Воскресение за спасение

Симболиката и значењето на Велигден, меѓу другото, се жртвувањето и покајанието. Македонија сиве овие години се ставаше себеси во улога на жртва. Можеби сега е време тие што се огрешиле да искажат покајание и на тој начин да се приближат до Бога. Затоа, токму овој Велигден нека ни послужи и како одредница во кој правец и како ќе продолжиме понатаму. Дали во духот на христијанството, сплотеноста, разбирањето, почитувањето, праведноста или во правец на поделби, предавство, богохулие, нечестие и омраза

Спроти најголемиот христијански празник Велигден вреди уште еднаш да се потсетиме на универзалната и безвременска порака што ја носи настанот на воскресението, а тоа е спасението, вербата во Бога, новиот живот. Затоа не случајно се вели: ако има ден за радување меѓу сите денови – тоа е денот на Христовото воскресение. Ако има празник над сите празнувања, тоа е празникот над празниците – Велигден. Оваа година, најголемиот христијански празник ќе го одбележиме послободно, без протоколи, без забрани и маски. По двегодишна пауза, поради пандемијата на ковид-19, годинава божјите храмови низ целиот свет повторно ќе се наполнат со православни верници.
Еве можност, колку- толку, можеби повеќе симболично, да се утврди па и коригира бројот на православните христијани, кои претходно беа заборавени или намерно избришани за време на пописот. Дали поради неодзивот и воздржаноста на граѓаните поради стравот од пандемијата, дали поради спорната пописна методологија, стотици илјади граѓани, главно православни христијани, останаа непопишани. Или, поточно, беа избришани.
Поради што и Македонската православна црква, нели, меѓу другите, изрази сомнение и не ги призна објавените пописни резултати, особено во делот за религиозната припадност, со заклучок за постоење на сериозна статистичка грешка, која опфаќа 13,4 отсто од населението. А тоа, ќе се согласите, не е мал процент, туку, напротив, огромна статистичка грешка на штета на православните христијани. Во статистиката како наука постојат посебни формули со кои се пресметуваат и одредуваат маргините на она што се нарекува статистичка грешка. И таа маргина може да варираа од 0,05 до најмногу 5 проценти. Но статистичка грешка од 13,4 отсто, како што проценува МПЦ, е незамислива и неприфатлива маргина, за кого било, па и за православните христијани.
Иако, се разбира, не се христијани само тие што одат во црква. Христијани се сите оние што ги негуваат вистинските христијански вредности, а тоа се љубов, верба, разбирање, искреност, почитување, праведност. За да се постигнат големи дела потребно е придржување токму кон овие начела. Зашто целта на Христовото учење е да го приближи и издигне човекот до Бога, а со тоа и до спасението и до вечниот живот. Тоа се постигнува само ако човекот во себе изгради чесност, правичност, добрина и ако морално се издигне над сѐ што е земно, за да се приближи до небесното и до вечното.

И сега, наспроти возвишеноста, чистотата и безгрешноста на овие божји идеали и проповеди, ајде да видиме како сето тоа се практикува во секојдневниот живот и во реалноста. Дали и колку се почитуваат и практикуваат христијанските вредности и божјите заповеди, пред сѐ кај оние што одлучуваат и раководат со животот на луѓето. Какви се моралните вредности на политичарите, но и колкави се правичноста, принципиелноста и безгрешноста на институциите и другите надлежни органи?
Еве неколку практични и актуелни примери. Да почнеме со Европската Унија, како најголема и највлијателна институција. За ЕУ уште се вели дека е и најголемиот христијански клуб во светот. Тоа значи дека во суштина треба да се потпира и да ги негува христијанските и општохуманистички вредности што претходно ги споменавме.
Но дали е баш така? Или можеби ЕУ е повеќе антихристијански и антихуманистички клуб, како што многумина веројатно го доживуваат.
А во последно време, за чудо и неверување на сите, ЕУ од антифашистички, како да има тенденција да се претвори во профашистички клуб. За десетина дена треба да се одбележи 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, или, како што од Брисел милуваат да кажат, само Денот на победата. Но токму овој голем ден на победата ќе падне во сенка, па дури и сосема ќе се деваливира доколку Европската Унија и понатаму продолжи да молчи за отворената демонстрација, промоција и повампирување на фашизмот што на отворена сцена го покажа Бугарија како нејзина членка. Намерно го употребувам изразот повампирување, а не воскреснување, како што изминативе денови некои медиуми по грешка го употребија известувајќи за настанот од Битола. Зашто само спасителот Исус Христос може да воскресне и да им дари вечен живот на неговите следбеници.

