Тројанскиот коњ во ЕУ

Лицемерно манипулирајќи со европските вредности и историските факти, Бугарија всушност настојува да реши „две муви со еден удар“ – да ги реализира санстефанските амбиции за голема Бугарија (со асимилација на Македонија и Македонците) и да ги испере своите големи грешки во „костим на тројански коњ“ од својата реална историја, како некогаш „најпослушниот советски сателит“. Во вакви околности, најголемата опасност на европскиот пат за Македонија се чини тоа што е оставена од ЕУ и меѓународната заедница да зависи од уцените на најлошиот можен пример во ЕУ во секоја област, каква што е всушност Бугарија, која со своето однесување и политики е и најголема опасност за самата Унија

Користејќи го мигот на актуелниот руско-украински конфликт со геополитички размери, Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот дел од македонско-бугарската комисија, сугестивно и драматично, со извежбана умешност во замена на тези, подметнувања, инсинуации и прикривање на сопствените гревови, упати „предупредување“ до ЕУ и САД дека доколку Македонија и Србија бидат примени во Унијата ќе бидат „тројански коњи на Русија“. Како во филмскиот трилер во кој вистинскиот крадец го пренасочува вниманието од себе, извикувајќи „држете го крадецот“, бугарскиот претседател на историската комисија порачува: „Не може да има светла иднина без јасно минато. Не може до бескрај да има ‘почетоци’!“ Пораката е упатена до САД и ЕУ, да го пренасочат својот притисок во македонско-бугарските преговори за националноисториските уцени што како европски услови ги испорачува Бугарија кон Скопје, претставувајќи ја официјална Софија како жртва на „критики, кои всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито, и тоа идеолошко наследство, кое е апсурдно далеку од научната прецизност, политичката коректност и европската вредности“.
И понатаму се покажува дека нема значителни поместувања во бугарската стратегија на уцени за македонските евроинтеграции, базирана на селективна меморија за сопственото минато, и покрај настојувањата да се прикаже некаков позитивен исчекор со формирањето уште пет-шест работни групи (комисии) за билатерална соработка меѓу Македонија и Бугарија. Во стандардното подметнување од Софија на „теоријата“ за Македонија (а сега веќе и за Србија) како „коминтерновска творба“, бугарските „научни теоретичари“, сепак, не можат да ги избришат фактите и перцепцијата за долгата традиција на Бугарија како тројански коњ на тоталитаристичките (гео)политики низ историјата.

Дури ниту како членка на ЕУ, Бугарија никако не може да ја искине етикетата ниту за „најпослушниот советски сателит“ од 1945 до 1990 година, ниту пак онаа за погрешно избраната страна на историјата за време на Втората светска војна. Лицемерно манипулирајќи со европските вредности и историските факти, особено кога искажуваат „искрени и роднински желби“ за прием на Македонија во ЕУ (но само ако прифати дека заедничката историја е бугарска), Бугарија всушност настојува да реши „две муви со еден удар“ – да ги реализира санстефанските амбиции за голема Бугарија (со асимилација на Македонија и Македонците) и да ги испере до непостоење големите грешки во „костим на тројански коњ“ од својата реална историја. Овој пат тоа го прави со политички уцени, не пропуштајќи ниту една геополитичка ескалација на односите за извртување на состојбите и фактите во интерес на своите фикции и конструкции.
И покрај тоа што со формирањето повеќе работни групи за соработка меѓу Македонија и Бугарија (во рамките на Договорот за добрососедство од 2017 година) требаше да биде оттргнат фокусот од проблематизирањето што произлезе од работата на историската комисија, се чини дека секаков напредок на другите комисии е залуден без „потврдата“ од историската комисија. Имено, анализата на претседателот на бугарскиот дел од комисијата, Димитров, беше објавена токму во денот (10 март) кога повеќе работни групи од македонско-бугарскиот процес на приближување и соработка одржуваа состаноци и потпишуваа договори во Софија. Македонскиот министер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, по тој состанок оптимистички оцени дека „напредокот меѓу Скопје и Софија од јануари досега е постојан и интензивен“. Меѓу другите области за соработка и споделување искуства во интерес на забрзување на македонските евроинтеграции, како особено симптоматична се издвојува онаа за размена на искуства во борбата против корупцијата.

Министерот Маричиќ оваа размена на искуства ја аргументира со позицијата дека „ние преговорите со ЕУ ќе ги започнеме со отворање на 23-то поглавје, во кое спаѓа борбата против корупцијата, а на тоа поле од Бугарија како земја-членка на Европската Унија има што да се научи“. Иако понатаму од објаснувањето на Маричиќ станува јасно дека станува збор повеќе за практични техничко-технолошки искуства, во делот на електронското правосудство, намалувањето на човечкиот фактор низ судските предмети и ставање на дигитализацијата во целосна функција на брзо и праведно решавање на случаите во корист на граѓаните, унапредување на затворските системи…, преземањето искуства од Бугарија за борба против корупцијата, кога се слуша со „европски уши“, може да прозвучи сомничаво и контроверзно. Имено, Бугарија и покрај тоа што по осум месеци и три изборни циклуси минатата година доби влада што ветува остра борба против корупцијата, сепак и понатаму е земја со најголема стапка на корупција во Европската Унија. Во американските процени за ризик од руско влијание во земјите од Источна Европа, Бугарија е меѓу оние што се на списокот на сомнителните, токму поради високата корупција. Македонија, сепак, не се споменува на тој список за корупциски ризик од руско влијание.
Најголемата опасност на европскиот пат за Македонија се чини тоа што е оставена од ЕУ и меѓународната заедница да учи од најлошите ученици (како на пример Бугарија) за европски вредности во Унијата.