Време на искушение и внимателност

Во 2022-та, пред нашата држава претстојат сериозни предизвици, за чие надминување ни е потребно нешто многу повеќе од среќа, пред сѐ многу знаење и умешност за надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните и државата

За голем дел од македонското граѓанство по новогодишните и божиќните празници е официјалниот почеток на новата работна година. Во неделата што измина работеа само тие што мораа, другите главно ги споија празниците и ги поминаа во вообичаениот постновогодишен и божиќен амбиент, во кругот на најблиските, со кои се славеше Христовото раѓање, најрадосниот празник за православните верници. Годинава внимателните хроничари ќе забележат дека во земјата како да владееше „поинаква“ атмосфера. По многуте ограничувања поради ширењето на коронавирусот беа дозволени новогодишните прослави, а веќе од вториот ден од годината драстично се зголеми бројот на новозаразени лица. Ова беше година кога за првпат Дедо Мраз не пристигна на скопскиот плоштад. Обичните граѓани беа скусени и со информациите за тоа кај кого во семејствата на носителите на државни функции му паднало паричето! Но затоа, пораките за мир, спокој и заедништво меѓу луѓето беа искажани еднакво од претставниците на политичките партии и од власта и од опозицијата. Не изостанаа нивните вообичаените празнични поздрави до народот за среќна година, единство и сплотеност пред да зачекориме во годината, која носи нова неизвесност.
Во 2022-та, пред нашата држава претстојат сериозни предизвици, за чие надминување ни е потребно нешто многу повеќе од среќа, пред сѐ многу знаење и умешност за надминување на проблемите на граѓаните со кои се соочуваат на централно и на локално ниво. Здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, која се одрази и на економски план, како и зголемените цени на основните прехранбени производи и енергентите, многубројните политички предизвици на домашен и надворешен план, неефикасните и партизирани институции, тромавата администрација, неразвиената инфраструктура еднакво се одразуваа на граѓаните. Пораките за единство и сплотеност траеја кратко и изгореа брзо како новогодишен огномет.

На ден по Божиќ продолжија преписките меѓу партиските штабови, со кои си ја префрлаа и одговорноста за проблемите со кои се соочуваат жителите низ градовите во земјата. Само во еден ден главните политички ривали се „надмудруваа“ за тоа кој е виновен за неизградбата на клиничкиот центар во Скопје, за неоткупениот тутун или за смрзнувањето на жителите во некои делови од Скопје во текот на празничните денови поради неквалитетната испорака на топлинска енергија!
Во првите денови од новата година се покажа дека партиите од власта и од опозицијата продолжија по старо, со префрлање на топката и одговорноста едни кон други. Иако еднакво ја имаат власта на централно и на локално ниво, тие се обидуваат одговорноста за сопствената неефикасност да ја префрлат на другата страна. Така, во случајот со неиспораката на топлинската енергија за дел од скопските населби дојде до израз менталитетот на македонските политичари за проблемите да се обвини некој друг. Од Владата се испраќаат апели до „надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на градот Скопје“! Во претходниот случај, од градската скопска власт, соочени со повисоката цена на метанот, побараа да се интервенира од државните резерви на гориво, за да се овозможи редовно одржување на јавниот градски сообраќај.

Водењето алиби-политика претставува одраз на досегашното практикување на политиката во Македонија, кое посакуваме во новата година да биде прекинато. Македонските граѓани предолго се жртви на нефункционирањето на институциите во различните области, почнувајќи од превработените комунални градски и државни јавни претпријатија, па до партизираните министерства и судови. Политичката криза во која западна нашата држава по локалните избори трае предолго. Премногу време се изгуби од разните прегрупирање во македонскиот парламент, од кои граѓаните не видоа никаква полза. Изборот на новиот мандатар и составувањето на новата влада се претвори во маратонски преговори за задоволување на тесните партиски и лични интереси. Секоја од помалите коалициски партии ја виде својата шанса за остварување сопствен „профит“. Од друга страна, и партиите што извојуваа убедлива победа на локалните избори се однесуваат како да се во опозиција и како да забораваат дека тие се одговорни за задоволување на секојдневните потреби на граѓаните. Наместо да се зафатат со решавање на комуналните проблеми, на новоизбраните градоначалници најлесно им е да побараат помош од Владата. И така со години се вртиме во круг, а граѓаните се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Значи, на граѓаните им се потребни разработени и координирани стратегии за излез од кризата во која се наоѓаме со години. Тоа подразбира и рационално и ефикасно однесување на сите што во овој момент раководат со разните институции. Политичките партии треба да престанат со политиката на опструкции и блокади на парламентот, институциите или на локалните самоуправи. Во годината што е пред нас политичарите треба што побрзо да ги надминат личните конфронтации и да воспостават вистинска и ефикасна кохабитација на централно и на локално ниво, а сѐ со цел за побрзо надминување на сите предизвици со кои се соочува државата.

И кога сме кај новогодишните пораки, може да го споменеме и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, кој во божиќното послание порача дека од македонскиот народ, држава и црква, во ова време преполно со искушенија, се бара поголема грижа и дополнителна внимателност при решавањето на наметнатите прашања што во последно време некои ги исправија пред сите нас. „Ниедна привремена добивка не е достојна замена за последиците што можат да произлезат од загубата на она што нè прави посебен народ, на ова парче македонска земја, дарувано од Бога и зачувано со безбројните жртви на нашите предци“, порача г.г. Стефан. ­