Војната нема женско лице

Оваа колумна нема цел да биде феминистичка (повеќе е посвета на женската траума во војните) затоа што феминизмот повеќе не е во мода, барем не онаков каков што го познаваме од 1960-тите години, но тој ни денес не е одвишен ако се сфати како движење што ги донесе најголемите политички промени во последниов половина век, најмногу кога се во прашање човековите права. Но ако се знае дека да бидеш феминист/феминистка не значи дека мора да бидеш жена, или уште помалку малтретирана жена, туку дека тоа е секоја слободна личност што се бори за подобар свет, тогаш да, ова е таков текст. Оттука, мојата прва реакција на војната во Украина беше пацифистичка, а не феминистичка, но не можам да избегам од она што повторно го покажува историјата – војните ги воделе и ги водат мажи, кога се работи за прашања на живот или смрт обично жените не се прашуваат

Мојот термин за колумна, секоја трета среда, и не е толку динамичен и брз, ако пишував во политичката рубрика, сектор што редовно носи нови и бурни случувања, но е доста изискувачки за новинар од културата, кој секогаш се обидува да биде актуелен, но истовремено и да остане верен на сопствените тематски афинитети – културата во својата поширока смисла. Низ опсервацијата на настаните од изминатиот бурен период, на глобален план, ми се наметнаа две-три теми за кои најкомотно би можела да се изјаснам: вчерашниот празник на жената, 8 Март (за кој имам дузина текстови низ годиниве, па не ми е докрај инспиративен), руско-украинската воена криза (за која не сум експерт, се разбира, но имам став) и сета онаа бесмислена цензура на руската уметност и уметници во институциите низ светот (што ми е можеби најблиска ама веќе преџвакана тема по медиумите и социјалните мрежи). Оттука решив да направам компилација, со акцент на жените, особено на украинската жена, и не нужно уметница, иако по малку со страв дека некаде патем нема да ја изгубам поентата.
Централна железничка станица во Лавов. Колони од илјадници бегалци пристигнуваат од Киев и други градови каде што беснеат борбите. Чекаат и по десет часа да се качат во возот за да ја напуштат земјата. Волонтери им даваат насоки како да се качат на возовите за Полска. Меѓу бегалците, претежно жени. И деца, припиени за своите мајки. За овие жени, единствениот начин да го смират плачот на своите деца е да го напуштат звукот на бомбите и сирените. И не, не е тоа полесно отколку да останат да се борат, задача што главно им припадна на нивните мажи. Да се соочиш со стравот во очите на сопственото дете, да тргнеш во неизвесност, да оставиш сѐ зад себе, да не знаеш кога и дали воопшто ќе се вратиш. Не, нималку не е полесно, застрашувачко е…
Освен што се најголемите жртви, украинските жени имаат и друга важна улога во оваа војна. На пример, украинската модна заедница меѓу првите почна да ги користи своите меѓународни врски за поддршка на информативната кампања за ширење точни информации во врска со конфликтот и заложби за донации и петиции. Никој не е настрана, не молчи, или едноставно само е длабоко загрижен, затоа што знаат дека тоа не е доволно… Меѓу првите потписници на отвореното писмо на Меѓународниот ПЕН-центар во кое изразува солидарност со Украина и повикува на прекин на руската агресија врз оваа земја се нобеловки и добитнички на високи книжевни награди. Тука е Светлана Алексиевич, од татко Белорусин и мајка Украинка, но и Људмила Улицкаја, една од најзначајните руски современи писателки. Белоруската нобеловка Алексиевич, руската интервенција во Украина ја нарече окупација, а Путин го спореди со советскиот лидер Сталин. Според авторката на култната книга „Војната нема женско лице“, најголема закана е рускиот национализам што се крие зад оружјето. Од друга страна (не на фронтот, се разбира), најголемата жива руска писателка Улицкаја, која е во најтесен избор за Нобеловата награда за книжевност, деновиве изјави дека „чувствува болка, страв и срам од раководството на нејзината земја“. Актуелниот Путинов режим ја прозива за „предавство на татковината“ поради нејзините отворени ставови за руската политика…

Овој текст нема цел да биде феминистички (повеќе е посвета на женската траума во војните), затоа што феминизмот повеќе не е во мода, барем не онаков каков што го познаваме од 1960-тите години, но тој ни денес не е одвишен ако се сфати како движење што ги донесе најголемите политички промени во последниов половина век, најмногу кога се во прашање човековите права. Но ако се знае дека да бидеш феминист/феминистка не значи дека мора да бидеш жена, или уште помалку малтретирана жена, туку дека тоа е секоја слободна личност што се бори за подобар свет, тогаш да, ова е таков текст.
Оттука мојата прва реакција на војната беше пацифистичка, а не феминистичка, но, како што покажува историјата, војните ги воделе и ги водат мажи, кога се работи за прашања на живот или смрт обично жените не се прашуваат. Во таа смисла би рекла дека и оваа војна е машка. Жените главно се жртва, а нивната траума би можела да се спореди со сериозните воени трауми кај војниците. Таа траума можеби не е како да изгубиш рака од бомба како херојска цена за „праведната војна“, ама е лузна што може да се залечи, но не и да се избрише… Според некои податоци, сите иницијативи, мировни, во 70 отсто ги организирале жени. Политиката што тие ја спроведуваат се: мирно секојдневие, ситни чекори, алтернатива.

Без херои, без големи идеи, големи зборови и ветувања. Иако сум застапник на теоријата дека биолошката природа на мажите и жените е единствена, сметам дека женскиот идентитет, како резултат на социјализацијата, во односот со „другиот“ се разликува од машкиот, така што дури и кога жените имаат удел во политиката, тоа го прават на помалку агресивен начин, многу поретко прибегнувајќи кон оружјето како средство. Во војните, жените манифестираат помалку насилство, повеќе сочувствуваат и подготвени се да помогнат на другата страна (една од најубавите фотографии деновиве беше онаа на полски мајки како оставаат колички за бебиња на железничката станица за украинските мајки кога ќе стигнат во Полска со своите деца). Во практиката, жените ги организираат сите можни видови на отпор кон државно организираното насилство и целата хуманитарна помош. Оттука и оваа војна во симболичка смисла е антиженска, иако тоа не треба да значи дека жените се единствените жртви, жртва е целото население, без оглед на полот и нацијата. Но факт е дека во традиционалната патријархална политика машкиот модел, под превезот на праведноста, победува. Целиот тој систем треба да се менува, затоа што родовата разлика е историска, не биолошка. Па, конечно, ако се запрашаме дали можеше да биде поинаку, веројатно одговорот е еден, ама, за жал, безнадежен: Да, можеби, веројатно, ако Путин и Зеленски беа жени…