Вистински домови за стари, а не алиби за мешетари

Во таа насока, во следниот период треба да се мобилизираат сите сили за ублажување и надминување на овој проблем на ефикасен и координиран начин во согласност со законите. Во таа насока е потребна и поголема координација и меѓусебна соработка на надлежните органи на централно и на општинско ниво, но и размена на искуства и со организацијата на здруженијата на пензионерите, кои одблизу ги следат и ги знаат состојбите, а имаат и свои согледувања и споредбени искуства како се третира оваа проблематика во другите развиени европски држави

Проблемот со недостиг од сместувачки капацитети за стари лица во државата постои одамна и се префрлува како нов предизвик и сега. Но на самиот почеток, еве, една вистинска приказна што сама по себе можеби и најдобро ја отсликува проблематиката што ја третираме.
Кога во осумдесеттите години, на лото во Германија ја доби највисоката премија од околу еден милион марки, еден наш сограѓанин битолчанец, без размислување одлучи да ѝ каже збогум на печалбата и да се врати во Битола, каде што би ја проживеал младоста и безгрижно би ја дочекал староста. Во тоа време беше еден од најбогатите битолчани и еден од ретките девизни милионери. Долго време размислуваше во што да ги вложи парите што ги донесе од Германија. Покрај големиот број предлози што ги добиваше, еден возрасен битолчанец, исто така повратник од странство, му предложи да ги употреби парите за изградба на старски дом како што ги има во Европа и дека тоа би му била неговата вистинска „премија“ од која ќе може да ужива цел живот, а тој би му бил првиот (пот)станар. Иако не беше многу млад по години, сепак тогаш среќниот добитник на лото од Германија ја одби таквата понуда со образложение дека тој е млад и нема што тој во цутот на младоста да размислува за староста и старите лица.
Случајот и судбината сакаа некогаш среќниот лото-добитник од Германија да ги потроши парите на убав и сладок живот и кога остана без пари и дојде во поодминати години да се смести во единствениот старски дом од отворен тип „Битола“ и таму со својата скромна пензија да ја врви староста. Но и тука не е крајот на неговото патешествие. Кога по сместувањето во домот „Битола“ мислеше дека сепак го реши проблемот, деновиве нашиот познаник доби непријатно известување од УО на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да го напушти домот бидејки истиот тој ќе се затворал.

Сега, откако се најде буквално на улица и кога нема каде да се смести, мислите му се враќаат во минатото кога со околу еден милион марки се врати во Битола и кога му предложија со парите од лото-премијата да изгради старски дом. Нашиот соговорник сега не може да си прости што не го послушал советот на повратникот од странство кога му предложил да изгради старски дом за згрижување на старите лица. Останат на улица, без покрив на главата, сега е во безизлез бидејќи од една страна списокот на лицата што чекаат легло е мошне долг, а друг старски дом во Битола нема. Судбината на нашиот соговорник веројатно ја делат уште многу стари лица што чекаат и бараат сместување во некој од домовите во државата, кои, за жал, ги има многу малку.
Како и голем број други градови во државата, и Битола се соочува со проблемот со недостиг од старски домови за сместување на старите лица. Можеби звучи морбидно, но, за жал, вистината е таа, во Битола лицата што чекаат да бидат сместени во старскиот дом „Сју Рајдер“ буквално се молат некој од станарите во домот да почине, па да се ослободи кревет за сместување. Според некои слободни процени, над 700 битолчани со месеци чекаат да се ослободи легло за старски дом.
Сега откако се затвора старскиот дом од отворен тип, познат во градот под Пелистер како хотел „Битола“, притисокот за сместување во домот за стари лица „Сју Рајдер“ ќе биди уште поголем. И, се разбира, решение за овој проблем треба да се бара, но со издржана и сеопфатна стратегија, а не со некои криминогени обиди како што имаше примери претходно, за што се отвори и судска истрага. Значи, потребни се домови за стари, но со вистински и реални проекти, а не како алиби на разни мешетари и со матни пари.
Потребата за изградба на старски дом(ови) во Битола е присутна многу одамна. Таквата потреба не ја чувствуваат само старите битолчани, кои од разни причини останале сами, туку и иселениците од Битола, кои се наоѓаат на „привремена“ работа во САД, Австралија или Канада и кои постојано кога за време на летните месеци доаѓаат на одмор во Битола и на иселеничките средби ја наметнуваа(т) потребата за изградба не на еден туку на неколку современи старски домови, во кои покрај тоа што би биле сместени, би имале услови и можности и за разонода и дружење.

Ваквиот проблем тие постојано го наметнуваа(т) преку Матицата на иселениците. Доколку таквите иницијативи би се реализирале во Битола, а и во другите градови во државата, каде што состојбата не е ништо подобра, сигурно би се вратиле голем број пензионери, кои во странство го одработиле својот работен век и решиле своите пензионерски години да ги врват во своите родни огништа, зашто со пензиите што би ги добивале од странство тука би уживале, а поради високите трошоци и скапиот живот таму тие едвај би го составувале крајот со почетокот на месецот.
Кога станува збор за изградбата на старски домови во Битола во изминатите години, речиси нема избори, било тоа да се парламентарни или локални, а да не се апострофира потребата за изградба не само на еден туку на неколку нови старски домови. Но засега сѐ уште сѐ останува само на зборови, без конкретни придвижувања на терен.
Од пред неколку години државата ја прочита потребата за изградба на детски градинки или јасли. Во решавањето на проблемот за сместување на најмладите од пред неколку години државата активно се вклучи, ја субвенционира изградбата на градинки и активно ги помага сите инвеститори што сакаат дел од своите пари да ги употребат за изградба на детски градинки.
Откако е согледана таа потреба, во Битола во тек е изградба на три детски градинки, со чија изградба ако не се реши, тогаш барем во голема мера ќе се ублажи проблемот со згрижување на децата од претшколска возраст.
Слична е состојбата и кај старите лица, кои исто така имаат потреба за згрижување и сместување. Старите лица што останале сами и кои немаат средства да обезбедат покрив над главата, за жал, поради лимитираниот капацитет немаат можност да бидат сместени во старскиот дом „Сју Рајдер“.

Проблемот со недостиг од сместувачки капацитети за стари лица постои одамна и треба системски да се решава. За жал, ваквиот акутен проблем наместо да се решава беше предмет на злоупотреба од одредени сомнителни структури

Единствениот дом „Сју Рајдер“, кој располага само со 120 легла, е недоволен за да ги згрижи сите оние битолчани и повратници од странство, кои се вратиле да ја поминат староста во својот роден град. И наместо да се размислува за решавање на овој проблем, во Битола се затвораат и тие објекти што имаа одлични услови да бидат (пре)наменети во старски домови за сместување на старите лица.
(Не)грижата за старите лица во државата најблаго речено загрижува.Ако веќе ги губиме младите поради трендот на иселувањето, не смееме да дозволиме да кренеме раце и од постарите, кои се немоќни и оставени сами на себе. Тие не го заслужуваат тоа. Во таа насока во следниот период треба да се мобилизираат сите сили за ублажување и надминување на овој проблем на ефикасен и координиран начин во согласност со законите. Во таа насока е потребна и поголема координација и меѓусебна соработка на надлежните органи на централно и на општинско ниво, но и размена на искуства и со организацијата на здруженијата на пензионерите, кои одблизу ги следат и ги знаат состојбите, а имаат и свои согледувања и споредбени искуства како се третира оваа проблематика во другите развиени европски држави.