Зелени, обединете се, време е за зреење

Така размислуваат луѓето низ светот што сакаат да направат нешто добро за себе и својата земја. А како е кај нас? Па, не баш така, малку е поинаку. Ние не можеме да го направиме ниту првиот чекор да изградиме асолна депонија, а камоли да почнеме да го користиме она што се собира таму. Засега имаме само недогледни купишта смет во близината на секој поголем град, препознатливи, што вечно чадат и смрдат кога малку ќе затопли времето

Неодамна на некоја од телевизииве гледав прилог за нова санитарна депонија во една соседна земја. Намерно не ја спомнувам земјата, бидејќи тоа е репер, рецепт по кој работат луѓето надвор, независно во која земја. Си работат, се развиваат, користат туѓи искуства и одат напред. А втората причина поради која не ја спомнувам земјата е да не ми залепат етикета. Гледајќи како лесно, најчесто без реална основа се жигосуваат луѓе, се ставаат во еден или друг табор, во ова време на прелесно лепење етикети, не би сакал на овие години некој да ме вбројува во „вакви“ или „онакви“.
Но, настрана нашите интерни глупости. Поентата ми беше да укажам на нешто што ниту е ново ниту, пак, невидено во светот. Едноставно, луѓето виделе некаде нешто што е применливо и во нивни услови и решиле да го применат кај себе дома. Речено-сторено.
Значи, на местото на некогашна огромна депонија за смет, никнува голема, модерна електроцентрала. Ако добро разбрав, спомнуваа инертна депонија, но посебно и санитарна депонија, значи ќе се раздвојува отпадот, а она што е употребливо ќе се користи како енергент за електроцентралата. Според проектот, струјата што ќе се добива од електроцентралата ќе покрива 5 проценти од електричната енергија што ја троши двомилионскиот град во непосредна близина, а топлинската енергија што ќе ја создава ќе задоволува 8 проценти од греењето. Се разбира, со користење на отпадот како енергент, ќе се супституира природниот гас. Да не зборуваме за заштитата на животната средина.
Наедно, бидејќи ќе има многу голема опасност за подземните води, се прави и систем за пречистување на подземните води, а градежниот отпад ќе се обработува за подоцна добиениот материјал да се користи за реконструкција на патиштата. Значи, наместо да се фрла, да се остава на купиштата што ја загадуваат средината, тој повторно ќе се употреби.

Приближно така размислуваат луѓето низ светот што сакаат да направат нешто добро за себе и својата земја. А како е кај нас? Па, не баш така, малку е поинаку. Ние не можеме да го направиме ниту првиот чекор да изградиме асолна депонија, а камоли да почнеме да го користиме она што се собира таму. Засега имаме само недогледни купишта смет во близината на секој поголем град, препознатливи, што вечно чадат и смрдат кога малку ќе затопли времето. Точно, ја имаме „Дрисла“ крај Скопје, но досега се изнаслушавме секакви приказни за неа, така што од она што ни е сервирано, станува јасно дека е далеку од нешто посериозно.
Но она што особено изненадува е како покрај толку еколошки друштва и самонаречени еколози, покрај министерство, разни агенции, инспекции, којзнае уште какви органи и тела, најчесто прибежишта за „наши деца“ (кои не се за конзули или амбасадори, а гревота е така да седат, па, ете, нека земаат некоја плата), белки ќе уредевме барем една депонија во државава како што треба.
Ама, ништо. Наместо тоа, ние бележиме светли примери. Па, така, се сеќавам добро на тогашната голема поборничка за екологија и зелена Македонија, Лилјана Поповска, како реагираше на свеченоста за почнување со изградба на филтер-станицата на „Макстил“. Кога ги здогледа многубројните камери и новинарски екипи дојдени да го овековечат чинот што претставуваше почеток на една практика од полза за земјата (а која замре, бидејќи малку кој од големите индустриски гиганти вгради филтри, но тоа сега се премолчува), Поповска започна на цел глас да вика, ничим изазвана, што би рекле Србите. „Да се затвори ‘Макстил’. Стоп за ‘Макстил’“, викаше на цел глас Поповска, на изненадување на присутните.

Попусти беа укажувањата дека не е толку едноставно да се угаси технолошкиот процес, а, од друга страна, токму филтрите се поставуваат за да нема никакви дилеми дали „Макстил“ загадува или не. Сѐ беше попусто, шоуто мораше да продолжи.
И мислите дека нешто е променето до денешен ден? Ние и натаму продолжуваме да гледаме како низ магла што се случува низ светот. И толку. Оти не догледуваме ништо, без да одмериме најпрво има ли тука шанса за некаква лична корист, за некој процент, за некое тендерче, за некоја аванта… И затоа, кога сте виделе некој издржан предлог за поправање на состојбите во која било област?!
А што се однесува до екологијата, оти за неа стануваше збор, нели, очигледно е до каде сме. Ние со години не можеме да утврдиме од што се загадени нашите градови, а не сме ни во зародок на решавањето на тој проблем што постојано само го констатираме, без да ги откриеме вистинските причини, а камоли да го најдеме решението за загадувањето. А дотогаш, додека да ја откриеме топлата вода, ни останува само да се молиме да дувне што посилен ветер, за да не мора да се задушуваме ако излеземе од дома.