Во чиј интерес е бракот помеѓу статистиката и политиката?!

Дека пописот не е идеално спроведен, сосема е јасно. Несредените евиденции, пред сѐ во матичните служби, што безброј пати беше и потврдено со конкретни примери, честите и долготрајните застои во издавањето лични документи, што исто така остана забележано по повеќе ситуации, политичките и разни други опструкции и, се разбира, пандемијата го направија своето – ги принудија надлежните пописот да го истуркаат така како што го истуркаа. И тоа е добро, бидејќи по две децении, и каков било попис е подобар од никаков. Но тоа што актерите од политиката и овој пат „длабоко пенетрираа“ во пописот и што потоа истите тие се однесуваат како актери во трагикомедија, терајќи го целиот аудиториум (читај јавност) да се смее и плаче, негодува или радува, просто е непростливо…

Токму кога ќе се помисли дека некои теми што претставуваат голема болка за луѓето што живеат на овдешните простори се апсолвирани, а заклучоците и поуките од нив треба само да се спроведат, однекаде ќе заплисне нов бран на разочарувања. Политизирањето и естрадизирањето на резултатите од, внимавајте, Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија 2021, предизвика не стихијно поплавување, туку вистинско цунами од незадоволство, во кое секој се најде „погоден“ по национална или верска основа. А поентата, да се потсетиме, беше сосема поинаква.
И ако некој има намера да реагира на фразата „овдешните простори“, нека не се истрчува, затоа што таа целно е употребена, бидејќи проблемот со пописот во Македонија „се прелеа“ и во соседните земји, каде што не само „јавноста“ туку и претставниците на државните власти си дадоа за слобода да ја коментираат состојбата на нивните малцинства во земјава. На сличен начин реагираа и некои од верските и „неверските“ заедници. А досега би требало да се знае дека ниту една власт и ниту една држава не можат да го заштитат националниот или верскиот идентитет доколку индивидуата сама не си ги гради и чува. Уште помалку тоа може да се прави преку попис, кој во случајот на Македонија се покажа како цел сама по себе, а не како статистичка операција што треба да даде реална демографска слика на една држава.
Затоа, еве веќе цела една недела од објавувањето на првиот сет податоци од пописот, во државата што се декларира како граѓанска, иако некои сосема легитимно би сакале да биде национална, а некои бинационална, што, впрочем, е и најблиску до реалната состојба, во фокусот на вниманието се резултатите поврзани со националната и со верската определба. Дури и на делот поврзан со резидентното и нерезидентното население, што поради мошне лошата евиденција на надлежните органи сигурно има голем број штетни ефекти врз државните (здравствениот, социјалниот…) фондови, му се дава, пред и над сѐ, национална конотација.
Сите тие незадоволници најавуваат нови пописи и нови пребројувања, а никој од тие што себеси се сметаат за битни фактори во државава не реагира на катастрофалната демографска слика на Македонија, која две децении се третираше како некој вид јавна тајна и сега, конечно, доби и официјална потврда. И никој од нив не бара и не нуди решенија за подобрување на состојбата.

Дека пописот не е идеално спроведен, сосема е јасно. Несредените евиденции, пред сѐ во матичните служби, што безброј пати беше и потврдено со конкретни примери, честите и долготрајните застои во издавањето лични документи, што, исто така, остана забележано по повеќе ситуации, политичките и разни други опструкции и, се разбира, пандемијата го направија своето – ги принудија надлежните пописот да го истуркаат така како што го истуркаа. И тоа е добро, бидејќи по две децении, и каков било попис е подобар од никаков.
Но тоа што актерите од политиката и овој пат длабоко ги пикнаа не само деловите од своите екстремитети туку и некои свои органи во пописот и што потоа истите тие глумат лудило и ја тераат целата јавност да се глупира е непростливо.
Треба ли да се потсети дека двајцата први луѓе на Заводот за статистика се поставени како предлог на главните политички партии, дека сите вработувања во државната служба, вклучувајќи и во Заводот, мора да ги поминат партиските филтри, дека таканаречениот Совет за статистика, составен од 13 или 14 луѓе, од кои на пошироката јавност ѝ е познат само актуелниот директор на Заводот Апостол Симовски, е избран по предлог на политичките партии, дека Законот за попис го изгласаа истите тие… И дека, според наведениот ред на нештата, истите тие решија при објавувањето на резултатите од пописот, приоритет да им се даде на податоците за националната и верската структура на населението.

А оправдување за постапката, која нема апсолутно никаква врска со европското статистичко законодавство ниту со препораките за попис на Обединетите нации, да бараат во очекувањата на јавноста. Па, јавноста очекува и повисоки плати, подобар животен стандард, поквалитетно здравство, образование, инфраструктура, животна средина…, па партиите не запнаа толку сложно да ѝ излезат во пресрет.
Време е, во ова, по сѐ изгледа свесно провоцирано лудило, да се застане на топката и да се фокусира на суштинските резултати од пописот, кои, за жал, се многу попоразителни за сите од тие што сега се политизираат, и врз основа на нив да почнат, конечно, да се планираат и спроведуваат издржани и издржливи економски и социјални политики. А во меѓувреме, до наредниот редовен попис, кој се покажа како многу тешко остварлива и мошне скапа операција, да се инсистира на навремено и реално евидентирање на сите промени како од страна на надлежните служби така и од страна на граѓаните.
Во спротивно, сето она што е суштинско за социјално-економскиот развој на државата, која според многу нешта е на европското дно, повторно ќе биде одложено до постигнување некаков нов консензус околу „партиско-националните“ приоритети.

[email protected]