За рекордите и по нив

Има уште многу вакви работи за набројување кога станува збор за нефункционалноста на институциите, но, ете, како некаков светол зрак во темниот тунел на македонската реалност нека бидат атлетските рекордери, секако и другите спортист(к)и што беа и се најдобрите репрезенти на Македонија. Ако можат тие да бидат при врвот и да црпат енергија за нивните успеси, можат и другите. Само така, со самопрегор, труд, напор и пожртвуваност на сите ќе ја направиме Македонија подобро место за живеење

Дарио Ивановски, Андреас Трајковски, Јован Стојоски, Адријана Поп Арсова, Дрита Ислами се имињата на атлетичар(к)ите што можеби се непознати за пошироката македонска спортска јавност, но за атлетската и тоа како се познати. Ивановски, македонскиот атлетски бисер, одлично ја започна сезонава, на петте годинашни трки тој постави пет национални рекорди, во сала и на отворено, во неколку дисциплини, од 3.000 метри во сала, потоа и на отворено, на 10 км на пат, во полумаратон и во маратон. Поп Арсова веќе собори два рекорда, на 10 км и во маратон, Стојоски исто така постави два нови рекорда, на 200 и на 400 метри, Трајковски во скок во далечина скокна до нов македонски рекорд. Лани во април, Ислами постави нов национален рекорд на 400 метри со пречки…
Серијата одлични резултати говорат за квалитетот, но и за потенцијалот на младите македонски атлетичари, од кои, ако продолжат со ова темпо и ако им се посвети поголемо внимание, допрва можеме да очекуваме нови врвни, рекордни постигнувања.
Постигнувањата и рекордите се една од посветлите, поубави страни на спортскиот „медал“. На другата страна се секојдневните напорни тренинзи, десетиците истрчани километри во секакви временски (не)прилики, огромниот труд, кој честопати останува непризнаен и невалоризиран. Тие тренираат во лоши, импровизирани услови, поддршката од државните институции е недоволна, па и од спонзорите, без кои не се може и кои си наоѓаат попрофитабилни платформи (личности) за поддршка. Кралицата на спортовите, како што се нарекува атлетиката, во Македонија е сѐ само не кралица. Недостигаат основните (пред)услови, од терени, патеки, сали, па до термини. Повеќето клубови во Македонија се снаоѓаат според принципот кој како знае и умее, добар дел од нивните поединечни активности се базираат врз лична иницијатива и напори, на релацијата атлетичар – тренер. Се трча кој кај ќе стигне, во најразлични околности, секогаш на отворено, бидејќи во Македонија нема покриена спортска сала за потребите на атлетичарите.

Што е уште полошо, во Македонија има само две пристојни патеки со тартан-подлога, на арената „Тоше Проески“ во Скопје и на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Толку. Со забелешка дека и тие патеки не им се достапни секогаш на атлетичарите, како за тренинзи, така и за натпревари. Покриена атлетска сала, барем во скоро време, е мислена именка за Македонија, но е неопходна за натамошен прогрес, како заради квалитетот, така и заради квантитетот, па и за масовност и за привлекување млади во атлетиката. А една таква затворена сала, без која навистина не се може во модерниот спорт, не е нешто недостижно, а нејзината изградба би чинела околу еден милион евра, пари што во оваа држава се трошат за сѐ и сешто, честопати и за сосема непотребни работи. Атлетската федерација на Македонија заедно со Агенцијата за млади и спорт се тие што ќе треба да се ангажираат многу повеќе за решавање на тој проблем, но и на подобрувањето на севкупните услови за работа за атлетичарите, тренерите и за клубовите. Не дека и сега не се ангажираат и оти не помагаат, но подобрувањето на основните секојдневни услови за работа е императив за да се продолжи по нагорна линија.
Некои нема да се согласат, но атлетскиот македонски „моментум“ може да се спореди и со минатите успеси на ракометарите на екипно и репрезентативно ниво, со кошаркарите, кои го освоија четвртото место на Европското првенство во 2011-та, па и на фудбалерите, кои лани играа во завршницата на Европското првенство, а годинава за малку не се пласираа на финалниот турнир на Светското првенство во Катар.
Ваквите позитивни спортски стории, успеси и остварени рекорди би можеле и би требало да им бидат за наук на поделените македонски партии и политичари, кои како повеќе да работат во корист на сопствена, но и на наша штета.

Постигнувањата и рекордите се една од посветлите, поубави страни на спортскиот „медал“. Низ историјата има редица светли примери на спортски успеси и рекорди што оставиле белег, што, за жал, не може да се каже за другите сфери од општественото живеење, каде што повеќе се препознатливи одредени црни рекорди на неработење, ставање сопки едни на други, опструкции, поделби итн.

На општествен или политички план, во јавноста се повеќе препознатливи одредени црни рекорди на неработење, ставање сопки едни на други, опструкции, поделби итн.
Бескрајните преговори, непочитување на договореното, злоупотреба на правото, на законите и на прописите кому како му одговара станаа секојдневие.
Собранието „руши рекорди“ по неработење и празни полемики, паѓа продуктивноста во економијата, секојдневно се рушат рекорди во растот на цените на енергентите и храната, што се одразува и на пад на животниот стандард, во образованието се „рушат рекорди“ заради изгубена настава поради штрајк или од други причини итн. Таканаречени црни рекорди има еден куп и тие не носат ништо добро за државата и граѓаните.
Има уште многу вакви работи за набројување кога станува збор за нефункционалноста на институциите, но, ете, како некаков светол зрак во темниот тунел на македонската реалност нека бидат атлетските рекордери, секако и другите спортист(к)и што беа и се најдобрите репрезенти на Македонија. Ако можат тие да бидат при врвот и да црпат енергија за нивните успеси, можат и другите. Само така, со самопрегор, труд, напор и пожртвуваност на сите ќе ја направиме Македонија подобро место за живеење.

[email protected]