Молкот на ЕУ по шизофреното бугарско дефиле, отворањето на некаков клуб и величањето на ликот и делото на Ванчо Михајлов не може да се сфати никако поинаку освен како поддршка на фашизмот. А тоа, пак, е суштествена спротивност од фундаментите и причините поради кои е основана Унијата. Клучното прашање на кое сета демократска и прогресивна јавност бара и очекува одговор деновиве е зошто ЕУ би се саможртвувала и негирала себеси поради налудничавите политики на властите во Софија, кои одамна го имаат изгубено допирот со реалноста и вистината. Дека е тоа така најдобра потврда се веќе децениските укажувања, предупредувања, судски пресуди што стигнуваат на адреса на Бугарија и која таа одбива да ги спроведе.
И сега, проценете сами дали е тоа христијанско или хулиганско однесување. И на нашиот сосед и на неговите патрони.
Со своите политики кон Македонија и особено кон македонското малцинство, Бугарија се има огрешено не само пред Меѓународниот суд за човекови права, кој има донесено дури 16 пресуди против неа, туку и пред божјите заповеди. Бугарија не само што се обидува да ги украде и ретушира македонската историја, идентитет, јазик туку оди и чекор понатаму, со намера за целосно уништување и обезличување на македонскиот народ и држава.
Веќе 60 години македонското малцинство во Бугарија е предмет на систематско дискриминирање, асимилација, маргинализација, а сега истата оваа политика засилена со вета, уцени и притисоци почна да ја применува и кон Македонија, која е самостојна, независна и суверена држава. Непоканети од никого, доаѓаат туку и промовираат фашистички клубови, демек во функција на некакво добрососедство. Ваквата бугарска политика само сее омраза и ги труе животите на луѓето. Тоа е смртоносен отров и за самата ЕУ. Дали се ова христијански вредности? Зошто сите овие примери?
Затоа што симболиката и значењето на Велигден, меѓу другото, се жртвувањето, покајанието и приближувањето до Бога. Македонија сиве овие години се ставаше себеси во улога на жртва. Можеби сега е време и тие што се огрешиле да искажат покајание и на тој начин да се приближат до Бога. Ако останало барем нешто христијанско и хуманистичко во нив.

Затоа, токму овој Велигден нека ни послужи и како одредница во кој правец и како ќе продолжиме понатаму. Дали во духот на христијанството, сплотеноста, разбирањето, почитувањето, праведноста или во правец на поделби, предавство, богохулие, нечестие и омраза.
Поделеноста е само уште еден показател на отуѓеноста од Бога, а со тоа и од ближните свои. Таа отуѓеност, и од Бога и од својот народ, најмногу е изразена кај политичарите. Наместо заеднички и здружено да истапат против сите неправди, зла што ѝ се нанесуваат на државата, и однадвор и однатре, нашите политички партии се кошкаат и плукаат меѓусебно за сѐ и сешто. И ова однесување не е во духот на христијанството и божјите проповеди.
На македонската држава и граѓани им се потребни сплотеност и заедништво како никогаш претходно. Улогата на сите нас, на секој чинител, институција, политичар, интелектуалец, поединец, во ова време на длабока криза, која е повеќеслојна, е да наоѓа начин и да дејствува во насока на смирување и разврска на состојбите, а не на нивно разгорување.
Во црковните книги и во Евангелието се вели дека, според божјите мерки за вреднување, најскапа е човековата душа. Нејзината драгоценост ја надминува вредноста на целиот свет. Затоа не треба да се тргува со бесценетоста на човековата душа и човековите судбини. Спасението е во самите нас. За многу години нека е празникот.
Христос воскресе. Навистина воскресе.

[email protected]