За јазикот наш насушен

Токму оваа недела се одржува втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со учество на голем број македонисти од исто така огромен број земји во светот. Сето тоа е потврда дека македонскиот јазик има длабок корен и долга традиција. Впрочем, богатството на секого е и во знаењето и можноста за комуникација. Но, секако, не смееме да дозволиме да се изместат приоритетите и вредностите. На тоа скалило на приоритети и вредности највисоко секогаш треба да биде македонскиот јазик, пред сѐ друго

Јазикот не е само зборови. Тоа е идентитет, култура, традиција, обединување на една заедница, цела историја. Јазикот е моќ, живот и инструмент на културата, на доминацијата, слободата, идентитетот. Јазикот е патоказот на еден народ. Ви кажува од каде доаѓаат неговите луѓе и во кој правец одат.
Неодамна излезе во печат една студија, која вели дека до крајот на актуелниов 21 век би исчезнале 1.500 јазици. Јазици што сѐ уште се зборуваат, кои одржуваат во живот одредена култура, народ, поколение, нечија историја, сегашност и иднина.
И нормално, веднаш се подзамислуваме каде сме ние на таа листа, со оглед на сѐ позачестените напади и обиди од соседството за негација и непризнавање на македонскиот јазик и македонската посебност. Според упатените во оваа тематика и проблематика, во скора иднина не ни претстои апокалиптично сценарио за македонскиот јазик. Основно нешто што нè штити сме самите ние, говорителите на македонскиот јазик. Секако и широката распространетост, употреба и признание на македонскиот јазик и во пошироки светски рамки. Токму оваа недела се одржува и втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со учество на голем број македонисти од исто така огромен број земји во светот. Сето тоа е потврда дека македонскиот јазик има длабок корен и долга традиција.
Овој настан посебно добива на тежина во светло на бугарските уцени, притисоци и негација на македонскиот јазик и токму преку овој меѓународен семинар се испраќа автентичен научен одговор пред целиот свет за вековната традиција, постоењето и посебноста на македонскиот јазик.
Но тука, секако, има уште редица аспекти за анализа за тоа како треба да се негува и чува јазикот од сите можни влијанија.

И преку наједноставен пример треба понекогаш да се запрашаме свесни ли сме што правиме со секое одрекување од еден збор (прост пример кога викаме океј наместо добро). Грижата и заштитата на јазикот е комплексна материја и треба да се прави на повеќе нивоа. Од највисоко државно ниво преку институциите, со примена на стратегии, контрола, преку образованието, па сѐ до едукацијата на децата во семејствата уште од најмали нозе.
Според генералните достапни податоци, македонскиот јазик го зборуваат меѓу два и 3,5 милиони говорители. А направените статии говорат дека на јазичната загрозеност, како главни фактори и најголемо влијание имаат правниот статус, образовната политика, демографијата, социоекономските фактори, миграциските процеси…
Според пописот од 2002 година, вкупното население на Македонија изнесувало 2.022.547, од кои 1.344.815 граѓани го декларирале македонскиот за свој мајчин јазик. Македонскиот јазик исто така се зборува и надвор од границите на државата, односно секаде во светот каде што има Македонци, односно каде што има интерес за негово изучување.
Огромен број Македонци живеат во светот, во Америка, Австралија низ европските држави итн.
Децата на Македонците што живеат во странство исто така не го знаат доволно македонскиот јазик. Македонскиот јазик се изучува и на неколку универзитети низ светот.
Во нашите умови, свест и совест живее македонскиот јазик, оставен е на наша одговорност. Ние самите сме носители на македонскиот јазик и ние сме негови штитеници.

Секако, во многу земји има државна програма за зачувување на јазикот. Повеќе од потребно е и кај нас да се направат планови за развивање и унапредување на македонскиот јазик.
Официјални бранители на македонскиот јазик ни се Законот за употреба на македонскиот јазик и Законот за употреба на јазиците и, секако, фактот дека според Уставот, македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на македонската држава и во нејзините меѓународни односи. Но практичното спроведување на Законот за употреба на македонскиот јазик, според нашите јазични научници, отсекогаш било проблем. Кај нас се прават отстапки за „мир во куќата“.
Македонскиот јазик е официјален во Македонија и државата е задолжена да води грижа за неговата заштита и за неговата употреба.
Според другите фактори, во врска со образованието, демографските податоци и миграциските процеси и нивното влијание на виталноста на македонскиот јазик, упатените посочуваат дека македонската држава не спроведува системски истражувања за оваа проблематика. Навистина, недостигаат и научни истражувања од ваков вид во научните и високообразовните институции, кои, пак, зависат од државните финансии.
Ако се водиме по онаа веќе клише изрека „промената почнува од себе“, за зачувување на јазикот е потребно да се вклучи и целокупното општество, и тоа почнувајќи од семејството.

Децата почнуваат да учат англиски во градинка, некои од три, некои од четири години. Бркаме некоја напредна програма, а не знаеме дали добиваме позитивен повратен одговор од неа. Логопедската практика покажува дека има голем број деца што го владеат англискиот јазик уште од мала возраст, а за сметка на тоа „го потиснале“ или, пак, многу малку го употребуваат македонскиот јазик. Овие деца имаат проблем со составувањето правилни граматички реченици и неправилно ги употребуваат родовите и глаголските времиња. А, пак, кај помалите деца се забележува оскуден фонд на зборови на македонски јазик. Сето ова може да се промени и подобри во полза на македонскиот јазик.
Мајчиниот јазик ја има главната улога во изградбата на идентитетот, бидејќи тој е неразделен дел од него. Стручно, од ракурс на логопедите, децата што од најрана возраст имаат солидна основа на својот мајчин јазик многу полесно учат втор јазик, побрзо учат да читаат и да пишуваат на училиште. Современиот начин на живот, дигитализацијата и користењето на модерните технологии многу често влијаат врз децата и го наметнуваат англискиот или другите светски јазици.
Никој не е против знаењето на повеќе јазици. Впрочем, богатството на секого е и во знаењето и можноста за комуникација на повеќе јазици. Но, секако, не смееме да дозволиме да се изместат приоритетите и вредностите.

На тоа скалило на приоритети и вредности највисоко секогаш треба да биде македонскиот јазик, пред сѐ друго.
Да зборуваме македонски, да ги учиме децата прво да бројат на македонски јазик, да размислуваат на македонски јазик, па потоа на странски, да оставиме добар пример, наследство за нашите поколенија, со надеж и ука дека и тие ќе продолжат да го негуваат она што е наше и само наше, затоа што сѐ друго е туѓо.
Ако сакаме да го задржиме и унапредиме нашиот јазик, обврска ни е да почнеме од децата. Границите на нашиот јазик се граници на нашиот македонски свет. Многу е важно да не се изгубиме.
И ќе завршам со една изјава од Линдел Бромам, коавторот на неодамнешната студија што ме поттикна да го напишам текстов: „Кога јазикот ’спие‘, како што знаеме да кажеме за јазиците што не се зборуваат, губиме дел од културната различност на луѓето, бидејќи секој јазик посебно е брилијантен на свој начин“.
Да се држиме во будност, тоа е наша должност!