. Токму така може да се окарактеризираат и одредени потези и политики изминатиот период во светот, но и околу Македонија. Како чудни, нејасни, збунувачки, па и вознемирувачки потези од зоната на самракот. Потези што повеќе замаглуваат и заплашуваат отколку што осветлуваат и охрабруваат.
Самрак, инаку е периодот помеѓу зората и изгрејсонцето, но и времето помеѓу зајдисонцето и квечерината. Во овој период сонцето не е видливо, бидејќи се наоѓа над хоризонтот, додека површината на земјата не е ниту целосно темна ниту, пак, светла.
И додека целиот свет со нетрпение очекува да изгрее новото сонце на надежта, да ја осветли планетата и да ги оттргне ветриштата на војната што се води во Украина, неизвесноста и стресот сѐ подлабоко навлегуваат меѓу граѓаните. Токму неделава што изминува беше преполна со такви стресови од најразлична природа. Од политичка, дипломатска, безбедносна, економска, па ако сакате и од егзистенцијална природа.
Но да почнеме со ред.
За многумина граѓани изненадувачка и разочарувачка беше одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја стави Македонија на црната листа на непријателски држави. Генерално земено, црните листи не би требало да се орудие на 21 век. Особено не за цели држави, со сиот свој народ да се најдат таму. Самото споменување на црните листи предизвикува некое чувство на морничавост и згрозеност. Зашто тие потсетуваат на некои мрачни минати времиња (како егзодус, холокауст), кои треба да се далеку зад нас.
Македонија воопшто не заслужила да се најде на чија било црна листа.
Зашто Македонија и македонските граѓани не се непријателски настроени кон никого. Ама апсолутно кон никого. Ниту кон Русија, Америка, Европа, Азија, Африка, ниту кон кој било друг. Тоа сме го докажале безброј пати досега низ историјата. Македонија и македонскиот народ никогаш не му нанеле зло на ниеден друг народ.
Дури напротив.

Токму Македонија и македонскиот народ многупати биле жртва на туѓите геополитички игри и на туѓите интереси. Од Македонија секогаш се барало да ги отплаќа туѓите гревови. Така е и сега. Политичарите, домашни или странски, доаѓаат и си одат, политиките се менуваат. Народите остануваат. А црните листи, верувам ќе се согласите, не му носат ништо добро никому. Згора на тоа што ретки се примерите цели држави да се најдат на црна листа. Најчесто тие се осмислени само за одредени екстремни поединци, кои се опасни по општеството. Може да има екстремни и опасни индивидуи, но не постои екстремен и опасен народ што заслужил да се најде на нечија црна листа како непријател. Тоа е своевидна софистицирана форма на геноцид во најава. Се надевам дека ова воено лудило и хистерија брзо ќе завршат и црните листи ќе бидат само една лоша краткорочна епизода од ова бурно време.
Има уште еден пример од таканаречената зона на самракот, во која може да се вклопи повикот за регрутација на македонски доброволци за учество во војната во Украина. Повторно обид за подметнување и жртвување македонски граѓани за остварување нечии туѓи цели. Па зарем малку Македонци во минатото ги положија своите животи борејќи се во туѓи војни? Треба ли да набројуваме?
Ваквиот повик претставува кршење на домашниот Кривичен законик, со кој строго се забранува учество на македонски граѓани во странски војски и за што се предвидени високи затворски казни. Кој сака сега да ги втурне македонските граѓани во кривично дело? Надлежните институции мора во следниот период да ги осуетат, превенираат и санкционираат сите евентуални обиди за регрутација на македонски граѓани за учество во воени дејства.
Но ајде да се свртиме малку и кон условно посветлата страна од таканаречените зони за самракот. Иако навидум со ведри и весели ноти и оваа условно посветла страна има нејасна и збунувачка заднина.

На социјалните мрежи деновиве бомбастично одекна веста за пречекот на нашата министерката за одбрана Славјанка Петровска во Британија.
Министерката била пречекана во Лондон со церемонија со највисоки воени почести и со изведба на македонската песна „Јовано, Јованке“ од воениот оркестар. Секоја чест за британскиот воен оркестар. Одбрале навистина убава македонска песна, која ѝ била омилена и на министерката. Сепак, според упатените во она што се нарекува државен протокол, најсоодветно во вакви пригоди е интонирање и свирење на химната на гостинот. Што значи прво да се изведе нашата химна „Денес над Македонија“ се раѓа, а потоа може и „Јовано Јованке“. Но нејсе. Ние имаме и други убави македонски песни, кои може странските воени оркестри да ги свират за време на пречекот, се разбира по химната. Еве, на пример, во некоја следна пригода може по нашата химна да ја отсвират песната „Едно име имаме“ или „Бисер балкански“ или можеби „Земјо македонска“ итн. Нели, музиката не познава граници
Впрочем, доказ дека македонскиот мелос е мелем за уши и лек за душата е и јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу. Тој досега има отпеано редица познати македонски песни и, како што вели, ужива во нивната изведба. Па кога може Котецу, можат и другите.
Во продолжение неколку збора и за ценовното стампедо, кое се заканува да прерасне во најголема црна дупка што може да ги проголта сите напори за спас на економијата и животниот стандард на граѓаните. Драстичниот и досега незапаметен раст на цените на горивата и нафтените деривати се заканува да ја придвижи инфлаторната спирала и врз другите производи и услуги. Стравувањата се дека по нафтената криза ќе следува уште поголема прехранбена криза, каде што ќе се води гола битка за преживување. И тоа на неколку фронта. Во стопанството, меѓу разните сектори и компаниите и меѓу граѓаните и најранливите социјални слоеви во општеството. Во едни вакви вонредни околности, потребна е добро координирана, флексибилна и здружена реакција.

Владата прави одредени напори, но е во постојана трка со времето, цените и растечката инфлација. Оваа битка не може да се извојува изолирано.
Неопходна е здружена и интензивна соработка со Собранието, бизнис-заедницата, политичките партии, стручната јавност и конципирање брза и ефикасна стратегија за ценовните предизвици. Сега најмалку е важно кој каде припаѓа и каква политичка опција застапува. Данокот на поскапувањата и инфлацијата го плаќаме сите. Не смее да ни се повторат грешките од пред две години, на почетокот на пандемијата, кога наместо здружена и брза реакција, политичарите секојдневно се препукуваа и обвинуваа меѓу себе. Тоа тогаш скапо нѐ чинеше со стотици изгубени човечки животи.
Затоа сега стопанството и граѓаните очекуваат продуктивни мерки и брзи решенија.
И сосема за крај, колку да не остане незабележано. На вчерашното одбележување на 79-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка не стигна извинување од Бугарија. Па зарем некој се надеваше дека такво нешто ќе се случи?
Дека џелатот ќе ја признае вината. А дури педесетина меѓународни организации за човекови права пред неколку дена јавно побараа од бугарскиот премиер Кирил Петков да ѝ се извини на Македонија за овие злодела од минатото. Можеби и тие се понадевале дека тој како дипломец на „Харвард“, сепак, носи во себе одредени европски и хумани вредности. Но како велат, за извинување и прошка никогаш не е доцна. Да почекаме уште малку. Можеби Бугарија ја чека јубилејната 80-годишнина в година, па тогаш ќе се извини.